1
Освен избори на кои ВМРО-ДПМНЕ конечно ќе победи и ќе дојде на власт во Македонија, за излез од политичката криза најдобро е претседателот Ѓорге Иванов да повлече уште еден мудар потег. Да ѝ се јави на специјалната обвинителка Катица Јанева и да ја праша уште колкумина треба да помилува. Да не чека странски служби да му го даваат списокот на можни криминалци што ја заслужиле неговата милост, туку оваа, домашнава Катица педантно да му испорача прочистен аболициски список, за да може Македонија да спроведе веродостојни избори. И така, со осомничени криминалци на листите на пратеници, Македонија ќе тргне напред.
Развеселувајќи се гледајќи го претседателот на државата во она групно ТВ интервју со севернокорејско-путиновска сценографија, забележав дека Иванов инсистираше дека мора да одиме на избори оти Македонија стои во место. Рече: „погледнете ги сите во регионот, сите одат напред, ние тапкаме во место!“ Па добро бе сега, стоиме или одиме? Лидерот на неговата партија цело време вика дека одиме, и тоа како одиме напред. Медиумите јавуваат дека сме фатиле залет. Не само што сме најдобри од регионот, подобри сме и од Германија. Чита ли Ѓоле нешто друго освен списоци на осомничени криминалци? Гледа ли вести на македонските телевизии? Видел ли што пишуваат „Дуинг бизнис“ и „Бизнис инсајдер“? Или, многу му звучат страшно странски имињата на магазините, па си вика поарно да не чита.
2 Ги слушам како зборуваат за некакво украинско сценарио. И претседателот Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, па дури и Русија се јави со соопштение за „активирање на украинско сценарио, надворешно инспирирање на незаконски дејствија и на државни удари“.
Какво украинско сценарио, какви глупости? Таму немирите избувнаа во февруари 2014 година затоа што претседателот одби да ја потпише Спогодбата за поблиски односи со ЕУ. Во Киев се степаа тие што се за ЕУ и тие што се за Русија. Кај нас не сум чул дека кога бегаат од земјава за подобар живот, луѓето се селат во Русија. Каде избегаа Македонците?
Башка, претседателот на телевизија, баш кога зборуваше за украинското сценарио и за некои сили што ја држеле Македонија врзана за нозете и не и давале да полета, се пофали дека нашата војска учествува во мисиите на НАТО. До денеска, ниту тој , ниту лидерот на владејачката партија, а богами ни другите релевантни партии не се изјасниле дека се против ЕУ и НАТО. Напротив. Во програмите на партиите им се влезени евроатлантските интеграции. На избори победуваат со полна уста ЕУ. Не се фалат дека ќе ги достигнеме руските стандарди.
И сега, што правиме? Стоиме? Или одиме? И после 5 јуни, еве конечно и ќе тргнеме. Ама кај ќе одиме?
Впрочем, ако не сакаат „украинско сценарио“, зошто тогаш прават контрапротести?
3 Ѓорге Иванов е познат и како д-р Ѓорге Иванов, професор на Правниот факултет во Скопје. Правник што се разбира во правда и во закони. Се чудам дали ќе може самиот себе да се помилува и да се амнестира од тоа што го направи оваа недела. Дали правникот д-р Иванов го слуша претседателот Иванов кога на ТВ интервју вели дека Специјалното обвинителство не треба да работи до избори, за да можеле кандидатите да одат на избори без притисок? Демек, криминалците, ако се криминалци, прво нека победат на избори, па после без притисок они ќе судат. Плус, рече дека аболицијата ја направил за Македонија да тргнела од апсолутна нула. Од која нула, па уште и апсолутна да била, кога Катица ги гони неговите ментори за милијарди евра. Жената рече дека од 2008 до 2015 година од буџетот во приватни џебови се одлеале многу, многу пари, не ја кажа бројката за да не се онесвестиме, а Ѓоле вика да се почнело од нула. Обвинителството требало да работи балансирано. Што значи тоа? Колку истраги за едните, толку и за другите?
И плус, Иванов вика дека истрагите на Специјалното обвинителство можеле да бидат злоупотребени во предизборниот период. Може, како не. На пример, Миле Јанакиески што е 16 пати помилуван да го видиме како шеф на изборен штаб. Или, Гордана Јанкулоска што е помилувана за 11 кривични дела да биде носител на листа. А злоупотребата кај Никола Груевски е што наместо да ветува и остварува, ќе мора да губи време пишувајќи писма до Иванов за да ја одбие аболицијата. Шест писма мора да напише.
Само не знам како на изборниот процес може да влијае истрага против Израелецот Хаим Хакини, што го слушавме во разговорите за купувањето опрема за прислушување за МВР. И тој ли ќе се кандидира? Или ќе им продава прислушна опрема на сите учесници во изборите за да може да си се слушаат. Па така ќе им влијае на изборните програми.
4 Додуша, Груевски прво рече дека тој би го одбил помилувањето, ама за тоа немало правна основа. Тој е познат легалист. Сѐ што прави, сѐ мора да е легално. Дури отпосле изгледа решил да направи и нешто незаконско, па најави дека неговата партија сепак ќе бара од претседателот да ги повлече помилувањата. Ама, за тоа да се согласат сите четири партии од Пржинскиот договор. Оти тој сé што прави, прави со консензус.
А зошто да се мачат, па и писма да пишуваат? Како не му текна на Ѓоле да смисли попрактично решение. Да донесе специјален претседателски указ. „Сите што имаат партиска книшка на владејачката партија се ослободуваат од секакво гонење за криминал“.
5 Истите тие што почитуваат закон, организираат контрапротест на граѓанскиот протест. Во парасистемот што го создадоа имаат и граѓанско движење, кое има толку многу пари за да изнајми 80 автобуси од цела Македонија. Демек, спонтано се собираат од цела држава, секој ден патуваат до Скопје и назад, транспортните фирми од љубов им даваат автобуси. А дури и на твитер профилот на Американската амбасада се појавија СМС пораките со кои партијата ги уценувала учесниците да дојдат на протест за да биде што помасовен.
ГДОМ се фали дека нивните протести се мирни и достоинствени. Мирни се. А за достоинството нека си ги препрочитаат СМС пораките.
Ептен му верувам на Груевски кога ќе рече дека никој не смее да ги притиска вработените во јавната администрација. А особено му верувам на Иванов кога ќе го каже тоа истото.
6 Специјалното обвинителство на сите свои предмети им дало имиња што почнуваат на Т. Титаник, Тортура, Тврдина и Транспортер.
Што е следно? Предмет „Тиранин“? .