25 ПОЕНИ

Дај да дискутираме за нешто конкретно. На пример, за пари. На инспектор Османи да му дадеме задача да провери како се полни буџетот во двојазична Македонија.

25 ПОЕНИ

1 Комичарите добија сериозна конкуренција во вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Откако со Париз и Берлин ја нареди работата да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ, тој сними филмче како самиот вози кола и проверува дали таблите на државните институции се двојазични. Па самиот си се пушти на Фејсбук, да го видиме како зад воланот се јавува кај директорите што уште не ставиле нови двојазични табли, за да ги искара. Што е сериозна стендап комедија, направена по европски стандарди. Сосе музика во филмчето.

Комедијата има и продолжено дејство за забава на публиката. Се вклучува и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Како епизодна, ама многу значајна личност за евроинтеграциите. Полицијата го казнила Бујар затоа што зборувал на мобилен додека возел. Ја загрозил безбедноста во сообраќајот од што се грижел за евроинтеграциите. Жртвуваше многу во битката за двојазични табли. 25 казнени поени во сообраќајната книшка за прекршоци.

И наместо на Бујар да му се оддаде признание за неговата мултифункционалност – ем лекар, ем евроинтегративец, ем возач, ем инспектор, ем комичар, ем совесен граѓанин што плаќа сообраќајни казни – мрчаторите почнаа да му фаќаат кусури. Зошто не отишол до Мала Речица да види дека во седиштето на ДУИ немало македонско знаме. Атакуваат на неговите национални чувства.

Па уште и го предизвикуваат. За две–три недели, кога ќе го славиме 11 Октомври, да одел до Тетово, Струга и Гостивар да направи инспекција зошто нема македонски знамиња. Глупости. Бујар Османи е човек од иднината. Од што е загледан кон Европа, не ги ни забележува бандерите на сегашноста.

2 Ама, кога веќе се промовираше како ефикасен инспектор, Бујар би можел да се повози и до Матка. Нека ги провери и кајчињата и нека види како напредуваат цвеќенцата на оградите од дивите кафеани на платформите над езерото. Таму нема ни да го казнат, оти Оливер Спасовски не смее да ја загрози автономијата на Општина Сарај. Градоначалникот Блерим Беџети се закани дека ако му влезат градежни или еколошки инспектори ќе организира референдум, па затоа најполитички коректно е инспекцијата да ја изврши евроинтегративецот од неговата партија Бујар Османи. Да измери дали има правична застапеност по етникуми и по вероисповед на граѓаните затруени од палењето на стрништата по европски стандарди.

Додуша, ДУИ му должи на градоначалникот Беџети уште од времето кога беше министер за правда во Владата на Никола Груевски. Кога Гордана Јанкулоска го молела да потпише барање за екстрадиција од Косово на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, обвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Гледаме, до сега и двајцата успешно не се испорачани.

3 Вакво мрчење не му е ниво на евроинтегративецот Османи. Дај да дискутираме за нешто конкретно. На пример, за пари. На инспектор Османи да му дадеме задача да провери како се полни буџетот во двојазична Македонија. Еве, на пример, нека открие како е можно во вкупната уплата од персонален доход во државниот буџет, покрај Скопје, пред Тетово да бидат Штип, Битола и Прилеп. Со данок на добивка, поголемо учество имаат Штип, Битола и Струмица поединечно, отколку Тетово. ДДВ повеќе се собира во Битола, отколку во Тетово. Тие со бемвеата и мерцедесите паркирани во две ленти низ тетовските улици сите пари за коли си ги потрошиле, па за живот пари не им останале. Ај нека се обиде инспектор Османи да ги провери фискалните каси во Тетово, ко што ги проверуваше таблите. Нека ја направи и таа жртва. Нема да помине само со 25 поени казна. Може и со скршена глава да излезе.

И кога веќе е тргнат на Запад, нека се повози и до Струга. Како инспектор за образование нека ги посети школите на сопартиецот Рамиз Мерко. Кој што си купи службено „ауди“ за 70.000 евра од парите што сите му ги дадовме за покривање на долговите на Општината. Па не останаа пари за реновирање на школските тоалети. Нема пристојни клозети за децата. Ама двојазични табли – има.

Додуша, таблите во Струга се двојазични уште од времето на Тито. Ама дојдоа разни Бујаровци и измислија проблем кај што го немало. И навистина, не можам да сфатам што му е целта на Бујар Османи со стендап комедииве? Да направи проблем и таму кај што го нема. Да станат националисти и тие што не се.

4 Презафатениот инспектор не успеа да се појави на протестот на лекарите. Плакатот за протестот беше двојазичен, па немаше потреба од негова лекарска интервенција. Доволно беше што протестираше министерот за здравство Венко Филипче. Бараше од државата да ги заштити лекарите. И да направи систем кој ќе го спречи одливот на лекари во странство.

Според законот, и напад на лекар се казнува како напад на службено лице. Затоа, во знак на солидарност, на министерот Филипче требаше да му се придружи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Филипче да бара заштита од државата како нападнат лекар, а Спасовски како нападнат полицаец.

Тоа што власта протестира против себе не е нешто ново. Таа практика почна пред две години, кога министрите и градоначалниците маршираа против загадувањето во Скопје. Бараа казни за загадувачите. Протестираше и министерот Роберт Поповски сосе цело владино одделение за односи со јавноста, заедно со новинарите кои бараа казни за напаѓачите на новинари.

Министрите самите си дадоа поддршка да се бават со својата работа. Казни нема.

Фала на поддршката.

5 Пратеникот Антонијо Милошоски побара Собранието да направи анкетна комисија за работењето на СЈО. Катица Јанева веќе тера втор мандат во Шутка, а ВМРО-ДПМНЕ по свадба, тапани вика. И тоа, кој вика? Антонијо. Ај што уште преговара за иднината на обвиненијата против него, ај што на евроамбасадорот Жбогар му пишува писма за местенки во Академијата за судии и обвинители, а сопругата на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев е второрангирана по резултати, туку сега отвара муабет за непотизам. Кој? Антонијо. Со снаата во УЈП, со вујкото во Катастар, со братучедот во Централен регистар, со братучетка директорка на школо, друга братучетка во Водовод, зет раководител во МЕПСО…Кој збори за непотизам? Антонијо. Пратеникот кој беше дел од власта во која премиерот и шефот на тајната полиција како братучеди ја прислушуваа цела држава.

Кој прашува за неразумно трошење? Антонијо. Пратеникот кој беше дел од власта што потроши повеќе од пола милијарда евра на гипс и на споменици само во еден град. И повеќе од пола милион евра за палми што се исушија во сите градови. Зборат за неразумно трошење тие што увезуваа морски песок за плажите во Охрид и на Вардар?

Па добро бе, не мора баш Антонијо на вмровците да им биде Катица за сѐ. Кога веќе сакаат да попуваат што сѐ не треба да се прави, нека најдат некој кој со својата појава нема да нѐ потсетува што сѐ се правеше. Од тие 30-40 пратеници што ги имаат, белким има некој што немал врска со будалаштините на Груевски.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира