ЈОРГО НА БИЛБОРД

Сакам на 1 октомври да си се разбудам во држава која што го затворила најтешкото поглавје во историјата

ЈОРГО НА БИЛБОРД

1 Молкот започнува 48 часа пред референдумот.  И затоа, колумната мора да излезе ден порано.

Овој пат ќе ја започнам со цитат од Јорго Кумуцакос, задолжен за надворешна политика во грчката опозициона Нова демократија, која се противи на Договорот од Преспа.

„Мотивот да се гласа ‘за‘ е многу голем. Прво, тие со тоа ги задржуваат името, националноста и јазикот, а како второ, добиваат членство во НАТО и позитивна перспектива за интеграција во Европската Унија… Ова е шанса за вистински големи промени во нивните животи, шанса да заспијат како мала држава на Балканот, а да се разбудат како членка на НАТО“, вели Јорго Кумуцакос. Не вели Зоран Заев.

Јас би ја ставил оваа изјава на Јорго  на билборд. Веднаш до оние бојкотирачките.

Слушајќи го грчкиот опозициски политичар Кумуцакос, уште помалку имам дилеми дали Македонија можеше да добие подобар договор од оној потпишаниот на 17 јуни во Преспа.

Од каде тргнавме? И до каде стасавме?

  • Во јули 1982, Грчкиот парламент донесе одлука со која им се забранува на грчките граѓани да студираат на универзитети на кои наставата се изведува на „јазик кој не е пошироко меѓународно признат“, па согласно тоа, од ноември 1982 година на грчките студенти што студираа на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје не им се признаваа дипломите. Поради македонскиот јазик.
  • Во јуни 1992, Европската заедница усвои Лисабонската декларација со која земјите членки се обврзаа никогаш да не ја признаат државата што го има зборот „Македонија“ во своето име.
  • Во декември 1992, на Самитот на Европската заедница во Единбург, Велика Британија успеа да ја поништи Лисабонската декларација и да го пренесе проблемот со признавањето на независна Република Македонија во Обединетите нации.
  • Во април 1993, поради противењето на Грција, станавме членка на ОН под привремената референца „Бивша југословенска Република Македонија“.
  • Во 1995, со Привремената спогодба потпишана по грчкото ембарго го сменивме и знамето и делови од Уставот.
  • Во 2004, САД нѐ признаа под уставното име.
  • Во 2008, и покрај напорите на САД не успеавме да влеземе во НАТО поради ветото на Грција.
  • Во меѓувреме, под уставното име нѐ признаа 137 земји, но ни со привремената референца не можевме да влеземе во ЕУ и НАТО.
  • Дури ни пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг во декември 2011, не помогна да се тргне ветото на Грција за ЕУ и НАТО.

И сега, конечно имаме договор  во кој што добро сме ќариле кога веќе во 1995 сме тргале да се пазариме. Сите овие успеси и падови довеле до постепено добивање на тоа за што сме се бореле во преговорите за кои уште од почеток сме знаеле дека ќе завршат со промена на име –  да се викаш Македонец, ама и другите да те признаат како Македонец. И на 30 септември имаме неповторлива можност засекогаш да го решиме проблемот што нѐ мачел не само последниве 30 години, туку со векови. Веќе никој никогаш да не ти спори ни што си, ни на кој јазик зборуваш.

На 30 септември се гласа „за“ или „против“. Се гласа дали се прифаќа реалноста или не. Оти реалноста вика – Ако го прифаќаш договорот со Грција, влегуваш во НАТО и почнуваш преговори со ЕУ. Ако не го прифаќаш – нема НАТО, нема ЕУ. Секој со својата визија. Некој со визија за подобар живот, некој со визија за подобар ајвар. Некој со визија да остане да живее во Македонија. Некој со визија да ја напушти. На некого веќе не му се чека. Некој би почекал уште 30-тина години.

2 Затоа, во паузата помеѓу лупењето пиперки и мешањето со бркалката во тенџерето, ако воопшто сакате да се замарате со мислење, обидете се да одговорите на овие прашања кои на ова место ги поставив пред неколку недели:

  1. Дали спорот за името со Грција беше глупав уште на самиот почеток? – Да.
  2. Дали пoради противењето на Грција одвај успеавме да станеме членка на Обединетите нации и тоа со привремено име Поранешна југословенска Република Македонија? – Да.
  3. Дали ни се допаѓа името ПЈР Македонија? – Не.
  4. Дали во 1995 година нашата држава прифати преговори со Грција под покровителство на ОН? – Да.
  5. Дали преговорите сме ги прифатиле со ќеф? – Не.
  6. Дали преговорите биле за промена на името?  – Да.
  7. Дали од 1995 година до денеска за промена на името преговарале сите македонски влади, и вмровски и сдсмовски? – Да.
  8. Дали преговорите морале да завршат со промена на името? – Да.
  9. Дали ВМРО-ДПМНЕ сите години додека и нивните влади преговараа за името викаше дека каков и да се постигне договор со Грција, конечното решение ќе оди на референдум? – Да.
  10. Дали ви се допаѓа името Северна Македонија? – Не.
  11. Ако не ви се допаѓа името Северна Македонија, дали ви се допаѓа името Горна Македонија, ако тоа е услов за влез во ЕУ и НАТО? – Не. Или, можеби, да.
  12. Дали ви се допаѓа тоа што јазикот насекаде ќе биде признат како македонски? – Да.
  13. Дали овој дел во кој живееме го зафаќа северниот дел од поширокото географско подрачје што се вика Македонија? – Да.
  14. Дали само на овој, северен дел од големата Македонија, македонскиот народ во Втората светска војна се изборил за сопствена држава? – Да.
  15. Дали само во оваа држава јазикот што го зборуваат Македонците се вика македонски и е признат како македонски? – Да.
  16. Дали матичните и црковните книги на родените и свидетелствата на вашите баби и дедовци пред 1945 година се напишани на македонски јазик? – Не.
  17. Дали можеме да почнеме преговори за влез во ЕУ без промена на името? – Не.
  18. Дали можеме да бидеме членка на НАТО без промена на името? – Не.
  19. Сакате ли во ЕУ? – Да. Или, можеби, не.
  20. Сакате ли во НАТО? – Да. Или, можеби, не.
  21. Дали можеме да влеземе во ЕУ и НАТО со името ПЈРМ? – Не.
  22. Дали можеме да влеземе во ЕУ и НАТО со името Република Македонија? – Не.
  23. Дали сакате да живеете во изолација? – Не.
  24. Дали сакате да живеете побогато? – Да.
  25. Дали сте спремни покрај ајварот да јадете корења? – Не.
  26. Дали сакате да живеете побезбедно? – Да.
  27. Дали сме способни сами да си ја гарантираме безбедноста и територијалниот интегритет? – Не.
  28. Ако не сакате НАТО да ви ја гарантира безбедноста и територијалниот интегритет, кој друг би сакале да ви ја гарантира? Русија? Кина? Србија? – Не. Или, можеби, да.
  29. Дали сакате поделба на државата или разграничување помеѓу Македонци и Албанци? – Не.
  30. Дали референдумот е избор помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? – Не.
  31. Има ли раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски храброст да каже јавно „Бојкотирам“? – Не.
  32. Сакате ли тие што 11 години краделе да не одат во затвор? – Не. Или, можеби да?
  33. Сакате ли тие што 11 години ве крадеа и ве прислушуваа да продолжат да крадат и да прислушуваат? – Не. Или, можеби, да.
  34. Сакате ли принципот на неказнивост на владејачката елита да остане и во иднина, па секоја нова власт да може да краде, да прислушува и да не одговара за тоа? – Не.
  35. Дали сакате САД, Германија, Франција, Холандија, Шведска, Хрватска, Словенија, Велика Британија да ви бидат сојузници? – Да. Или, можеби не?
  36. Дали сакате Грција, Бугарија и Албанија да не ви бидат веќе непријатели, туку кога ќе бидеме заедно во НАТО да ви бидат сојузници кои ќе ја гарантираат и вашата безбедност?- Да. Или, можеби не?

3 Јас си одговорив на прашањата. Немам време за чекање. Ќе гласам „За“.  Немам резервен пасош. Ниту јас, ниту моите деца. И не сакам самиот да се одродам и да си се пишам дека не сум Македонец за да си обезбедам резервна татковина.

Ние, Македонците што слободно го зборуваме македонскиот јазик, имаме само една држава. Оваа тука. И сакам на 1 октомври да си се разбудам во држава која што го затворила најтешкото поглавје во историјата. Со еден голем проблем помалку, и тоа проблем што самите не сме го создале,ама не сме можеле самите ни да го решиме. И да отвориме ново поглавје. „Со шанса за вистински големи промени во нашите животи“, како што би рекол Јорго од билбордот што никому не му текна да го стави.

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира