17 КИЛА ЕВРА

Во Македонија успехот не се простува

17 КИЛА ЕВРА

1 Си била една земја во која премиерот решава со 700 милиони евра да гради барок и антички споменици и фонтани во главниот град. Шефот на тајната полиција, кој е братучед на премиерот, ги снима телефоните на пола држава за да чуе како меѓу себе се крадат министрите на неговиот братучед и за да дознае што спрема опозицијата, амбасадорите, новинарите… Кумашинот на шефот на тајната полиција е бизнисмен кој ја купува цела држава – болница, банка, весници, печатница, хотели, градежни фирми, млекара, крави, ниви, комбајни, гасни централи…

Свиркач ги дава прислушуваните разговори на лидерот на опозицијата. Рокаат бомби, се открива дека власта не крадела само пари, туку ги крадела и изборите. Настанува политичка криза. Се вмешува меѓународната. Договори, преговори, меморандуми… Се создава ново, специјално обвинителство, бидејќи постојното не сака да ги истражува криминалите на власта… Претседателот ги аболицира сите политичари за кои во бомбите се слуша дека прават криминал. Има протести. Има избори. Лидерот на опозицијата собира мнозинство за влада, ама претседателот не му дава мандат. Новата опозиција го напаѓа Собранието, сакаат да го убијат лидерот на мнозинстото што треба да направи влада. Лидерот ќе преживее само со скршена глава и ќе направи влада. Стариот премиер бега од државата оти треба да оди во затвор по пресуда од предмет на специјалното обвинителство.

Специјалното обвинителство отвара истрага и го става во притвор најбогатиот човек во државата. Се појавува шоумен и егзибиционист кој се претставува како газда на телевизија. Се дружи со шефицата на Специјалното обвинителство. Ама се дружи и со бизнисменот под истрага. Се слика  и со врвни политичари, угледни новинари, им купува подароци… Бизнисменот кој е под истрага на тоа обвинителство му дава милион и пол евра на пријателот на шефицата да издејствува да биде ослободен од притвор и да му го вратат пасошот. Сето тоа го снима. Го пријавува во редовното обвинителство и од осомничен криминалец станува жртва-сведок. Снимките се појавуваат во италијански весник. Шефицата на Специјалното обвинителство станува осомничена. И за бранител го зема адвокатот што брани осомничени баш во нејзиниот предмет против бизнисменот.

Обвинителка од редовното обвинителство ја апси обвинителката од Специјалното обвинителство. И како материјален доказ го запленува мебелот од дневната соба, кој шоуменот ѝ го подарил. Се открива дека шоуменот не го платил мебелот, што го зел, исто така, од фирма на фамилијата на бизнисменот. Исто како што не ја платил ни операцијата за разубавување што му ја правеле во болницата на бизнисменот.

Дента кога е уапсена специјалната обвинителка, се дознава дека утрината починала мајка ѝ. Ноќта ја поминува во притвор, а сабајлето ја носат на погреб…

Кога целата оваа приказна би била филм, во моментот кога умира мајката ќе си речеш: „А бе ај, ова лимунада…Одам да си легнам. Ова филмот малку забега со сценариото. Што е следното? Ќе ги најдат оние милион и пол евра од средината на филмот?“

2 Ама, ова не е филм. И осомничената не е било која жена. Туку е Катица Јанева. И тоа не е некоја Катица од Гевгелија, туку е шефица на Специјално обвинителство, создадено да биде баш специјално затоа што редовното обвинителство не си ја вршеше  работата и не го гонеше криминалот на власта. По таа логика на нештата, специјалната Катица ќе требаше да ја уапси обичната Вилма Русковска. А се случи обратно.

Додуша, кој пак ти бара некоја логика во Македонија? Оти, да имаше некоја логика, оној премиерот од почетокот на филмот досега требаше да биде во затвор. И што се случи? Катица Јанева пред него ја виде Шутка. А таа стана херој со слоганот „Шутка не ти бега, Никола“.

3 Катица Јанева е притворена 35 дена откако почна истрагата за рекет и беа притворени Боки 13 и Зоки Кичеец. Таа доби притвор за да не влијае на сведоците и да не избега во странство. Откако  пред една недела се врати од одмор во Грција. Каде што не можела да влијае врз сведоци и да избега во странство, оти одмарала.

Додека редовното обвинителство одмараше заедно со Катица Јанева, граѓанските истражители на фејсбук правеа форензичка анализа на протечената снимка во која се гледаат пачки со банкноти евра покрај чанта „луј витон“ и спецификација на банкнотите според апоени. Вредните граѓански истражители пресметале дека 545.000 евра што биле во банкноти од по 50 евра тежат 12 кила. 387.000 евра биле во 774 банкноти од 500 евра и тие тежат еден килограм. А 108 банкноти по 200 евра, тежат само триста грама и 757 банкноти од по 100 евра се едно кило. Додај на тоа бугарските весници, што им ги ставил Орце најгоре, плус ластичињата, плус самата торба сигурно тежи, чиста кожа е, ете ти некои 17 кила.

Боки и Кичевскиот лесно поминале со само 17 кила. Катица мораше да се мачи со каучот. Обвинителството го најде потешкиот доказен материјал. За седумнаесетте кила евра ќе чекаме второ продолжение од серијалот „Сѐ ќе биде океј“.

4 За 30-годишната бизнисменка Нина Ангеловска, предложена од премиерот Зоран Заев за министерка за финансии, не знам ништо повеќе од тоа што е напишано во нејзината професионална биографија. Дали ќе биде добра или лоша министерка нека му ја мисли премиерот. Ама не можам да разберам од каде излезе сета таа омраза по социјалниве мрежи само затоа што е млада, успешна жена. Што им пречи? Дека е млада? Или дека е успешна? Или дека е жена?

За млади ама многу поискусни и пошколувани од Ангеловска можеме да збориме кога ќе се потсетиме на Бранко Црвенковски, кој беше обожуван како божество на 30 години. И на обожуваниот Љубчо Георгиевски, чие прво вработување му беше потпретседател на претседателот на државата на 25 години. Второ вработување му беше премиер на 32 години. Уште пообожуваниот Никола Груевски стана министер за финансии на 29 години.

Зошто Нина Ангеловска не може да е обожувана барем како Бранко, Љубчо и Груевски? Затоа што не била политичарка? Затоа што на 20 години направила фирма која, ете, станала успешна? Или затоа што е жена?

Замислете го нејзиното скандалозно однесување. Додека нејзините врсници играле по комитски вечери, лепеле плакати и дежурале по штабови за да се огребат за државна служба, таа сработила успешна приватна компанија.

Во Македонија успехот не се простува.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира