Отворањето на границите без никакво ограничување и почнување со работа на аеродромите не е политичка одлука донесена во пресрет на изборите, рече премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција во Владата. Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека вчерашната одлука од 26 јуни влезот во земјава да биде без ПЦР тест и изолација, а од 1 јули да се отворат аеродромите во Скопје и Охрид, е донесена по анализите и препораките на Комисијата за заразни болести.
„Отворањето на границите го најавуваме подолго време во зависност од препораките на Комисијата за заразни болести за состојбата со вирусот кај нас и во другите земји. Ова е момент кога треба да ги отвориме границите за да имаме слободен проток на граѓани и стоки. Европската унија ги отвори границите за држави членки и од 1 јули се најавува отворање и за трети земји, меѓу кои се и државите од нашиот регион. Мора да научиме да живееме со вирусот. Оваа одлука не е во корелација со изборниот процес или друга политичка одлука, туку врз основа на проценките на Комисијата за заразни болести“, рече Спасовски.
Тој ги повика граѓаните на 15 јули да излезат на изборите и да гласаат, притоа почитувајќи ги сите мерки и протоколи за заштита од коронавирусот.
„Процесот на гласање не ги изложува на ризик граѓаните доколку ги почитуваат мерките. Гласањето и задржувањето на гласачкото место трае од 3 до 5 минути, што е помалку отколку пазарењето во маркет. Да го искористиме граѓанското право и да создадеме демократски институции. Организирање фер и демократски избори е приоритет на оваа преодна влада. Секое прекршување на мерките и секоја злоупотреба на државните ресурси за партиски цели ќе биде санкционирано“, рече Спасовски.
Од денеска почнува изборната кампања за предвремените избори кои ќе се одржат на 15 јули, среда. На 13 и 14 јули ќе гласаат болните, изнемоштените, заразените со КОВИД-19 и лицата кои се во изолација.
А. АНТЕВСКА