КРВАВА НОЌ ВО СОБРАНИЕТО, ЕУ И САД ГО ПРИЗНАА ТАЛАТ

КРВАВА НОЌ ВО СОБРАНИЕТО, ЕУ И САД ГО ПРИЗНАА ТАЛАТПретседателот на СДСМ Зоран Заев беше со рскрвавена глава изнесен од Собранието од кадешто замина во седиштето на партијата на Бихаќка. (Фото: О. Теофиловски за Ројтерс)

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, неговата заменичка Радмила Шеќеринска, лидерот на АА Зијадин Села и уште неколкумина други пратеници беа натепани за време вчерашниот напад на Собранието од страна на демонстранти на „За заедничка Македонија“. Повредени беа над 100 пратеници, полицајци и цивили во нападот што почна по изборот на Талат Џафери од ДУИ за нов претседател на Собранието нешто по 18 часот.

Полицаец во цивилка соочен со демонстрантите кои упаднаа во Собранието да ги линчуваат пратениците на СДСМ. (Фото: Ѓ. Личовски)

Додека траеја тепачките во Собранието, ЕУ и САД го поздравија изборот на Џафери и најавија дека ќе соработуваат со него и најостро го осудија нападот на Собранието. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг твитна дека е шокиран од нападите и ги повика сите партии да го почитуваат демократскиот процес.

Зоран Заев му го честита на Талат Џафери изборот за нов претседател на Собранието. (Фото: Ѓ. Личовски)

Во Собранието, полициски специјалци првин ги извлекоа пратениците на СДСМ и новиот претседател на Собранието Талат Џафери, кои беа заглавени во прес-центарот, а потоа со оклопни возила ги извлекуваа од парламентарната зграда.

Шеќеринска не успеа да им избега на насилниците во прес-центарот, а на видео снимките се гледа и напаѓачот. (Фото: Радио Слободна Европа/принтскрин)

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој беше во Виена, на Фејсбук напиша дека не е време за насилство. Претседателот Ѓорге Иванов околу 10.30 часот ги повика лидерите на парламентарните партии на лидерска средба, иако двајца од нив, Заев и Села, претрпеа повреди само три часа претходно.

Пратениците беа извлекувани од собраниската зграда со оклопни возила на полицијата. (Фото: Г. Трпеноски)

Полиција речиси и да немаше да почетокот, па толпата лесно го совлада собраниското обезбедување и слободно ги тепаше и гаѓаше со инвентар пратениците на мнозинството. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев ги штитеше повредените колеги од СДСМ Зоран Заев и Петре Шилегов од линч, а потоа со сопартиецот Никола Тодоров и лекарска екипа во канцеларијата на ВМРО-ДПМНЕ им помагаа на повредените колеги. Заедно со пратениците, заглавени во Собранието беа и новинарите, кои последни си заминаа.

Актерот Владо Јовановски и директорот на Македонската опера и балет, оперскиот пејач Игор Дурловски беа меѓу толпата што упадна во пленарната сала на Собранието (Фото: Ѓ. Личовски)

Дури три часа по почетокот на нападот, период во кој беа натепани пратеници и демолиран парламентот, полицијата почна да го празни Собранието и да ја расчистува толпата пред објектот. Мал дел од демонстрантите останаа во паркот спроти Собранието на кампуваат.

С. К. Делевска/Г. Трпеноски

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари