Е па, драги мои, еве поминуваат 35 години откако ја напишав првата колумна „Сакам да кажам“ што излезе во весникот „Вечер“ на 12 јануари 1991. Досега се напишани и објавени 1.825 колумни на отприлика 4.565 страници во А4 формат на новинарски проред, како што стручно се изразувавме ние, постарите од интернетот, пораснати во печатените медиуми.
На секои пет години, си ги одбележувам овие мали јубилеи со потсетување што сум пишувал во текот на годините, колку да направиме споредба каде бевме, до каде дојдовме.
1 И еве, на 5 февруари 2011, по повод 20-тиот роденден на „Сакам да кажам“ сум го забележал ова:
„Е така живееме ние цели дваесет години. Во сива дупка и во чекање да се симнат вашите за да се качат нашите. А со секое нивно симнување и качување, тонеме сѐ подлабоко во дупката.
Знаете ли што се 20 години? Некој што се родил во 1991 година сега е пред крај со факултетот, и размислува каде ќе се вработи.
Ај да направиме споредба каде била Македонија во 1945 година и што направила до 1965 година. И каде била Македонија во 1991 година и што направила до 2011 година.
Што значело дигање на од војна разурната земја, електрификација, градење хидроцентрали, кредити за станови и куќи, К15 и одмор на море, купување на првите коли, и сето тоа со неписмено население. Што значеле нивните 20 години, со нашиве транзициски 20 години? Не знам. Тогаш не сум бил ни роден, ама ми се чини како интересна тема за размислување.
Оти во овие дваесет години додека јас се занимавам со новинарство, најмалку десет пати сме ја имале истата ситуација. Некоја партија од опозицијата го напушта Собранието, па странските амбасади ги молат да се вратат, па ги седнуваат лидерите на власта и опозицијата на иста маса и ги тераат да разговараат за иднината на земјата. На нашата земја. Не на нивните.
Цели две децении ние се занимаваме дали Бранко ќе си замине од власт и како ќе се врати. Оти ако не се врати, ќе пропаднеме. За разлика од тоа дека кога ќе се врати, пак ќе пропаднеме.
Цели две децении и власта и опозицијата за секој проблем кој го имаат, одат да плачат кај странските амбасадори. И очекуваат амбасадорите да им ја владеат државата.
А Македонија, демек, е земја кандидат за членство во ЕУ. А да не ни ставеше Грција вето, веќе и во НАТО ќе бевме влезени оти, нели, ги исполнивме сите критериуми“.
Така во 2011 сум се прашал каде стасавме и што постигнавме за 20 години од прогласување на независноста. А каде стасавме за 35 години?
Каде стасаваме 35 години подоцна повторно си се прашав деновиве, кога Македонскиот народен театар (МНТ) славеше 80-годишен јубилеј. Второто заседание на АСНОМ на кое се удрени темелите на македонската држава се одржа на 2 август 1944. А првата претстава на македонски јазик во Македонскиот народен театар е одиграна на 3 април 1945, на штотуку ослободена територија додека Втората светска војна уште не беше завршена.
Ај вака да размислиме. Пази, само осум месеци по удирањето темелите на државата, тие луѓе тогаш решиле дека театарот е еден од клучните државни белези. Погледнато од денешна перспектива, не треба да се прашуваме што сме направиле ние толку темелно во овие 35 години, туку што сме сочувале од тие темели?
Добро. Не е дека сме ептен за никаде. Станавме членка на Обединети нации и влеговме во НАТО, со Грција малку ги олабавивме односите, следниве десет-дваесет години веројатно ќе се занимаваме со Бугарите…
Ама, на таа тема толку многу имам пишувано, што едноставно не сакам да си ја сакалдисувам душата и во оваа роденденска колумна.
2 Ајде сега малку празнично. Кога ја видов сликата како некој поп ги прскаше со света водичка новите полициски автомобили, ми текна дека во првите посткомунистички денови стана многу модерно да си верник. Па на 13 јануари 1996 сум пишал:
„Не знам како функционираат врските на господ со МВР. Можеби тој ќе им каже кој го извршил атентатот“.
Ова е напишано три месеци по атентатот врз првиот претседател Киро Глигоров. Па темата на атентатот се најде и во празничната литургија за Божик.
„Верниците што беа верници и за време на комунизмот ќе останат дома да го слават раѓањето на Христос, за да им ослободат место на новокомпонираните верници. А тие, бидејќи сé повеќе напредуваат, вгодина во атмосфера на уште повеличествен огномет, покрај аплаузот, среде црква ќе почнат и да го скандираат името на господ.
Сега, кога на сите ни стана јасно дека господ го спасил претседателот Киро Глигоров, докторите од лекарскиот конзилиум што го лечеа можат слободно да си дадат отказ и да си отворат приватни фирми за трговија. А и ние сме биле глупави што два пати дневно ги чекавме нивните соопштенија. Штета што господ нема факс, па не можеше навремено да нé информира за здравствената состојба на Глигоров“.
Така сум пишувал во 1996. Факсот беше најновото откритие за комуникација. Денес, сликите на попот со полициските возила се појавија на Инстаграм. Има напредок, не дека ич нема.
3 А за вечната тема ЕУ сум пишувал речиси во секоја колумна и таа тема ми е најголемата болка и фрустрација. Не можам да се помирам дека целиот мој професионален живот сум го посветил на нешто што сѐ уште не ми се гледа достижно. Па уште во 2006, на 4 февруари сум забележал:
„Новата економска заедница што ја смисли ЕУ за земјите на Западен Балкан не е обнова на старата СФРЈ. Тоа е само подготовка за влез во ЕУ. Тие што не се дораснати треба да одат на претшколска настава.
Ние сега ќе тргнеме во ЕУ градинка.
Децата во градинка учат песнички, цртаат, си играат. Ние за почеток ќе учиме почитување закони. Во градинка учителките одат од масичка до масичка и на сите деца им викаат: „Твојот цртеж е најубав”. Нам ќе ни викаат: „Вие сте лидери во регионот”.
И така децата ќе се заборават во играњето. Уште и кога учителката ќе ги пофали дека се најдобри може и да се подмочаат од радост.“
4 Во 1992 година немаше никаков француски предлог што ќе ни го искомплицира патот кон ЕУ. Всушност имаше, а тоа беше Комисијата на претседателот на францускиот Уставен суд Робер Бадинтер, која тогаш оцени дека само Словенија и Македонија од бившојугословенските републики заслужуваат да бидат признати како независни држави од тогашната Европска заедница – претходничката на денешната Европска унија. Па на 18 јануари 1992 година излезе и овој запис во „Сакам да кажам“:
„Македонската нација одвај зема душа по силните вибрации предизвикани од колетивниот патриотски оргазам, што настапи во истиот момент кога Македонската телевизија ја призна независноста на Република Македонија. Распаметените од радост граѓанки и граѓани на главниот град на вековно напатената држава дефилираа пред ТВ камерите и од улиците и кафеаните си нарачуваа која земја сакаат да ги признае. Во тој критичен момент на, како што сега се вели, незапирливиот процес, целата работа можеше да ја расипе една госпоѓа, која во анкетата се чудеше „зошто Франција вака се однесува”. Среќа што во тоа време господинот Митеран имаше проблеми со приемот на сликата на Ем-Ти-Ви. Инаку ќе се правдаше на повредената суета. Демек, ние не ѝ веруваме на француската принципиелност. Убаво се виде колку тие го почитуваат мислењето на првиот човек на својот Уставен суд“.
Па сум додал масло на огнот: „Па сега претседателот Глигоров разочарано изјавува: “за жал, се покажа дека правдата и политиката не одат заедно”.
Ако некогаш ми било мило дека сум го предвидел процесот, сега ми е жива депресија оти гледам дека е истото тоа па тоа – ништо не се сменило за 35 години.
5 Ама ајде, роденден ми е, ова е јубилејна колумна за славење, доста зборуваме само за лоши работи. Ајде да зборуваме само за убави работи, ко што ни вика денешниот премиер.
Е па, ајде:
„Да одмориме малку. Да уживаме во растот на националниот производ, да се гордееме со успесите на Владата, да се почувствуваме еднаш како лидери на реформите…“.
Објавено е на 3 февруари 2001. Смешно ли е?
6 Често велам дека ова не е исклучиво моја колумна. Ова се белешки што ги дискутираме во редакција, ги фаќам кога ќе ги слушам од блиски луѓе, пријатели, познаници, колеги, случајни минувачи, а неколку од моите блиски пријатели и колеги заслужуваат медал за трпение кои ме трпат секој петок и ми помагаат да истрајам во ова што го правам дури и кога сум имал тешки моменти. Нормално, огромен придонес во „Сакам да кажам“ има и моето семејство, жена ми како најстрог критичар и двете деца кои од малечки знаеја дека за разлика од нивните другарчиња, нашите викенди никогаш не почнуваат во петок и на пат се трга најрано во сабота, оти „тато треба да пишува“.
Често знам да кажам дека ги мразам петоците. Ама, изводам. Сепак е голема привилегијата не само да живееш во историски моменти кога се правела државата, не само да бидеш и дел од таа историја, туку и да пишуваш за тоа, да имаш каде да го кажеш тоа што сакаш да го кажеш.
И така 35 години. Каде бевме, каде дојдовме. Можеби ништо не се менува, ама сепак колумната останува.
И секој петок кога ќе седнам да ја пишувам, ја имам истата трема како што ја имав како новинар почетник на 12 јануари 1991.
Да сте ми живи и здрави, драги мои.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST



