2+2=5

Дури и списоците во партиите за вработувања во државни институции се прават со поголема посветеност отколку што кај нас се правело планирањето за набавката на вакцините

2+2=5

1 Кај нас ниту една работа не може да се заврши без драма. И драмата мора да биде етничка. Па така и пописот, што треба да се изведе во април. Сѐ мора да биде со катастрофични фантазии, со предавства на државата, со крај на светот. Па за да го спречи тоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе го мобилизира членството да се потпишува за да го поништи Законот за попис. А ДУИ преку пратеникот Арбр Адеми се закани дека нема да ги признае резултатите од  пописот ако излезе дека Албанците се под 20 проценти.

Секаде пописот е редовна статистичка операција за реално пребројување на сѐ што има во државата, за да може да се вршат планирања за развој. Само кај нас пописот се сфаќа како операција исклучиво за пребројување меѓу Македонци и Албанци.

Па ако е така, тогаш ај воопшто и да не правиме попис. Ако и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев велат дека никој нема намера да чепка во стекнатите права на Албанците, ако ДУИ вели дека нема да го признае пописот ако Албанците излезат под 20 отсто, а ВМРО-ДПМНЕ дека нема да признае ако Албанците излезат над 25 отсто, тогаш нека седнат, нека се  испазарат. Кога веќе со пописот се фокусирани на етничката, а не на реалната потреба од пребројување, дај барем да не трошиме пари. Еве, дај си рака. Нека бидат 22,5 отсто.

Како никој не се вознемири и рече дека нема да ги признае резултатите ако излезе дека, на пример, има помалку градинки, училишта и болници отколку што треба според бројот на жители и според старосната структура? Како никој не се закани дека ќе го поништи пописот ако излезе дека бројот на општински службеници е несразмерно голем во однос на граѓаните што живеат во општината? Како никој не се загрижи дека без податоци од пописот државата не може да го планира развојот? Ама, кому му е гајле за плановите на државата?  Најважно е како партијата да испланира колку кадри може да вработи на државна сметка ако победи на избори.

Пописот е основна математичка операција. Два и два се четири. И навистина е збунувачки зошто резултатот од пребројувањето на крај мора да биде биде заверен со два врзани потписа – еден македонски и еден албански. Што значи тоа? Дека едниот може да не се потпише ако два и два се четири, а  партискиот и етнички есап требало да покаже дека се пет!?

Никола Груевски и Али Ахмети беа осомничени од СЈО дека во 2011 година се договориле да го прекинат пописот и ја оштетиле државата за 14 милиони евра. Ама, бидејќи со новиот закон бомбите веќе не важат, поради немање докази истрагата беше прекината и затворена. Еве му сега шанса на Али Ахмети да го повтори делото.

2 Вакцини за ковид-19 уште немаме. И не се знае кога и кај нас ќе почне вакцинирањето. Излезе дека и овие малку што ни ги понуди Србија, не можеме да ги донесеме.

Не се разбирам во процедурите за носење лекови во државава. Ниту кога треба да се регистрира, ниту како оди регистрацијата, ниту што е интервентен увоз, ниту дали мора да се купат со јавна набавка или со директен договор, ниту што е МАЛМЕД, ниту од која партија е директорот на МАЛМЕД, ниту дали имаме претставништво на фармацевтска компанија тука, или нема, ниту дали треба да се менува закон, или не мора… Зошто сите овие работи би требало да ги знае просечен граѓанин? Факт е дека вакцини нема, дури ни за симболичен почеток на вакцинирање.

Да требаше итно да се најде директорско место за член на ДУИ и да се ротира со кадар на СДСМ, или обратно, тоа веќе ќе беше завршена работа, ќе се сечеа торти во канцеларија. Дури и списоците во партиите за вработувања во државни институции се прават со поголема посветеност отколку што кај нас се правело планирањето за набавката на вакцините. Не може дури сега да дознаваме дека се потребни измени на закони, а за вакцини збориме од лани, од март.

Да се разбереме. Јасно ми е дека насекаде низ Европа имаат проблеми со вакцинирањето. Ама, за разлика од нас, немаат проблем со сопствените закони и институции. Тие имаат проблем со испораките од „Фајзер“. А ние имаме проблем сами со себе.

3 Познавајќи го табиетот на политичките елити, со неверување ги прифаќам и најавите од скопската Општина Аеродром, која на девет месеци пред локалните избори најавува серија проекти што ќе бидат со европско знаменце.

Градоначалникот Златко Марин, во последната година од неговиот мандат најави и дека ќе се формира јавно претпријатие за развојни проекти од локално значење за да може да се реализираат проектите.

Од сите најавени проекти за овој верувам дека сигурно ќе се оствари. Што убаво име му дале. Јавно претријатие за цветање илјада цветови. Ново јавно претпријатие – нови вработувања. Ќе процвета Аеродром. Само да обезбедиме плата на државна цицка за уште некој докажан партиски кадар.

4 И градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети, во последните месеци од мандатот излезе со проект за слободна туристичка зона кај езерото Треска.

Комплексот Езеро Треска беше изградено со самопридонес на граѓаните на Скопје во 1970-те години. Беше со сите тертипи – езеро, мали базени, плажа, кабини за пресоблекување, магацин за мали чамци, ресторан, тушеви, спасувачи… Плус и дизајнирано по светски стандарди. За жал, како што бидна со многу други објекти од тоа време, и овој комплекс од прогласувањето на независноста на државата беше целосно запуштен.

Беџети е познат по тоа што се закануваше дека ќе распише референдум дали да ги легализира дивите платформи во заштитеното подрачје на Матка. Така што, овој проектот за слободна туристичка зона, веројатно ќе биде најслободен. Слободно да гради кој што си сака. Ќе имало хотели. Синким ќе одат да летуваат на езеро Треска. Ќе прават згради за живеење и трговски центри до езеро и река среде природа.

Тажно е дека тоа што било запуштено како урбан комплекс сега ќе се уништи како природа. А најтажно е дека тоа уништување уште и ни го продаваат како развој.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира