2 МИЛИОНИ МИЛИМЕТРИ

Во следниот документарец кој „ќе ја претставува Македонија во вистинско светло“, главниот лик ќе биде мајка што се бори за правото на своето дете во изводот од матичната книга наместо село Злокуќани да пишува Скопје

2 МИЛИОНИ МИЛИМЕТРИ

1 Корежисерката на филмот „Медена земја“ Тамара Котевска има 26 години и две номинации за Оскар за првиот филм. Зошто нејзе би ѝ било важно што имаат да кажат фејсбук експертите за  нејзиниот филм? Зошто би ѝ било важно што имаат да кажат за нејзиното дело особено оние што не го гледале филмот, ама имаат став за него? Зошто би спорела со луѓе кои „остроумно“ и „стручно“ забележале дека „филмот не ја претставува Македонија во вистинското светло“ и дека „Атиџе не е вистинскиот лик што ја претставува Македонија“.

На тие што се загрижени „како ќе нѐ видат странците“ не им пречи што живеат во сопственото ѓубре, ама многу се навредени кога странските амбасадори се собираат одвреме-навреме да ни го чистат ѓубрето. Загрижени се дека во светот ќе нѐ претставувала Атиџе, оти нејзиниот живот во зафрлено село бил  примитивен. А не е примитивно кога си спремен да се понижуваш во партија за да добиеш државна работа, во град.

А тоа што не ти доаѓа да се израдуваш на светски успех, особено на твој сонародник, тоа веќе не е ни простаклук. Тоа е чист лошотилак.

2 Добра практика воведува ВМРО-ДПМНЕ со овие психијатриски боледувања со кои се одлагаат судските процеси на поранешните функционери обвинети за висока корупција. Како што се одложи рочиштето на поранешниот градоначачник на Гази Баба Тони Трајковски, кој по барање на Никола Груевски за политичка одмазда го уриваше објектот „Космос“ на Фијат Цаноски. Добро е оваа практика да продолжи и надвор од судниците. Партијата да бара психијатриско вештачење на кандидатите за функции уште пред да ги предложи. А не дури отпосле тие да се сочуваат со „чувство на нелагода“, „срам од домашните“, „лоши соништа и тешки мисли“.

Што ќе ја прашува судијата лекарката на обвинетот Трајковски за да оцени дали боледувањето е валидно? Дали психичката состојба на обвинетиот се влошила по тепањето, или имал проблеми и пред тепањето? Дали со слични проблеми се соочувал и додека бил градоначалник? Дали на пример, му се потеле рацете кога му се јавувал Никола Груевски? Може болеста влече историја уште од тоа време? Па, потоа судијата може да викне и други писхијатри да дадат мислење за мислењето на лекарката на Трајковски. Па меѓу нив би требало да има и психијатар Албанец. Па тој ќе може директно да му кажува на адвокатот на обвинетата соработничка на Трајковски, Албанец кој не разбира македонски, што вели писхијатриската дијагноза. И така – судскиот процес, што почна од почеток оти по три години одлагање на рочиштата застаре, сега ќе фати забрзување.

На адвокатите на обвинетите тоа им е работа – да ги бранат. Одбраната затоа и се вика – одбрана. И ќе ги користат сите средства. Не е спорно и дека ги знаат сите адвокатски финти. Проблемот е како сите тие средства поминуваат во судот. Адвокатските финти лесно поминуваат кога и судиите чекаат да видат кој ќе победи на избори. Откако претходно три години чекаа да се врати ВМРО-ДПМНЕ.

3 Вицепремиерот Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Државни патишта Зоран Китанов потпишаа договор со „Гранит“ за изградба на првите 2 километри од автопатот Скопје – Блаце. Знаете што се 2 километри? Тоа се 2.000 метри. Или 200.000 сантиметри пат. Или, 2 милиони милиметри. И тоа не во било кој правец. Во правец кон Косово.

За таква значајна должина на автопат што допрва ќе почне да се гради, нормално е и присуството на Бујар Османи. Оти без него не може да се замисли ништо што има некаква врска со Албанците. Да не се појавеше, гласачите на ДУИ тоа немаше никогаш да му го простат. Па хирургот Бујар Османи, покрај тоа што е вицепремиер за евроинтеграции и самопрогласен инспектор за двојазични табли, сега од Владата добил задолжение да биде и координатор на изградбата на автопатот кон Косово.

„Лекар, пекар, апотекар… Све чу бити ја, него шта!“ Лекар хуманист, политичар, Европеец, лингвист, инспектор, неимар и координатор.

Сепак, шокиран сум од неефикасноста на координаторот, инспектор Османи. Оти се потпиша договор за градба, а на теренот уште нема табла со најава дека тука ќе има автопат. Автопат може и да нема. Ама двојазична табла мора да има.

4 Пратеникот Влатко Ѓорчев се пофали дека ВМРО-ДПМНЕ намерно блокираше два закона во Собранието. Тој напиша на Твитер: „Денес спречивме два штетни закони. Законот за дрога (многу опасен закон). Лустрација врз жртвите на 50-годишниот режим“.

Кога во февруари 2016 година Влатко Ѓорчев како пратеник на владејачката ВМРО-ДПМНЕ гласаше за Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци предложен од тогашниот министер за здравство Никола Тодоров, со кој се легализираше медицинската употреба на марихуаната, законот не му бил опасен. Оти, тогаш така барала партијата. Сега партијата од пратениците бара да ги опструираат сите закони, па Влатко е спремен да најде оправдание.

А што се однесува до тоа дека спречиле „лустрација врз жртвите“, Влатко ај што не знае што закон блокирал, туку не знае ни што е лустрација, иако и за тоа гласал во 2012. Може да има лустрација само на тие што предизвикале жртви. Не „лустрација врз жртвите“, ко што вика Влатко.

Важно, Собранието го донесе законот со кој се исправи децениската неправда – на децата што се родени во првите месеци од отварањето на приватната болница „Систина“ во 2010 во изводот веќе нема да им пишува дека се родени во село Злокуќани, туку во Скопје. Тој закон Влатко Ѓорчев не го блокираше.

5 Ете тема за следниот документарец кој ќе ја претставува Македонија во вистинско светло. Главниот лик ќе биде мајка што се бори за правата на своето дете во изводот од матичната книга наместо во село да пишува родено во град.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари