КАКО ДА НЕ БИЛО

Како да ја снема корупцијата, кога никому од нас, што го даваме нашиот глас на избори, таа не ни пречи?

КАКО ДА НЕ БИЛО

1 Кога во јули 2017 Зоран Заев стана премиер со ветувањето: „Ова зло никогаш да не се повтори“, владината коалиција предводена од СДСМ доби мандат од граѓаните да заврши само три работи:

  • Откривање на криминалите
  • Казнување на тие што правеле зулуми
  • Враќање на украдените народни пари.

Застанаа на првата точка. Само ги открија криминалите. Другите две точки ги баталија.

И? Што можеме да заклучиме по шесте години власт на СДСМ и ДУИ? Дека тие, всушност, отсекогаш мечтаеле да бидат Никола Груевски и Сашо Мијалков.

Само си го сменија Кривичниот законик за да не мора да одат в затвор. Ако ги фатат во крадење делата брзо да им застарат, па да не мора ни личните карти да ги менуваат за да служат казна во Струга. Или, скраја било, да се злопатат далеку од дома пишувајќи фејсбук статуси од некоја туѓина. Да можат дома на раат да си ги трошат украдените пари.

И ако баш не мора, Америка да не ги става на црна листа.

2 Претседателот Стево Пендаровски во интервју за ТВ 21 рече дека некои судии намерно ги забошотувале предметите, па така застарел и предметот за незаконското прислушување на илјадници граѓани против тогашниот шеф на УБК Сашо Мијалков. Се пожали дека и тој е еден од прислушуваните и праша: „Тој предмет е три пати враќан на повторно судење. Зошто не е завршен досега?“

Пендаровски ја тера последната година од мандатот и уште дава изјави како да е обичен онеправдан граѓанин кој кога би бил помлад би се отселил од земјава. Заборава дека, за разлика од онеправданиот граѓанин Пендаровски, претседателот Пендаровски можеше да не го потпише законот со кој овозможи да застарат многу криминални дела, па ете и незаконското прислушување на неговиот телефон. Сега ли дозна дека судиите ги забошотуваат предметите, откако го потпиша законот?

Некој ќе одложи судење, некој ќе го врати на повторно судење, Судски совет за некого нема да расправа, Владата ќе предложи закон, пратениците ќе го изгласааат… Што да се прави? Мора да им се олесни животот на криминалците од политичките елити, па помага кој колку може – обвинители, истражители, судии, Судски совет, Совет на јавни обвинители, Влада, пратеници…  Па ете и претседателот реши да им го олесни животот.

Ич нека не се секира граѓанинот Пендаровски дека три години го прислушувале и дека ќе нема судска разврска за незаконското прислушување не само за него, туку и на уште илјадници негови сограѓани. Како да не било.

Еве, јас ич не се секирам што два пати морав да одам на суд да сведочам оти ме прислушувале две и пол години.  Сега барем раат сум, нема трет пат да ме викаат, а заборавив колку побарав отштета првиот пат кога сведочев. Срамота е, што ли ќе помислат за мене обвинетите.

Ма, нек’ иде живот.

3 Со одушевување беше примена изјавата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека во Македонија нема политичка волја за реформи и праша: „Каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?“ Оти, сите тоа се прашуваме, сите мислиме исто, ама ете на амбасадорот му пукнал филмот.

Холандскиот амбасадор доби аплауз затоа што го праша тоа што е најлогично прашање за холандски службеник платен од холандските даночни обврзници. Тој е испратен во Македонија  да ги штити интересите на Кралството Холандија. И нема ништо чудно во тоа што прашал каде одат парите на холандските даночни обврзници.

Кога во Македонија добил аплауз некој што прашал: Каде се парите на македонските даночни обврзници? Тие пари се многукратно повеќе отколку парите на сите странски донатори. Сите ние одвојуваме за македонскиот буџет секојдневно многу повеќе од странските донатори, ама немаме македонски амбасадор во Македонија кому ќе му пукне филмот и ќе праша: Каде се нашите пари?

Како бе, нам не ни пука филмот?

Ако прашаш некој од власта, било на државно, било на локално ниво: Каде се моите пари?, не само што нема да добиеш аплазуз, туку и будала ќе те направат. В лице ќе ти се смеат. Ќе ти гледаат сеир, ќе те обвинат дека некој те плаќа така да прашуваш, дека сакаш да го вратиш Груевски, дека им завидуваш оти имаат пари и привилегии, дека си мрчатор, неизживеан, буцкало, провокатор… И не само тие од власта, туку и воопшто граѓанството ќе те гледа како да си нетокму – глупости прашуваш.

Неодамна, ми се случи кога прашав кој сѐ се вози со владиното авионче, за што се користи, колку пати летало, еден државен службеник да ми одговори: Лесно е да се критикува, оди, победи на избори, па после критикувај! Занемев. Не знаев како да одговорам на таков безобразулк од некој што јас го плаќам.

Холандскиот амбасадор рече дека со холандски пари веќе три пати е подигната свесноста за разни проекти, со двократни акциони планови и четирикратни обуки. Ама македонскиот граѓанин уште не се освестил дека со негови пари се плаќаат сите државни функционери и јавни служби. И дека тие луѓе се наши службеници. Некој дошол од Холандија да прашува каде се неговите пари,  а ние тука не прашуваме каде се нашите пари.

Како да ја снема корупцијата, кога никому од нас, што го даваме нашиот глас на избори, таа не ни пречи?

4 Премиерот Димитар Ковачевски најави дека за недела до две ќе биде готов работниот материјал за законското решение со кое на „поприфатливо ниво“ ќе се коригираат функционерските плати кои веќе седум месеци се зголемени за 78 отсто, со одлука на Уставниот суд.

Ако на Владата ѝ требаа седум месеци да отвори дискусија за еден од најлошите потези што ги има направено, во секоја смисла, и политичка, и економска, и морална, тогаш ќе треба да поминат седум години да се најде „прифатливо и одржливо“ решение за функционерските плати. Таман до 2030 кога ќе влеземе во ЕУ.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира