1 Што има разлика помеѓу изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од денеска и од таа лани ова време? Има разлика во фразите. Лани викаше: „Топката е во вашиот двор“. Сега вика: „Треба да го направите клучниот чекор“.
Разликата е и во тоа што до руската инвазија на Украина на Европската Унија баш ѝ беше гајле за Западен Балкан. Ние сакавме да влеземе, тие не нѐ сакаа. Сега кога се исплашени од Русија, па и од Кина (влијанието на Турција уште не го сфаќаат сериозно), ЕУ сака да нѐ внесе, ама не знае како на нив да им биде полесно.
Тоа секако треба да го искористи македонската влада.
Ама, дали сака?
Две години откако Христијан Мицкоски е дојден на власт секој ден дома го слушаме истото, па истото: предавници, изроди, свиткана кичма, мекотели, лижачи на чевли, талог на општеството…
Две години надвор ги повторува истите аргументи: име сменивме, знаме сменивме, пари сме смениле, ние испорачуваме реформи, сега е редот на ЕУ да обезбеди фер процес без нови условувања…
Мицкоски, кога дојде на власт пред две години, дојде без план за деблокада на евринтеграциите. Ветуваше дека ќе испреговара нова преговарачка рамка со ЕУ. Ветуваше и дека ќе го врати името. И покрај сите убави бројки од статистиките со кои се фали, квалитетот на живот во Исланд и во Македонија не се споредува.
И по две години, уште се бавиме со „зошто го сменивме името, зошто го сменивме знамето?“ Готова е таа работа. Решен е историски спор, затворено е прашањето во Обединетите Нации, влеговме во НАТО, одиме понатаму со животот. Има ли намера оваа Влада да нѐ води напред? Или главниот план ѝ е да чекаме да се распадне ЕУ?
Ако Мицкоски навистина сака да го деблокира пристапниот процес кон ЕУ, ако постојано вели дека членството во ЕУ е врвен државен интерес, тогаш треба да обезбеди широк општествен консензус во земјава. И да работи на тоа. А штом и по две години нема што да понуди на темата евроинтеграции, ништо не му остана, освен платформа за внатрешен раздор.
И кога власт и опозиција немаат исто мислење што ни е државен интерес, нам што ни останува – талог и контраталог. И со тоа да се бавиме уште следниве триесет години.
Ќе чекаме ли и НАТО да се распадне?
2 На првиот академски час на државниот Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, премиерот им рече на бруцошите дека и да отидат во странство, треба да се вратат дома. Затоа што, тоа што го гледаат на социјалните мрежи не е вистинскиот живот.
Видете што ни е убаво тука. Зошто одите во странство?
Па зарем објавите на социјалните мрежи на претставниците на власта, од централно до локално ниво, имаат врска со вистинскиот живот? Уште и ги спонзоираат како реклами со наши пари. Нѐ убедуваат дека реалноста е различна од тоа што го гледаме само што ќе излеземе од куќниот праг.
На социјалните медиуми убавини на секој чекор. А во реалниот живот распад на секој чекор.
Навистина, соочени сме со секојдневни непријателски потези на Бугарија, со нефер однос на Европската Унија, со руска пропаганда што се шири преку Србија… Ама сето тоа е ништо во однос на непријателството со кое македонските граѓани се соочуваат во секојдневниот живот дома, од непосредното маало во кое живеат па до највисоките државни органи. Па ние, луѓе, сме нападнати одвнатре. Од силеџии поддржани од власта, од корумпирани шефчиња поставени од партијата, од неспособни раководители кои не се мешаат во својата работа затоа што и не знаат што им е работа, од неписмени подлизурковци кои одговараат само пред шефот на партискиот огранок кој е уште понеписмен од нив, ама добро стои со централата.
Ние не се плашиме од војна. Нам мирот ни е земен со секое „добро утро“ и „добра ноќ“. Како да сме под седативи и се чудиме: леле, леле, што да правиме?
Еден пријател има забележано: И кога си нападнат, што правиш? Запишуваш брз курс по германски јазик, земаш бугарски пасош и бегаш.
А ние што сме решиле да останеме ќе си уживаме шлапкајќи се во сопственото ѓубре и загадениот воздух што го дишеме, ќе пиеме вода со гомна и ќе се молиме да не умреме чекајќи ја Брзата помош и Пожарната што тргнале да нѐ спасат, ама не можат да дојдат до нас оти локалните шерифи ја закрчиле пристапната улица задоволувајќи ја својата алчност и алчноста на таканаречените „инвеститори“.
Па уште и ќе фаќаме сеир кој политичар му рекол на другиот дека е поголем идиот. А, всушност, тие нас нѐсметаат за идиоти. Со право. Затоа што не сме им покажале дека не сме идиоти.
3 Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски среде недела, во работен ден, организираше масовно чистење на градот со јавен повик до сите Општини и сите граѓани, па дури и странски амбасади да се приклучат во акцијата. Вели дека вака ќе прави два пати месечно, а овие акции ќе прераснат во традиција и во механизам за редовно одржување на јавните површини.
Нека извини градоначалникот, ама јас тој ден имав работа. А и не сакав да одам да чистам оти не валкам. А уредно плаќам и данок и надоместок за комуналните услуги.
Ќе одам да чистам кога ќе видам дека ги казнуваат тие што фрлаат ѓубре надвор од контејнерите, што не го собираат изметот од домашните миленици, кога општинарите сами ќе ги фатат тие што прават диви депонии, а не да ни се фалат дека исчистиле откако ние сме им јавиле. Тоа не е успех, тоа е трошок.
Ќе ги напикаат од партија во администрација во комуналните претпријатија, не им се појавуваат на работа, ќе им поделат хонорари по управните одборИ, ќе измислат работни места за најлојалните партиски послушници и тепачи, ќе си ги поделат парите од тендерите за ракавици и ќеси што ќе ни ги дадат нам за да го собереме ѓубрето. Притоа, забораваат дека ние ги плаќаме и нивните плати и нивните хонорари и машините и ѓубрарките и измислените работни места, па згора на тоа уште и со личен пример треба да им покажеме како се чисти.
Пред извесно време, во екот на најголемните горештини и пожари, видов полицаец како зборува на мобилен додека вози и го фрла отпушокот низ прозорецот од новата службена кола што ние му ја купивме.
Кај ги плаќаме, уште треба и нивното ѓубре да го чистиме. И тоа во работно време. Додека заработуваме и за нив и за нас.
4 Во целата редовна состојба на талог и контраталог во земјава, се случи и една нередовна појава: македонска научничка со светска кариера доби стоечки аплауз на пристапното предавање во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Ретко е научник во Македонија да добие стоечки аплауз. Тоа ѝ успеа на Светлана Мојсов, хемичарка од Универзитетот Рокфелер во САД, која е дел од тимот научници што го откри пептид-1 (GLP-1) што направи револуција во лекувањето на дијабетес и прекумерната дебелина, како создавање на лекот „оземпик“.
Е па, ете, не било баш сѐ црно во Македонија. Д-р Мојсов кариерата ја направила во странство. Ама барем ние тука сме успеале да ја испочитуваме.
АУДИО ПОДКАСТ



