СОФТВЕР ЗА АРАЧИНОВО

Ве молиме, најевтиното и најквалитетното оружје да ни го доставите во најбрз можен рок

СОФТВЕР ЗА АРАЧИНОВО

1 Кога премиерот Зоран Заев отвори дебата за широка коалиција и можноста и ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од власта, си помислив дека му треба поддршка за нешто револуционерно. Дека можеби треба да вложиме многу пари за развој на вакцина против ковид-19 која ќе биде ефикасна и против некој автохтон македонски сој на вирусот. Или, дека ќе го задолжиме светот со развој на лек против ковидов. Или дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ конечно ќе постигнат консенсус за револуционерни стратегии за развој на државата. Ќе отворат многу битни прашања од областа на енергетиката, спас на водите, глобалното затопување… којзнае што ли смислил. Кога, тоа да било за да си ги поделат партиските вработувања. Еднаш засекогаш.

Еве како Заев ја замислува департизацијата на администрацијата и на судството: „Кога сме двете страни внатре во Владата, нема СДСМ и ВМРО да ја партизираат администрацијата. Да, ќе се вработуваат и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, но кој ќе победи на конкурсот како најдобар, по критериум, по нормативи. Клиентелизмот во судството и јавната администрација ќе го снема кога ќе бидат сите во власта. На кој ќе изиграваат клиенти, на кого ќе гледаат да му угодат кога сите се внатре“.

Аман бе, уште колку луѓе треба да се вработат во таа државна администрација за да се задоволите? Свесни ли сте дека има и други луѓе во државава? Ај вработувањата. Туку, уште пострашно е што Заев ова го кажа без око да му трепне. Најнормално. Бесрамно признание дека на конкурсите поминуваат само партиски кадри. Дека државата е плен за партиите, па ај сега да се договориме како да си го поделиме пленот.

Што порака праќа премиерот до луѓето што не се во партија и на кои им се обраќаат само пред избори, оти нивните гласови се пресудни кој ќе победи? И тие да си земат партиски книшки? Или не мора. Само данок нека плаќаат. Па јас навистина помислив дека Заев го повика ВМРО-ДПМНЕ за заедно да владеат за општа корист. За доброто на сите. А не за да ги вработат на државна плата лепачите на плакати и лошите студенти. Оти тие што се стручни, или си заминуваат, или некој им ја цени стручноста во приватни компании. Ама, како што им стана нормално да ја делат државата на „наши“ и „ваши“, не би ме чудело и да постигнат консензус. На добар пат се да донесат закон со кој и на приватните фирми ќе им наложат да вработуваат со партиски книшки.

2 Најавената кампања за борба против корупцијата ќе има смисла исто толку колку што има смисла оваа реченица со која ја усвоиле на владина седница: „Карактеристика на едукативните кампањи ќе биде пропорционалност и рационалноста во соодветното искористување на ресурси кое ќе гарантира дека вложените средства и ресурси ќе бидат насочени на ефективен начин за да се предизвика соодветна општествена промена за која нема дилеми дека е неопходна“.

Ова што го прочитавте има смисла исто толку колку што има смисла кога Драги Рашковски ќе даде идеја за софтвер, а Владата ќе го купи софтверот за 81.000 евра додека истиот Рашковски е владин генерален секретар. Софтверот е купен за потребите на МВР. А на МВР не му треба. А премиерот Заев вели дека софтверот сигурно некому му требал штом го набавил. Па Рашковски уште и се навреди оти го напаѓале оти имал идеи.

Во владината кампања за борба против корупција, а богами и во кампањата „Европа дома“ ова се објаснува како “соодветно искористување на ресурси кое ќе гарантира дека вложените средства и ресурси ќе бидат насочени на ефективен начин, за да се предизвика соодветна општествена промена за која нема дилеми дека е неопходна“.

Преведено на македонски јазик тоа значи – нема бегање од борбата против корупцијата. Под притисок на кампањата сега и Оливер Спасовски ќе мора да му најде примена на софтверот за кој не ни знаеше дека постои.

3 Кога веќе Рашковски имал идеја за софтвер за сообраќајни прекршоци за МВР, како ли не му текнало и за некој софтвер за регистер на даночни обврзници во Општина Арачиново? За разлика од МВР, на кое софтверот не му треба, на Арачиново ќе му треба. Четири години СДСМ има своја градоначалничка во Арачиново, а Општината нема собрано ниту еден денар од данок на имот. Па уште Владата им даде и пола милион евра од државниот буџет. Онака, да им се најде за трошок. Не дека не им требаат пари – сигурно им требаат. Ама па, нешто и да присобереа да придонесат за себе. Барем за својата општина да уплатеа. Како ли тие луѓе продаваат и купуваат имоти? Како вадат имотни листови? Во други делови од државата не можеш да направиш трансфер на имот со стара неплатена сметка за телевизија.

Со нетрпение очекувам како Заев ќе ни раскажува приказни за прогресивниот данок. Колку тоа било социјалдемократско, па праведно, па фер оданочување…  Велат, како во Германија, во Шведска… Да, де. Тоа е праведен данок.  Ама во држава што си ги собира парите од сите. Нека ми најдат некоја покраина во Германија, каде што луѓето не плаќаат ни данок на имот, ни ДДВ. И нека не се вадат на национална основа. Таму Ангела Меркел не се правда дека во пола држава не може да си го собере данокот, оти „има насилие“. За какво фер оданочување ми продава приказни во држава во која има граѓани од прв ред – што не плаќаат, а користат од државата, и граѓани од втор ред – што плаќаат, а не користат? Тој не оданочува данок на имот, а ќе ти оданочува данок на труд!?

На следните избори СДСМ нека оди со слоганот: „Уништи ги чесните, избркај ги успешните“.

4 Нема вакцини. Доцнат и којзнае кога ќе дојдат. Владата направи грешка. Веруваа на Ковакс системот на СЗО и се крстеа во солидарноста од ЕУ.

Е сега, колку биле способни, или неспособни допрва ќе цениме. Ова е војна. Светска војна е. Одиш на работа, се враќаш дома и се плашиш дека најблискиот ќе те убие. Во војна се губат животи, се осиромашува, се губат работни места, пропагандата те излудува, разни профитери те измамуваат…И сите купуваат оружје. Брзаат кој прв ќе го развие, кое ќе биде помоќно, кој прв ќе го набави. Сега оружјето се вакцините. Земјите што ги имаат вакцините си го мерат оружјето. Европската унија ја губи битката од САД и Велика Британија, Русија не седи со скрстени раце, Кина те уценува со кои фирми смееш да работиш, Бајден ти вика ќе ви дадеме вакцини кога ќе завршиме со нашите… Сѐ се измести. Секој се снаоѓа како знае и умее.

Како замислувате јавен повик за набавка во војна? Ве молиме, најевтиното и најквалитетното оружје да ни го доставите во најбрз можен рок. Па после ќе чекаме да заврши жалбената постапка и ќе склучиме договор.

Во војна секој се снаоѓа како знае и умее да спаси глава. И не е смешно оти Заев пробал да набави вакцини и преку дипломатија и преку тајни служби. Израел ѝ плати на Русија 1,2 милиони долари да испрати вакцини во Сирија за да се трампа со една затвореничка. Кој го договори тоа? Фејсбук заедницата?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира