1 Што правите? Еве ништо, мај дојде, пролетта уште не запролетила, а ние ги шкртаме деновите до истекот на ултиматумот што Мицкоски му ги постави на Ковачевски – да си се нацртал на состанок за предвремени избори, инаку ќе видиш ти.
Е што ќе види? Кога Мицкоски ќе се закани дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе прави активна блокада, има ли нешто досега невидено? Ова досега беше пасивна блокада? Па ВМРО-ДПМНЕ ја блокира државата уште од ноќта на долгите ножеви пред Државната изборна комисија на 17 декември 2016 кога им цртаа некролози на странските амбасадори во земјава. Блокадата продолжи и во јануари, февруари 2017 кога Груевски си ги трампал плацевите за станови, за после да ги вика сопартијците да не седат дома во папучи, да им ги кршат главите на пратениците на СДСМ и на новинарите во Собранието за да не му се откријат криминалите. Тие блокади траат и до денеска. Ќе блокираш закон за наставници, па после ќе ги вадиш наставниците на штрајк. Паметите ли кога ние сме имале функционално Собрание?
Плус, каква пракса на политичка култура се негува во земјава, ако тие што нема да успеат да состават влада цело време работат на блокада на државата? Утре ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, па после СДСМ ќе прави блокади? А ние будали, ќе ги плаќаме од буџетот. За да ни го блокираат нашиот живот.
Лесно му е на Мицкоски да блокира закони со кои ќе им се комплицира животот не само на тие што гласале за власта, туку на сите граѓани, па и на гласаачите на неговите пратеници, додека нему му тече ем државната плата на факултет, ем му стигаат приходи од приватниот бизнис со струјата, ем од буџетот му ја финансираме партијата за чија палата со години не плаќале данок на имот.
И тоа што Мицкоски зборува во името на пратеничката група, а самиот не е избран пратеник, не е ништо ново. Сме ги виделе пратениците и досега дека не гласаат по своја совест. Мицкоски им вика – јас сум вашата совест. Ама што правиме со сите оние умни глави што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со ултиматум ги нуди да ја спасуваат земјата од кризата? Ниту еден од нив нема храброст да му рече: Ало претседателе, ако сме опозиција не мора да бидеме деструктивни. Толку ли му се плашат дека ќе ги избрка од партијата? Па што ако ги избрка? Ако се толку стручни да спасуваат цела држава од криза, сигурно ќе се снајдат во животот и без милоста на лидерот. Па со тој себап, и за државата ќе направат нешто корисно. Кога ја нудат својата експертиза, кому ја нудат – на државата, или на СДСМ? Или само за ВМРО-ДПМНЕ се стручни, па ако Мицкоски не е премиер, нека пропадне државата. Патриоти ли се, или вмроти?
2 Мицкоски, заедно со заканата за активна блокада што треба да ја испорачаат неговите пратеници, се закани и дека „следуваат досега невидени мерки“. Единствени, досега невидени мерки би биле ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се откажат од дневниците и од патните трошоци додека го блокираат Собранието. Оти се избрани и примаат плата за да работат, а не да не работат.
Башка, како запнал Мицкоски за предвремени избори, чиниш Груевски веќе купил карта за враќање од азилот во Будимпешта.
3 Луѓето во Македонија се одушевуваат на цврста рака. Попрво со страв би го шепкале името на лидерот отколку да преземат лична одговорност за своите постапки. Полесно е. Ако имаш страв од лидерот, тоа значи дека имаш обврска кон него затоа што си му дозволил тој да ти го средува животот . Тоа е најдолен вид на клиентелизам и граѓанска свест рамна на нула. Најди си државно работиче, земај си редовно државно платиче, искористи си го одморчето, плати си некоја паричка да ти завршат работа, а секако и за тебе ќе капне нешто од страна. Дал Господ, ама дала и партијата. А за слобода и демократија, баш ти е гајле.
Ова е описот на менталната матрица на македонската посткомунистичка транзиција што трае 30 години. И најдобар одговор зошто тука виреат султан партии.
4 Помина уште еден 3 Мај, ден кој во демократскиот свет се одбележува како Меѓународен ден на слободата не медиумите. Од слободата на медиумите зависи слободата на сите. Ама, кому тука му е воопшто гајле за слобода, а не пак за слобода на медиумите?
На Светскиот индекс на слободата на медиумите што го прави меѓународната организација Репортери без граници, Македонија за една година напреднала за 33 места. Премиерот Димитар Ковачевски го искористи извештајот за да се пофали дека СДСМ покажал „исклучителен демократски капацитет и почит кон медиумите и медиумските работници“ и им се заблагодари на медиумите со порака „професионално да си ја вршат својата работа“.
Фала му и за благодарноста и за пораката. Ама, веќе кога сме кај пораките, еве една и за премиерот и министрите. Мислевме дека за 100 дена Влада би требало да биде редовна пракса премиерот да држи прес-конференција и да одговори на сите новинарски прашања. Наместо тоа, Владата си организираше „форум“ на кој медиумите не можеа да прашуваат, туку министрите сами си се прашуваа и сами си одговараа.
Малку им се сите пиар служби, советници за односи со јавност, сниматели и фоторепортери што го сликаат наместени како за на свадба, малку им е што партиите си прават свои паралелени медиуми со паралелна вистина, па сега уште и „форумите“ што ги измислија да глумат транспарентност треба да им ги пренесуваме. Не бре, додека премиерот и министрите не се исправат и не се одважат да одговорат на сите новинарски прашања од сите медиуми на вистинска прес-конференција, а не на настани каде што „три прашања се дозволени, па вие договорете се кој ќе праша“, триесет и трите места на Репортери без граници не значат ништо. Освен промена на методологија. Оти, гушењето на медиумските слободи во времето на Груевски – со сите прислушувања, брутални притисоци, цензура, затворања медиуми и новинари – заврши во 2017. Пет години беа повеќе од доволни за да се смени праксата, кон суштинска, а не фингирана транспарентност на власта.
5 Што е ова чудење и драма за споменикот на ОНА од 20 метри што ДУИ го дигна во Слупчане? Државата измисли функција со претенциозно име – прв вицепремиер – за интеграција на наследниците на ОНА, а ние сега ќе се чудиме за споменикот од 200.000 евра.
Повеќе е за чудење тоа што 22 години државата не успеа достојно да ги испочитува оние што застанаа да ја бранат во војната во 2001. За чудење е дека една спомен-плоча на автоптатот Скопје – Тетово за загинатите на Карпалак не може да остане неоштетена од една до друга годишнина.
И ДУИ како одвај да чека да истечат деновите од ултиматумот на Мицкоски штом повторно им се врати на активностите со кои ги провоцира и најлибералните Македонци да станат националисти. Батали „едно општество за сите“, ако може да си продолжиме со две паралелни општества.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST