Демонстрациите во Скопје завршија со боење на бараката каде што е сместена градската администрација и Кабинетот на градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
Демонстрантите фрлаат боја од булеварот Илинден кон бараките на градската администрација (Фото:СДК.МК)
Вечерва протести имаше и во Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово, Штип, Велес, Битола, Кавадарци и Охрид. Во Битола беше блокирана една од најпрометните улици во градот.
Во исто време и во Охрид и во Битола имаше контрапротести на Граѓанското движење за одбрана на Макеоднија (ГДОМ) што ја поддржува владејачката ВМРО-ДПМНЕ и изборите на 5 јуни. Инциденти немаше.
Протестот во Скопје го организираше граѓанската инцијатива „Протестирам“. Тие бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
Вечерва продолжи обоената пролет низ центарот на главниот град, или како што организаторите ја нарекуваат „Шарена револуција“ со фрлање боја врз спомениците од контроверзниот проект „Скопје 2014“.
По споменикот на Прометеј, вечерва беше обоен и столбот на кој е истопорен Александар Велики, таканаречениот споменик „Воин на коњ“на плоштадот Македонија.
Споменикот на основачите на ВМРО спроти Собранието во Паркот на жената борец остана необоен. На него беше напишано „ВМРО не е еднакво на ДПМНЕ“.