ОПШТИНА БИТОЛА КРИЕ ДАЛИ НЕКОГО КАЗНИЛА ЗА ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ, ДЕНЕС БЛОКАДА КОН РЕК

a:2:{s:16:"td_post_template";s:18:"single_template_EU";s:9:"td_source";s:45:"Битола,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    ОПШТИНА БИТОЛА КРИЕ ДАЛИ НЕКОГО КАЗНИЛА ЗА ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ, ДЕНЕС БЛОКАДА КОН РЕК

    Општина Битола не одговара дали во изминатиот период поднела опомени или пријави против домаќинства или фирми од градот кои го загадувале воздухот. По пет дена чекање Oпштината да му одговори на нашиот репортер на прашања поставени во писмена форма , тој доби усна информација од Службата за односи со јавност дека нема одговор.

    Снегот кој падна вчера го намали присуството на суспендираните ПМ 10 честички во  воздухот во Битола. Меѓутоа, градот минатата недела беше лидер во Македонија по ареозагадување, па писмено доставивме прашања до Општината за тоа како контролираат кој и колку загадува и дали против некого презеле санкции. Воедно, прашавме и колку пари од општинскиот буџет се издвојуваат за заштита на животната средина и дали таа сума од година во година расте. Но, не добивме официјален одговор, иако во Општината има инспектори за животна средина.

    Поради аерозагадувањето битолчани денеска од 15 до 17 часот ќе го блокираат патниот правец за РЕК „Битола“.  Збирно место ќе биде кружниот тек на Дулие во 14,30 часот. Иницијаторите на протестот, здружението „За нас се работи“ ги повикаа битолчани да излезат со автомобили, трактори, камиони за да го затворат патот за РЕК. Тие бараат субвенционирање на електричната енергија до спроведувањето на гасификацијата и режим на сообраќај во централното градско подрачје.

    „Ако на политичарите им е приоритет политиката, нас приоритет ни е животот. Се најавува гасификација на Битола, кога ќе биде тоа, за 10 години. Што дотогаш? Зарем ќе умираме и понатаму од болести предизвикани од загадениот воздух? Ова е крик на граѓаните, нашите деца и потомци“, изјави Илија Балтовски од „За нас се работи“.

    „Барањата на здружението не се упатени до комбинатот, ниту, пак, ние можеме да ги исполниме. Сметаме дека се на погрешна адреса“, вели Јован Колевски од прес-службата на РЕК Битола, каде има 3.000 вработени.

    Според податоците објавени на Интернет страницата на Министерството за животна средина , минатиот четврток  среднодневните концентрации на суспендирани честички достигна 139 микрограми на метар кубен, иако дозволената граница е до 50. На годишно ниво дозволени се 35 дена со надминувања на концентрациите на МП10 честички, а во Битола иако до крајот на годината престои уште еден месец , пречекорувања имало безмалку тројно повеќе, односно 95 дена.

    Загадување на воздухот се очекува и во декември, пред сѐ затоа што во Битола нема организирано парно греење, па повеќе домаќинства  се греат на дрва, а некои пак користат гуми, пластики и лакиран под и друго. Според  Програмата за подобрување на квалитетот на воздухот прифатена од Советот на Општина Битола,  годишно во градот од оџаците и возилата се испуштаат околу 37 тони ситна прашина. Битола има 26.000 домаќинства, а од нив  85 проценти се греат на печки. Годишната потрошувачка на дрва изнесува 22.000 тони, а со нивно согорување се испуштаат 28 тони РМ10. Во сообраќајот над 55 проценти од моторните возила се постари од 10, а автобусите повеќе од 18 години.  Тие годишно емитираат  високи 6,7 тони суспендирани честички.

    Поодговорен однос бараат и загрижувачките резултати презентирани во март годинава, од истражувањето за квалитетот на воздухот што го нарача Општина Битола во лабораторијата „“Еуромак контрола“. Се поакажа дека  ПМ 10 честичките не се од индустријата, но содржат бензо алфа пирен, полицикличен ароматичен јагленоводород кој е канцероген. Експертите тогаш изјавија дека доаѓа од оџаците на домаќинствата и издувните гасови на возилата. Концентрација која е дозволена согласно европската регулатива изнесува 1 наног рам на кубен метар, додека во Битола беше констатирано присуство на ден од 8 до 18 пати поголемо.

    Блокадите на битолчани како протест против загадениот воздух се совпаѓаат со митинзите на две најголеми политички партии од македонскиот блок. Блокадите кои ќе траат од 15 до 17 часот, почнуваат денеска, пред најавениот митинг на ВМРО-ДПМНЕ, а завршуваат в сабота, пред митингот на СДСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира