РАЈСКА ГРАДИНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:251:"ВоСкопјепонаредбанапартијатаженитемугоскријапатлакотнаПрометеј.АбитолчанкибезпредрасудимугиизгланцаамадињатанаФилип

    1 Штета ако нема избори на 5 јуни. Баш ќе биде забавно. Оти ова би биле до сега најнеизвесни избори. Според кандидатските листи што се поднесени, на изборите ќе се соочи ВМРО-ДПМНЕ против ВМРО-ДПМНЕ . A kој  може да направи подобра програма од ВМРО-ДПМНЕ, освен ВМРО-ДПМНЕ?  И сега нема да викаат „Ќе победиме!“. Ќе викаат: „Ќе си се победиме“.

    МТВ ќе организира дебата за изборните програми. Ама лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нема да дојде во студиото. Груевски  одбива дебата со Груевски. Нема зошто Груевски да дебатира со Груевски,  кога тој дебатира со народот.

    Којзнае. Можеби под притисок на меѓународната заедница и МТВ и ќе спакува некаква дебата. Можеби Груевски и ќе се одважи и ќе дебатира со Груевски. Ама многу би сакал да видам како на предизборните митинзи на ВМРО-ДПМНЕ ќе се организираат контрамитинзи на ВМРО-ДПМНЕ. Кои пејачи ќе им пеат на митинзите, а кои на контрамитинзите?

    Интересно нели? Убавина. Ќе си седат сами во избирачките одбори, сами ќе си ставаат печатчиња на рацете, сами ќе си ги бројат ливчињата, сами ќе си кршат кутии ако не се задоволни од гласовите, сами ќе си полнат кутии ако се презадоволни од резултатите… Само, не дај Боже, кога ќе ја слават победата на Плоштад Македонија да не им се појави некој нов Мартин Нешковски и да им ја расипе прославата.

    2 Од ДИК рекоа дека другите две партии што се пријавиле на изборите, онаа на Јанко Бачев и на Бранко Јаневски, направиле грешки во листите за пратеници. Нивните кандидати мора да приложат доказ дека биле неосудувани. Тој проблем ВМРО-ДПМНЕ го нема. Нивните кандидати не ни смеат да бидат осудувани. Тие и неосудени се аболицирани.

    3 Тоа што Трајко Вељаноски вика дека нема начин да се свика веќе еднаш распуштеното Собрание, не важи. Штом ДУИ бара да се свика Собранието, значи дека ќе се најде начин. И тоа што Трајко вели дека не постојат законски можности за свикување на пратениците, исто така на важи. Штом ДУИ вика дека може, а тие се познати легалисти, значи дека може. Ако не, има шуми низ Македонија.

    4 Во општина Аеродром ќе се гради егзотичен парк што ќе нè чини 14 милиони евра. Низ него ќе шетале мајмуни, срни, пауни и разни други егзотични животни. Паркот ќе го плати државната компанија за хидроелектрани ЕЛЕМ.

    Откако нашите пари ги префрлија на егзотични места, како на пример Белизе, Панама и разни Девствени острови, сега од малкуте наши пари што останаа ќе ни прават егзотика дома. Кога можеме да глумиме барок, можеме да глумиме и егзотика. Кога веќе живееме во рајска држава, глупаво е да немаме и рајска градина.

    Да се разбереме, добро  е што власта решила на тоа место да прави парк наместо да се градат стокатници.  Ама премногу е благородна идејата, баш во оваа политичка криза, државната ЕЛЕМ да одвои од нашите усти за да ни донесе мајмуни за да се релаксираме. Па и тоа што ќе потрошат 14 милиони евра наши пари не е ништо страшно. Кога може ЈСП, во кое одвреме-навреме штрајкуваат возачите оти им биле мали платите, да инвестира 18 милиони евра за панорамско тркало, зошто тогаш многу побогатата ЕЛЕМ да не потроши 14 милиони евра за егзотика. Па скапо е. За мајмуни се работи. Овците се евтини за одржување. За нив е спремен проектот од град во село. Кога овците се прилагодија да живеат меѓу палми, на мајмуните па ептен ќе им се погоди оваа златна Македонија.

    5 Впрочем, мајмуните што ќе ги увеземе да шетаат низ скопски Аеродром ќе го запечатат реномето на Македонија како егзотична земја. Ионака сме познати по мајмунлаци. Особено во политиката. И не за џабе сега има кампања за Македонија како дестинација за авантуристички туризам. Има ли поголема авантура од обидот да се разбере аболицијата на Ѓоле, на пример. Колку ли студиски патувања лежат, колку ли конгреси на авантуристички правници ќе се организираат, колку ли докторати по правни науки ќе се напишат по анализите на македонската аболиција. Не за џабе толкав хотел во центарот направија. Не за џабе дури и Груевски, како што чувме во бомбите, лично се грижеше за изгледот на балконите и столбовите на хотелот додека се градеше.

    Во други земји да имаш претседател кој во исто време е и правник би се сметало за предност. Кај нас се смета за егзотика.

    6 Традиционално, улогата на мажот во македонското општество досега беше да ги помрднува шкафовите и тешките работи додека жените чистат по дома. Но, еден господин од Битола ги урна традиционалните предрасуди за улогата на мажите при генерално чистење. Додека загрижени патриотки и љубителки на културно богатство го чистеа со детергент и сунѓери споменикот на Филип Втори, господинот им помагаше сосема во духот на модерното време. Со црево од фонтаната го тушираше таткото на Александар и им ги полнеше кофите со вода на вредните дами.

    Во Скопје еманципацијата на мажите уште не е дојдена до тоа дереџе. Скопјанки сами мораа да се мачат, откако спонтано се собраа да ја измијат со „сјај“ и со магични крпи Триумфалната капија. Не се најде маж да им го држи цревото.

    Има разлика меѓу битолчанки и скопјанки. Битолчанки постросани се фатија за крпа од скопјанките. И послободоумни. Во Скопје по наредба на партијата пред неколку години жените му го скрија патлакот на Прометеј. А битолчанки без предрасуди му ги изгланцаа мадињата на Филип.

    И во право беше онаа битолска конзерваторка кога рече: „Срамно е сами да си ги уништуваме нашите потомци“.  Па нормално дека ќе нема потомство, кога му облекоа гаќи на Прометеј.

    7 Министерката за култура Бети Канчевска прво објаснуваше дека којзнае какви конзерватори ќе морале да дојдат, па којзнае какви техники и зафати ќе морале да се направат за да се исчисти шаренилото од портата. Којзнае какви анекс-договори ќе направи.  И ги обвини шарените револуционери дека биле вандали и уништувале споменици.

    Па после, дојдоа домаќинките со детергенти како врвни конзерватори и со магични крпи го триеја скапоцениот споменик на Бети. Арно ама, се покажа дека применувале погрешна реставраторска техника. И дека всушност, тие со сунѓерите, магичните крпи и „сјајчето“ во кофата го оштетиле споменикот повеќе отколку демонстрантите.

    И сега што правиме? Ако за сквенрнавење на споменик одговораат тие што го боеле и пишувале графити врз портата,  тогаш за сквернавење треба да одговараат и нестручните конзерваторки што со „сјајче“ го уништиле споменикот. Ако воопшто има подеднаква правда за секој во Македонија. А се виде дека има.

    И ако воопшто Триумфалната капија ја есапиме за споменик.

    8 Смејте се, смејте се… Ама ова се возбудливи, егзотични, да не речам историски моменти, кога се случуваат суштетсвени промени во македонското општество.  Промените во улогата на мажот не завршуваат само со држењето црево за туширање на коњот на Филип. Допрва ќе се бара маж што со црево ќе го тушира и со еленска кожа ќе го полира мерцедесот од 600.000 евра на оној што ќе прави предизборна дебата сам со себе. За кого вредните и посветени конзерваторки  уште не разбрале дека веќе не е премиер.

    Podcast – СЛУШАЈ ТУКА: 

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира