1 Да нѐ оставеа да се порадувавме на животот барем една недела.Три дена радост, четвртиот – освестување. И контакт со реалноста. Пари нема.
Завршија изборите. И сега можат да ни прават што сакаат. За почеток, ни најавија дека од Нова година дизелот ќе биде поскап за три денари. Се работи за проста математика. Тоа што ја укинаа радиодифузната такса од 190 денари што ја плаќаше секое семејство и секоја фирма мора да се компензира со други приливи. Оти пари нема.
Држи објаснувањето дека ќе плаќаме поскап дизел оти треба да се обезбеди почист воздух. И дека нашиот дизел е најевтин во цела Европа. Впрочем, цела изборна кампања на локалните избори се темелеше на чистиот воздух. И од некаде мора да се почне.
Ама, не кажаа дали тие три денари што ќе ги соберат од дизелот што загадува ќе одат за почист воздух. Дали ќе се инвестира во филтри, во извори на обновлива енергија, во енергетски ефикасни фасади, во електромобили, во чистење на загадените почва и вода… Или, ќе завршат во буџетската дупка и ќе се користат за пополнување други дупки.
Па и самата Влада најавува буџет во кој најмногу пари ќе одат за плати. Додуша, заслужено за платите во војската, за здравството, школите и градинките. Ама, што правиме со онаа друга војска? Онаа со чинови од помлад до виш референт и од несамостоен до самостоен соработник, со години пикани во сите можни државни институции и јавни претријатија. Кои наместо ефикасен сервис на граѓаните се претворија во сервис на партијата што е на власт. Па, наместо да им служат на граѓаните од кои ја земаат платата, ѝ служат на партијата што им го обезбедила тоа место.
Во приказнава за животот ми фали тој детаљ. Еве, ние ќе се жртвуваме. И ќе ги дадеме неопходните три денари повеќе за литар дизел. И поголеми даноци ќе плаќаме ако Заев реши да ги зголемува. Ама, што ќе биде нивната жртва за новиот живот? Ништо. Каква корист ќе имаме ние од тоа што ќе ни ги земат парите за ним да им обезбедиме плата? Никаква.
2 Првото разочарување веќе го имаат граѓанските активисти кои ги мобилизираа граѓаните за промена на власта што би донела нов квалитет на живот. И што се случува? Новите власти ги препраќаат да се жалат кај истите служби кои ѝ помагале на старата власт да мами и да краде. А патем сигурно и тие се офајдиле.
Нека ги погледнат премиерот Зоран Заев и министерот за јавна администрација Дамјан Манчевски податоците колку пари исплатила државата како казни за несовесно работење на државните институции. Во тие институции седат луѓе. Службеници и функционери. Казнет ли е некој од нив? Избркан ли е од работа? Суспендиран ли е? Ги вратил ли парите за кои буџетот е оштетен баш поради неговата грешка? Сите тие вработени имаат и шефови. И шефови над шефовите. И инспекциски служби. И никој од нив не е казнет зошто не си ја работел својата работа. Или си ја работел погрешно. Не е политичка одмазда ако казниш некого, или отпуштиш затоа што не си ја вршел работата како што треба. Или што грешел и за тоа сме морале да плаќаме казни. Или во државна служба работел за својата приватна фирма. Или воопшто не одел на работа.
Животот ќе дојде кога и државните службеници ќе одговараат за грешките што ќе ги направат, и тоа исто така како што одговараат вработените во приватните фирми. Ако нема пари оти лошо работеле, или лошо менаџирале, стечај и за нив. Додека во приватните фирми работниците се тресат дали фирмата ќе им банкротира, дали ќе останат без работа, дали ќе ги казнат ако не ја исполнат нормата, дали ќе дојдат на време на работно место, дали ќе добијат плата на време, војската од државни службеници е ослободена од такви проблеми. Како и да ѐ, ним платата мора да им се обезбеди.
Уште ги штедат. Ништо од ветувањето дека бидејќи се премногу државните службеници ќе работат во две смени за да ни го олеснат животот.
Единствениот стрес им е дали се спојува некој празник со викенд. Со засилен шок ако не се спојува, како да се најде оправдание пред шефот да не се дојде на работа во меѓувреме. И дали ќе се укине Денот на дрвото.
Всушност, за јавната администрација сега дојде најубавиот дел од животот. СДСМ не ги брка од работа. А ВМРО-ДПМНЕ не ги тера да одат по митинзи и да дежураат по штабови.
3 Да не заборавиме. Оти веќе почнавме да забораваме. Наредбата за нападот на Собранието на 27 април ја даде Никола Груевски на интервју на ТВ Сител, кога ги повика своите да не седат дома во папучи. И тоа беше круната на сето зло што таа телевизија сесрдно го поддржуваше 11 години. И тоа не само на вестите и со платените реклами од Владата. Туку и со наслови „Заев ја продаде државата“ што одеа на кајрони среде турските серии. И со нарачани партиски јавувања во утринските програми. Ги труеја и своите, ама и гледачите што не ја гледаа таа телевизија. Тие не беа поддржувачи на режимот. Тие беа дел од режимот. И професионално и финансиски.
И СДСМ, нецели 6 месеци по нападот на Собранието нарачан на Сител, реши да потроши 125.000 евра за локалните избори баш на Сител. Којзнае, можеби газдата на Сител го има лекот за да ја излечи лузната на челото на Заев.
Зошто го правеле тоа? За да ја „просветлеле публиката замаена од ВМРО-ДПМНЕ“.
Па сите во бомбите чувме како Латас своите вести си ги викаше „куртон вести“. Сега СДСМ е спремен да плати за куртон вести на куртон медиум.
Додуша, има разлика. ВМРО-ДПМНЕ ја плаќаше пропагандата на Сител со државни пари. А СДСМ реши да си потроши партиски пари. Ама не е сѐ во парите. Иако не се малку. Туку е до одлуката на СДСМ какви вредности ќе поддржи.
Значи, ако ВМРО-ДПМНЕ плаќало за куртон вести тоа не чинело, ама ако СДСМ плаќа за куртон вести тогаш има оправдание. Па, нели е ова најдобар доказ за релативизацијата дека сите се исти?
4 Од каде премиерот Заев знае дека двајца функционери од власта биле под истрага за корупција? Во нормална демократска држава таа информација ја има и ако треба да ја даде, ја дава само обвинителството.
Фино е тоа што Заев сака да се пофали дека поддржува борба против корупција и кај своите функционери. И не е спорно ако таква истрага навистина има. Ама, спорно е од каде премиерот знае дека има истрага. Особено што самиот има кажано дека ако сака да дигне телефон да се јави на обвинителството може да го направи тоа, ама не сака.
Имавме еден обвинител. Се викаше Марко Зврлевски. Имавме и еден премиер. Се викаше Никола Груевски. И обвинителот и премиерот се бивши. Затоа што едниот се јавувал, а другиот дигал телефон.
Зборот си е збор. Ова зло никогаш да не се повтори.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST