1 Во далечната 2006 година, некаде на самиот почеток на ерата на груевизмот, советникот во Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Бахчовановски, по исцрпување на дневниот ред на седницата, под точка разно предложил Општината да почне постапка за поставување споменик на Александар Македонски. Според проценките на визионерскиот советник, споменикот би чинел 200.000 евра.
10 години подоцна и 12 милиони евра подоцна, споменикот на Александар Велики се вика Воин на коњ, а на сопругата на советникот, судијката Моника Бахчовановска ѝ се падна да пресуди дали ќе има притвор за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, осомничен во случаите на Специјалното јавно обвинителство.
Како што рече Никола Груевски – „Тркалото се врти“.
2 На 11-годишнината на груевизмот, Никола Груевски откри дека ВМРО-ДПМНЕ е нападната.
Да. Нападната е. Но, од внатре. Од самиот Груевски и од неговата клика. И тоа не од вчера. Туку најмалку од 2008 година. И сега, соочен со стравот дека ќе заврши в затвор, лидерот прави патетичен обид да направи равенство:
Груевски = ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ = Македонија.
Значи, Груевски = Македонија.
Па во име на партијата раскажува дека „нашиот грев е што цели 11 години бевме на браникот на одбрана на државните и национални интереси“.
Џабе се обидува Груевски да нè фати сите, а посебно неговите, на патетика. Неговиот најголем грев е што краделе. А не што ја бранеле државата. Пола милион луѓе се иселија додека Груевски и неговата клика „ја бранеа државата“. Тоа мал грев ли е?
Впрочем, ај да се потсетиме зошто воопшто имаше потреба да се формира Специјално јавно обвинителство. Да ги испитува криминалите произлезени од прислушуваните разговори. Така што, не треба сега Груевски да ни кажува што бил неговиот грев. Неговите гревови ги чувме.
И кога му се обраќа на своето членство со очајнички повик „ВМРО е нападнато“, што очекува? Да го бранат од него? Да заборават дека, додека тие верно му служеле, тој и нив ги прислушувал за да ги контролира? За да може да крадат само тие на кои тој ќе им дозволи?
Башка што, и во муабетите што ги слушнавме чувме како Груевски и неговите биле на браникот на Македонија. Сосе кинеските провизии, сосе мерцедесите, сосе ендеците, сосе шамарите, сосе ливчињата што ги снемувало, сосе човечињата што се држат за рака и си гласаат, сосе дил ориентид, сосе чоколадите за лудаците што немаат за леб, сосе течењето низ ногавици, сосе она долна горна Македонија… Вклучително и сосе тефетерчињата на судиите што сега треба да му судат на Груевски и на тие што ги закоружуваа дали се „наши“.
3 Во прошталното обраќање пред најблиските, Груевски објави дека „конструктивноста кои некои ја нарекуваат попустливост во нашето делување завршува денес“.
Оти до вчера ептен беа конструктивни. Почнувајќи од 24 декември, 2012 година. Па завршувајќи со 27 април, 2017 година. Од толку конструктивност, дури и вратите на Собранието ги отворија. Да им овозможат на насилниците да влезат и да им ги скршат главите на пратениците од мнозинството.
Што сака да ни каже Груевски? Дека организираниот напад на Собранието на 27 април бил конструктивност. А неговите го сметале за попустливост. Веројатно очекувале да излезат и да ги убиваат по улици сите неистомисленици.
4 Сепак, Груевски е во право кога вика: „Ова никаде во свет го нема!“
Тој ќе се лади во мерцедес од 600.000 евра купен од наши пари и ќе се сонча на плажа со скапи очила што одат како подарок за шоферот на мерецедесот, а неговите поддржувачи ќе протестираат пред судот на 40 степени оти нема веќе конструктивност.
Вечерта по обраќањето на лидерот еден од демонстрантите пред судот на прашањето зошто се тука рече: „Ќе си ги мериме. И кој ќе има поголем, награда ќе даваат“.
Арно ама, надвор е жешко, сонцето пече, па и мерењето може да излезе нерегуларно. Затоа, демонстрантите решија да продолжат со протестот, ама не на улица туку седејќи во колите. Стварно – ова никаде во свет го нема.
Што е следното? Ќе си ги мерат дома на клима? Или ќе си ги ладат на Халкидики?
5 Поминаа првите триесет дена од Владата на Заев. Поминаа повеќе од шест месеци откако вечерта на 11 декември, 2016 Заев објави дека „срушивме режим со пенкало“.
А Владата се расправа со соопштенија со директорите поставени од Груевски. ВМРО-ДПМНЕ уште владее. СДСМ е поконструктивна со вмровците отколку што вмровците се конструктивни со себе.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST