САД ГО ОТКАЧУВА АХМЕТИ ПОРАДИ БЛОКАДАТА НА СЈО ШТО ЈА ОДАЛЕЧУВА МАКЕДОНИЈА ОД НАТО

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

САД ГО ОТКАЧУВА АХМЕТИ ПОРАДИ БЛОКАДАТА НА СЈО ШТО ЈА ОДАЛЕЧУВА МАКЕДОНИЈА ОД НАТО

Претставници на Американската амбасада во Македонија интензивно се среќаваат со другите политички партии на Албанците, откако пратениците на ДУИ и ДПА во вторникот не гласаа за поддршка на законите за Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Движењето за реформи на ДПА на Зијадин Села и Беса соопштија дека имале средби со американски делегации денеска, а Унитети на Г’зим Острени за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека со претставници на американската амбасада ќе се сретне утре.

Зачестените средби на американските дипломати со помалите партии на Албанците во Македонија доаѓаат откако традиционалните партнери на САД од албанскиот политички блок од ДУИ во вторникот се солидаризираа со ВМРО-ДПМНЕ во блокирањето на работата на СЈО за која Американците сметаат дека е клучна институција за излез на Македонија од политичката криза што би ја вратило земјата на евро-атлантскиот пат.

Само четворица пратеници на ДУИ гласале за продолжување на рокот за истраги на Специјалното јавно обвинителство и за барањето на Катица Јанева дополнително да ги заштити заштитените сведоци.

Последното соопштение на американската амбасада во Скопје е на линија на Kоминикето од Самитот на НАТО во Варшава кога партнерите на Македонија изразија загриженост дека земјата е однесена уште подалеку од вредностите на НАТО – Фамилијарна фотографија од Варшавскиот самит (Фото: АП)

Впрочем Амбасадата на САД тоа го кажа и со соопштение во вторникот кога ги оцени барањата на Специјалното јавно обвинителство за измена на законот за заштитени сведоци и за продолжување на рокот на истрагите за разумни и уште еднаш ги охрабри „сите партии да се придржуваат кон обврските преземени со договорите од Пржино и од 20 јули за да осигураат веродостојни избори и непречена работа на Специјалното обвинителство и на независните набљудувачи на медиумите“. Според соопштението на САД „воспоставувањето отчетност за неавторизираните прислушувања и сомнежите за владина злоупотреба се суштествени за да може Македонија да излезе од продолжената криза“.

Овие изјави на претставниците на американската администрација во Скопје се на линија на Коминикето од последниот НАТО Самит што се одржа на почетокот на јули годинава во Варшава. Во коминикето се предупредува дека Македонија е одвлечена далеку од вредностите на НАТО и тоа ги загрижува партнерите.

„Со оглед на загриженоста за политичките настани во Македонија, што ја однесоа земјата уште подалеку од вредностите на НАТО, бараме од сите политички лидери во земјата целосно да ги имплементираат обврските превземени со Договорот од Пржино од јуни и јули, како рамка за одржливо решение на политичката криза“, стои во Коминикето од НАТО Самитот во Варшава.

Разочараноста на САД од однесувањето на ДУИ, која и самата е потресена од афери поврзани со сомнежи за криминал што произлегуваат од нелегално прислушуваните разговори ги тера да се свртат кон други партнери кои ќе гарантираат меѓуетнички баланс и стабилност на Македонија и ќе бидат гарант дека земјата останува посветена на вредностите на НАТО, тврдат за САКАМДА КАЖАМ.МК претставници на партиите на Албанците што деновиве имаат интензивни разговори со американските дипломати.

Зијадин Села, лидер на Движењето за реформи на ДПА по денешната средба во Американската амбасада за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека со американските дипломати разговарал за „важноста на декриминализација на политичката сцена, улогата на Специјалното јавно обвинителство и реалното застапување на политичките барања на Албанците.

“Ние дадовме и ќе дадеме безрезервна поддршка на Специјалното јавно обвинителство, а од друга страна двете албански политички партии ДУИ и ДПА, кои велат дека ја имаат поддршката на меѓународниот фактор, веќе е јасно дека дека нема да ја уживаат таа поддршка“, изјави Села за САКАМДАКАЖАМ.МК. Тој вели дека „Албанците се разочарани што ДУИ не изрази поддршка на Законот за заштита на сведоци и поддршка за СЈО“ и дека „очигледно тие имплементираат систем кој наликува на Исток, а не на Запад“.

„Многу скоро и двете партии ќе одат во историја, во тој лош дел на историјата на албанските политички партии“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на движењето и градоначалник на Струга Зијадин Села.

И од Движењето Беса соопштија дека денес се сретнале со Дејвид Стивенсон, раководител за политички и економски прашања во Амбасадата на САД.  Лидерот Биљал Касами изјави дека неговото движење силно ја поддржува работата на Специјалното јавно обвинителство, но исто така инсистира на формирање на специјален суд . „Ние не сакаме да се занимаваме со ДУИ, која сметаме дека е горчливо минато на Албанците во Македонија, туку после 11 декември како да ја направиме Македонија прифатлива за Албанците“, изјави Касами по средбата со американските дипломати.

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира