Лидерот на СДСМ Зоран Заев, неговата заменичка Радмила Шеќеринска, лидерот на АА Зијадин Села и уште неколкумина други пратеници беа натепани за време вчерашниот напад на Собранието од страна на демонстранти на „За заедничка Македонија“. Повредени беа над 100 пратеници, полицајци и цивили во нападот што почна по изборот на Талат Џафери од ДУИ за нов претседател на Собранието нешто по 18 часот.
Додека траеја тепачките во Собранието, ЕУ и САД го поздравија изборот на Џафери и најавија дека ќе соработуваат со него и најостро го осудија нападот на Собранието. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг твитна дека е шокиран од нападите и ги повика сите партии да го почитуваат демократскиот процес.
Во Собранието, полициски специјалци првин ги извлекоа пратениците на СДСМ и новиот претседател на Собранието Талат Џафери, кои беа заглавени во прес-центарот, а потоа со оклопни возила ги извлекуваа од парламентарната зграда.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој беше во Виена, на Фејсбук напиша дека не е време за насилство. Претседателот Ѓорге Иванов околу 10.30 часот ги повика лидерите на парламентарните партии на лидерска средба, иако двајца од нив, Заев и Села, претрпеа повреди само три часа претходно.
Полиција речиси и да немаше да почетокот, па толпата лесно го совлада собраниското обезбедување и слободно ги тепаше и гаѓаше со инвентар пратениците на мнозинството. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев ги штитеше повредените колеги од СДСМ Зоран Заев и Петре Шилегов од линч, а потоа со сопартиецот Никола Тодоров и лекарска екипа во канцеларијата на ВМРО-ДПМНЕ им помагаа на повредените колеги. Заедно со пратениците, заглавени во Собранието беа и новинарите, кои последни си заминаа.
Дури три часа по почетокот на нападот, период во кој беа натепани пратеници и демолиран парламентот, полицијата почна да го празни Собранието и да ја расчистува толпата пред објектот. Мал дел од демонстрантите останаа во паркот спроти Собранието на кампуваат.
С. К. Делевска/Г. Трпеноски