1 Во кое поглавје од преговорите за влез во ЕУ стои обврската да си го прилагодиш националното чувство и јазикот според барањата на некоја земја членка? И тоа не како се чувствуваш – сега, туку како се чувствувале или биле запишани твоите претци пред 100 години, кога немале македонска држава и биле граѓани на друга држава. Јас мислев дека членството во ЕУ ќе ни зависи од реформи во судството, од почитување човекови права, од ефикасно владеење на законите, од слободна трговија, образование, здравство, животна средина… Ај да те блокираат и ако имаш некој територијален спор, нерешена граница… Ама ете, можело да не ти дозволат ни да почнеш преговори поради национално чувство од пред 100 години, кое патем е туѓа перцепција.
Претседателот на Бугарија Румен Радев изјави дека „Бугарија е одговорна членка на ЕУ и нема да дозволи нерешени билатерални прашања да го нарушат единството на Унијата“.
Значи, тоа било работата. Бугарија ја заштитува Европската унија од нас. Да не се Бугарите, Европа ќе настрада. Македонците ќе го нарушат европското единство ако не признаат дека имаат бугарски корени и ако самите не си го испоганат јазикот кој го зборуваат и на кој творат со векови.
Ако баш националното чувство е клучно за почеток на преговори со ЕУ, што порака ни испраќа Европската унија? А што се Бугарите повредни од луѓето со друга етничка припадност кои исто така сакаат да влезат во клубот? Да не се некоја надраса, некоја чиста нација, некои ариевци? И после се лутат оти нѐ потсетуваат на фашизмот. Ама, сеедно. Тие си се комотни во таа улога. Затоа што партнерите во ЕУ тоа им го одобруваат.
Нејсе. Бугарите ќе стават вето за влез на Македонија во ЕУ, а другите 26 земји ќе си го прифатат ветото. Не се согласувале, ама не можеле ништо оти имале консензус во елитниот клуб. Нека извинат тие што не се чувствуваат Бугари. Тие не заслужуваат да влезат во ЕУ.
2 На крајот на краиштата, баш ми е гајле што изјавиле Румен Радев, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов. Проблемот е што Европската унија во која уште гледаме некој добар модел и пример за демократија, добро владеење и благосостојба легитимира практика една држава да бара од друга држава и од цел еден народ да се откаже од идентитетот.
Навистина, не ми е јасно за што преговараат тимовите од двете држави? Што значи, на пример, фразата: „направен е извесен напредок“? Или „направени се некои отстапки“? Што отстапки? Што има тука да се преговара? И што има тука да се отстапува? И што е најважно – Каква врска има тоа со иднината? Каква врска има тоа со проширувањето на Европа, со регионалната стабилност и со просперитетот на Балканот?
Зоран Заев може колку сака да биде оптимист, а Бујар Османи може цело време да ја спушта топката, ама ако Европската унија не нѐ сака само затоа што сме Македонци и зборуваме македонски јазик, тогаш стварно не знам зошто толку ние би се вознемирувале што изјавиле Радев или Захариева. Тие што признале дека имаат бугарски корени си извадија бугарски пасоши. Веќе се во ЕУ. Утре можат и да им гласаат на избори во Бугарија, па и да се кандидираат таму да водат политика. Ама, нема белким ние што останавме тука цел живот да го потрошиме во докажување на Бугарите што сме, кои сме и каков јазик зборуваме.
Во НАТО сме. Зарем ѝ прилега на земја-членка на НАТО да си го губи времето во глупави дискусии за ДНК-то и пијани расправии чии биле народните песни? Ете, рамноправни сме и со Бугарите во НАТО. Ако ги нападне некој нив, како НАТО партнер ќе одиме да ги браниме. Не дај боже нас некој да нѐ нападне. Ќе дојдат тие да нѐ бранат, па пак ќе нѐ окупираат.
3 Стварно не знам на што уште се надева Заев од Бугарија? Ќе оди да се гушка, да се бацува со Бојко Борисов? Како може да се гушкаш со некој што те тепа? А европските другарчиња стојат настрана и гледаат сеир.
Рекоа ли Бугарите „не“ за Македонија оти „во оваа етапа не можеле да кажат ‘да’“? Рекоа. Рекоа ли Бугарите „Не!“ за проширувањето на ЕУ? Рекоа? Ако ЕУ дозволува да се отвараат дебати за идентитет, самоопределување и историја, не само што нема да има проширување, туку ќе се поткопа и клучниот принцип врз кој се заснова идејата за слободарска обединета Европа изградена на темелите на антифашизмот.
Дали ветото во ЕУ треба да се оправда? Или причини за вето можат бесконечно да се измислуваат, па макар биле и глупави? Има ли ЕУ проблем со ветото на Бугарија? Нема. Ние имаме. Штом е така, тогаш дај да си бараме чаре, да отвориме дискусија, да видиме како ќе живееме надвор од клубот.
Патувај Европо, не нѐ чекај. Ќе дојдеме кога Бугарија ќе биде спремна да каже „да“. Довиждане.
4 Бугарскиот претседател Радев вели дека „не може да даде европска легитимација на омразата кон Бугарија“. Е па, ај сега со сила да ги засакаме.
Тоа што нивниот цар и власта во Втората светска војна биле сојузници на фашистичка Германија и како окупатори вршеле насилна бугаризација на овие простори, не ги спречува луѓето од двете страни на границата да си се сакаат, да си се среќаваат, да си тераат бизниси, да си одат на скијање, на летување, на лекување, по свадби, по крштевки, по погреби… Како што поминува времето, како што изумираат партизаните и современиците на бугарската фашистичка администрација, се отвара простор за нови односи, за соработка, за иднина, па и за љубов.
Поминале 80 години кога можеби не сме се сакале како што треба. Ама ете, имаме Договор за пријателство, потпишан пред три години. Во него сѐ си е напишано. Дошле нови генерации и Договорот дава можност за нов почеток. Ама, ветото не е баш добар почеток за љубовна врска.
5 Се сеќавате во што се претвори ВМРО-ДПМНЕ кога Грција ни стави вето за НАТО во Букурешт во 2008? Мене не ме загрижува толку ветото на Бугарија, колку што ме загрижува дека сега СДСМ ќе се претвори во ВМРО-ДПМНЕ.
Гледајте што се случува сега, среде здравствена криза, кога нема места по болниците, доаѓа неизвесна зима, луѓе остануваат без работа, фирми немаат пари да поделат плата… а СДСМ и ДУИ наоѓаат време да си ги распоредуваат кадрите – јас тебе ова директорско место, ти мене она директорско место. До вчера ова беше на СДСМ, сега мора да биде на ДУИ. До сега Албанец водел, ај сега малку Македонец. Таму ќе може да краде, таму нема да има од каде да краде. Таму ќе дава тендери на нашите, а таму ќе може да прима на работа од нашите.
Кај освои ДУИ 15 пратенички места, многу директорски места си отворија, а не можат да ги пополнат. Ама што да правиш – запнале, па за мир во куќа некого ќе префрлуваат, некого ќе унапредуваат, некого ќе вработуваат.
Тоа местото неизвршен директор на Телеком изгледа ептен по заслуга се добива, па кадрите се менуваат по систем на ротација. Ај вие досега што примавте добра плата без да работите малку одморете, ќе дојде сега друга тура. Како ли само таму си го најде местото министерката за финансии Нина Ангеловска? Зошто да си го троши времето за фиксна плата кога има успешна фирма?
За да бидеш неизвршен директор на Телеком треба да имаш богата кариера. Има ли некој посоодветен од Садула Дураку од ДУИ. Кој бил наставник во Липково. Па командант Вентили. Па заменик-директор на Царина. Па министер за земјоделство. Па пратеник. Па градоначаалник на Општина Липково. Па директор на Агенција за развој и инвестиции. Па министер за животна средина. Па вицепремиер за политички систем. При таква сестрана личност во партијата како Садула, не знам зошто ДУИ имаше проблем да најде кандидат за премиер во кампањата. А башка знае и интернет експлорер.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST