Сѐ уште нема дневен престој или целодневна настава во најголем број од училиштата во земјава за учениците од прво до трето одделение кои поради коронакризата се единствените кои посетуваат настава со физичко присуство. Родителите на овие ученици во цела држава револтирано секојдневно реагираат со е-пошта до институциите, до медиумите и на социјалните мрежи профилите на Општините и градоначалниците, дека ќе ги изгубат работните места или дека се принудени да плаќаат едукативни центри и жени за чување. Нервозата е сѐ поголема, бидејќи вработените од државната администрација од 1 февруари треба да се вратат на работните места.
Владата на 29 септември одобри да има дневен престој во училиштата кои од 1 октомври почнаа настава со физичко присуство, со препорака продолжениот престој да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.
Учениците, согласно протоколот од Комисијата за заразни болести се поделени по групи, со максимум 15 ученици во една група и настава посетуваат во смени. Но, поради скратеното времетраење на часовите, во скопските училишта учениците завршуваат со настава уште во 10:30 часот. Во тој период ретко кој вработен родител може да излезе од работа и да си го земе детето, па се ангажираат баби, дедовци, комшии, пријатели или мора да се плаќаат едукативни центри или дадилки.
„Моето дете посетува настава со уште 10 деца во група. Но, нема кој да ми го чува, јас и сопругата работиме во приватен сектор, не смееме да излеземе од работа и принуден сум да плаќам 6.000 денари да оди во едукативен центар. И која е поентата на немешање деца, кога таму се меша со уште 20 деца од 20 школи од Скопје?“, вели 41-годишниот Д. М. од Скопје, додека друг татко исто така додава: „Ако вака продолжат, ќе бидам принуден да го оставам во 8 часот на училиште и да си го земам во 16 часот. Финансиски сме исцрпени“.
„Од октомври досега за чување на детето платив колку за годишен одмор, а кај е допрва јуни“, вели мајка на прваче, додека пак друга кажува дека добива закани оти ќе го изгуби работното место и да се врати на работа кога ќе ѝ порасне детето.
„Шефот ми вели или да си платам жена за чување или да си дадам отказ, не можело од дома да работам“, вели вработена во државна администрација.
„Угостителските објекти веќе работат до 21 часот. Не гледам причина зошто не би можело да има продолжен престој во училиштата каде што се носат маски, се почитува дистанца, а во кафеаните не е задолжително да се носи маска, а дистанцата помеѓу 4 лица на една маса е помала од еден метар“, стои во една реакција до нашата редакција.
Општина Аеродром е една од ретките општини во која има организирано дневен престој во основните училишта за второто полугодие од учебната година 2020/2021 .
„Основните училишта на територијата на Општина Аеродром организираат продолжен престој за учениците од прво до трето одделение. Продолжениот престој е организиран и се опфатени сите ученици од иста паралелка во текот на целиот престој, согласно Упатството донесено од Министерството за образование и наука и здравствените протоколи на Министерството за здравство“, велат од Општината за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Општината Карпош, пак, вели дека до овој момент не се организираше продолжен престој / целодневна настава затоа што постоечките протоколи не овозможуваа мешање на деца од различни групи и училиштата немаа капацитети за безбедно да го спроведат продолжениот престој.
„Во овие моменти, Општина Карпош преку Одделението за образование прави консултации со Министерството за образование и наука (МОН) и Комисијата за заразни болести, за од први февруари да се овозможи продолжен престој во десетте основни училишта. Секако, примарна е заштитата на здравјето на децата, наставниот и административно-техничкиот кадар на образовните установи. Продолжениот престој ќе се овозможи единствено ако се создадат услови истиот да се спроведува безбедно, без закана за ширење на вирусот. Сепак, ја разбираме потребата на родителите и овие денови сме фокусирани за наоѓање на решение“, ни рекоа од кабинетот на градоначалникот Стефан Богоев.
Во Охрид ниедно училиште нема дневен престој затоа што не постојат услови, но од друга страна, како што ни рекоа од Општината, досега ниту еден родител не побарал.
„Во Тетово има три училишта во кои има дневен престој но тие не работат. Причина – сѐ уште немаат одобрение за работа во услови на ковид-19“, велат од Општина Тетово.
Од Општина Битола велат дека на почетокот од учебната година, од Министерството за труд и социјална политика пристигна соопштение во кое се наведува дека поради состојбата со ковид-19, не смеат да се мешаат ученици од 6-10 години од различни паралелки во дневен престој.
„Согласно таквата одлука, дневните престои не профункционираа. Од друга страна, со дозвола на градоначалничката Наташа Петровска, како и со одлука на директорката на ЈОУДГ ‘Естреја Овадија-Мара’, Лидија Тфирст-Митревска, функционира само еден дневен престој во градинката ‘Вангел Мајорот’, за 7 ученици од 1 одделение, кои учат заедно во исто училиште, во иста паралелка и кај иста учителка. Општина Битола и натаму ќе ги следи и почитува мерките и препораките дадени од надлежните институции“, ни изјавија од кабинетот на Петровска.
Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша Министерството за образование и наука и Министерството за здравство дали се размислува за промена на протоколите со оглед на актуелната состојба на ковид-19, која според здравствените власти е стабилна.
Од МОН повторуваат дека Владата во септември одобри организација на продолжен престој и истакнуваат дека понатаму, организацијата на продолжениот престој е во надлежност на општините и на самите училишта.
„Веруваме дека секаде каде што има можности и се исполнети условите за организирање на продолжениот престој, се излегува во пресрет на учениците и нивните семејства“, ни изјавија од кабинетот на министерката Мила Царовска.
Од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче велат дека второто полугодие ќе продолжи со истите мерки и препораки како и досега, онлајн со исклучок на учениците од прво до трето одделение кои посетуваат настава со физичко присуство во училница.
„Протоколите се точно димензионирани согласно капацитетите на училиштата за спроведување на планот и протоколите на МОН и се спроведуваат со одобрување од родителите. Доколку продолжи да се стабилизира епидемиолошката ситуација, можно е во иднина да се донесат промени во овие одлуки“, додаваат од Министерстовот за здравство.
Б. НЕСТОРОСКА