1 Скопје остана без јавен превоз за првпат во историјата, а како тргнала работава, може ќе остане и без вода. Претседателот на Синдикатот Дарко Димовски се закани: „Немојте да дозволите да се доведете во ситуација како вчера кога немавте градски превоз да немате и вода за пиење“. Јас не би ја сфатил несериозно таа закана, како што ја сфатија многумина – е како не, без вода ќе нѐ оставеле. Кога е во прашање Коалицијата „За модерно Скопје“ на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, ништо чудно во тој модерен главен град за кој ветуваа бесплатен превоз, а го оставија без никаков превоз, утре да се разбудиме и без вода. Впрочем, тиквата пукна баш за „Водовод и канализација“ и обвинувањата кој брцнал во медот и кој сакал да се офајди од тендерот за пречистителна станица од 136 милиони евра.
Додека ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска не ни кријат дека се караат за пари, Скопје се распаѓа. Доказ колку е брутална таа борба за пари е што градоначалничката на која ѝ е работа да обезбеди непречен сообраќај и движење на граѓаните самата си го блокираше градот. Ги остави автобусите на ЈСП на Илинденска пред влада, за да го блокираат сообраќајот иако ден претходно градскиот Совет најде пари за платите на возачите кои штрајкуваа.
Управата на Град Скопје го блокираше градот Скопје! Тоа нема врска со здрав разум.
Сега од Коалицијата „За модерно Скопје“ можеме да очекуваме градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ да се натпреваруваат кое јавно претпријатие повеќе ќе го загрози градот. Не мора само вода да снема. Може и ѓубрето да не се собира од контејнерите. А и пожарникарите можат како возачите од ЈСП да речат: Нека има пожар, нема да излеземе да гасиме. Нека ги паркира Данела пожарните цистерни пред Влада. Нека гори! Ќе си го играат ВМРО-ДПМНЕ и Данела „Пиколомини за модерно Скопје“.
А СДСМ нека гледа сеир. И нека се жали на ВМРО-ДПМНЕ. Не дај Боже, да пробаат нешто да одблокираат, или да завршат некоја работа. И нека им се ситат на скопјани што гласале за Данела – ете ви ја, кога Петре не ви чинеше. Оти тоа е најважно.
Ама сеирот веќе станува неиздржлив.
2 Додека сообраќајот во Скопје беше колабиран, градот блокиран, а возачите на ЈСП бараа плати, во Советот на Град Скопје советниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и градоначалничката Арсовска пет часа се расправаа за „шпицниот градоначалник“, за „рацете во медот“ и за „кој колку е неспособен и кој колку крадел“ и дека претседавачот Трајко Славески барал службена кола со возач и најнов ајфон. Среде таа расправија видовме како градоначалничката ја менаџирала кризата. Наместо да преговара со синдикалците, да бара пари да исплати плата, едно чудо кризи натежнале, главниот град се распаѓа, а таа да ти барала начин како да му го укине копчето на претседавачот на Советот Трајко Славески со кое ѝ го исклучувал микрофонот додека зборува на говорница. И успеала со ангажманот. Копчето на Трајко навистина беше неактивно. Ама и тој се покажа ербап. Па ѝ го зеде микрофонот. Цврц!
Да не мислите дека некој во Советот на Град Скопје тој ден помислил на граѓаните што изгубија дневници оти не можеа да стасаат на работа, на учениците и студентите што не можеа да стасаат на предавања, на болните што имаа закажано прегледи?
Не, бре. Се виде колку им се важни граѓаните кога драмата што почна со дојавата за бомба во градските автобуси на крај заврши со исклучување на копчето.
Ова ме потсети на оној стар бугарски виц за првиот бугарски астронаут што го пуштиле во вселената заедно со кучето Лајка. Кога прашал што треба да прави му рекле: Нарани кучета, не пипај копчета.
Е па, на тоа се сведе Коалицијата „За модерно Скопје“ на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска. Нарани ги кучињата. Дај им пристап до пари. И не чепкај ги копчињата.
3 Баш ме интересира по кој систем бил примен на работа во јавна администрација службеникот или службеничката што го утнале знамето во Кабинетот на министерот за надворешни работи Бујар Османи, па наместо словенечкото, за посетата на словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон го ставиле знамето на Словачка. Баш ме интересира и дали министерот го казнил јавниот службеник што го утнал знамето. Не верувам. Сте чуле ли дека некогаш бил казнет некој од јавна администрација ако направи грешка? Смее ли ним да им се намали плата како на вработените во приватните фирми? Не смее ни пет дена да им задоцни – одма на штрајк излегуваат, градот го блокираат.
По кој мерит систем се примени во МНР? По мерит систем што важи само за јавна администрација. Плус, тој мерит систем е флексибилен ако се влегува со квота од балансерот за пропорционална етничка припадност. Добро де, го утнале знамето, ама Бујар барем знаеше со која министерка се среќава. Башка, две знамиња имаа погодено – она од салата за прес-конференции и од салата за состаноци беше точно. Само она од Кабинетот на министерот го утнале. Не мора сите да седеле на часови по географија. Ама, овие изгледа на времето ни „Росица“ не читале и не ги решавале задачите со „Пронајди ја разликата на сликите“.
Сигурен сум дека во МНР додека пиеле кафе си се жалеле колку им е тешка и одговорна работата. Леле, утре хаос ни е денот. Многу работа имаме, а бе многу, многу, преку глава, веќе… Којзнае колку ќе заглавиме на работа. А бе иде некоја министерка, многу ќе сме зафатени. Словачка, Словенија, исто ти се фаќа. Како Ирак и Иран. И Австрија и Австралија. Па и Шведска и Швајцарија.
4 Сепак, не е баш сѐ така безнадежно кога несопирливо одиме кон нашата цел – членство во Европската унија. Само треба да го заследите фејсбук профилот на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ: „Продолжуваме со објаснувачкиот скрининг состанок. Продолжуваме со реформите низ различните поглавја. Како Влада посветена на создавање поволна и атрактивна бизнис клима за инвестиции и водење бизнис, развивме неколку стратешки рамки“.
Но, тоа не е сѐ. Скопјани добија парно. Владата реди успеси на сите полиња.
Криво ми е дека покрај ова цунами од успеси недоволно забележано помина веста дека „топлиот оброк се враќа во РЕК Битола, мензата повторно ќе работи“.
РЕК е изграден во 1980, струја почнал да произведува во 1982, од незвисноста досега не е направена ниту една инвестиција во енергетиката од значење какво што има РЕК, а власта се пофали дека повторно е отворена мензата што работела уште во тоа време.
Ееееј, каде бевме, каде дојдовме. По 31 година независна држава, уште ни манџата што ни ја зготвил Тито не знаеме да ја подгрееме.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST