1 Политиката во принцип е валкана работа. И за очекување е да има валкани партиски подметнувања и игри, особено пред избори. Ама изборна стратегија да ти е стварање биохазард во главниот град со намерно несобирање комунално ѓубре, тоа нели е малку безобѕирно? Па ова е, бре, како власта да им објавила биолошка војна на скопјани.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека досега 10 пати им се извинил на граѓаните што на Локалните избори во 2021 ја поддржал Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје, ама дека кога сегашниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски ќе стане градоначалник ќе го исчисти градот за 72 часа.
А што ако Орце не победи? Централната власт ќе ги казнува ли скопјани со несобирање на ѓубрето? Исто како што и досега ги казнуваше за погрешениот избор на нивната партија во 2021. Нели Владата нарача автобуси за градски превоз? Што ако Орце не победи? Ќе ја стопираат ли нарачката? Или ќе ги дадат по други општини каде што ќе победат? Пак ли ќе го блокираат Советот? Пак нема да гласаат за купување нови ѓубрарки?
Или еве, да речеме, бидејќи Мицкоски и Ѓорѓиевски веќе ги имаат преброено гласовите и Орце веќе станал градоначалник, што ако ВМРО-ДПМНЕ не успее да обезбеди мнозинство во Советот на Град Скопје? Што ако мнозинството со негласање му ги блокира проектите на Ѓорѓиевски? Или еве, да претпоставиме дека ќе добијат и мнозинство во Советот, ама што правиме ако Орце се покаже неспособен како што се покажа Данела Арсовска? И таа заедно со ВМРО-ДПМНЕ ветуваше 82 проекти за 82 дена, па на крај самата излезе како нивен најнеуспешен проект.
И ете, во 2025 година нѐ доведоа до дереџе од 82 проекти да паднеме на проект за чистење ѓубре. Додека во 21 век, среде Европа, уште примитивно ги палиме ѓубриштата како традиционално управување со отпад.
2 Туку, ѓубрарките во Скопје ионака се расипани, а нови не се купени минативе четири години. Со што ќе чисти Орце во првите 72 часа, ако победи?
Нели, власта секогаш се фали дека има на залиха општествено одговорни компании што им помагаат, од истурање песок во Трубарево до Пастрмалијада во Штип. Анонимни се донаторите, нели, христијански е да не се фалиш кога помагаш, ама сетики ќе им се појават имињата на некој тендер.
Зарем ќе чекаме Орце да победи, па да ни го соберат ѓубрето?
Мицкоски прво се извини што ги излажал граѓаните со Данела додека ветуваше дека ќе го направи Скопје модерен и чист град со бесплатен автобуски превоз. А сега им се заканува дека ќе фатат колера ако не го изгласаат Орце за градоначалник.
Ех, кога ќе ми текне дека досега веќе требаше да се возиме беспари во новите 200 еколошки автобуси што ги имаа капарисано Мицкоски и Арсовска. А ние се радуваме кога ќе ни дојде ѓубрарката. И трчаме по неа да ја фатиме.
3 Што има врска ѓубрето во Скопје со Бугарите во Уставот?
Стварно, не знам. Прашајте во СДСМ. Може тие знаат. На три дена пред официјален почеток на кампања за Локалните избори, лидерот на опозицијата Венко Филипче излегува со Резолуција за почеток на преговори со ЕУ, со датум до февруари да се донесат уставните измени, ама со услов македонскиот јазик да биде официјален јазик во ЕУ без никакви додавки, префикси и фусноти.
ОК е тоа, супер им е резолуцијата и, дај боже, еднаш и нашиве пратеници да изгласаат едногласно нешто со некакви црвени линии, кога веќе Бугарите имаат изгласано којзнае колку резолуции за нас во нивното Собрание.
Ама, толку ли не можеа евроинтеграциите да почекаат уште три недели, барем до 19 октомври, да завршеше првиот круг од локалните избори? Синким, Европа ќе ни избега како ѓубрарката што трчаме да ја фатиме. Ние за ѓубре збориме, за депонии, за загадување, за убиства на жени, за дивоградби, за небезбедни станбени згради, ризични дискотеки во кои ни гинат децата, за ВМРО-ДПМНЕ што четири години е неприкосновена локална власт во најголемиот број општини и веќе 15 месеци има апсолутна власт и во државата, за корумпирани инспекции и локални институции, а СДСМ ни враќа спомени зошто лани катастрофално изгуби на парламентарните и на претседателските избори. Синким, во Брисел ќе ги гласаат советниците и градоначалниците на СДСМ, а не дома.
Или, немаат што да понудат за локални избори, па ќе се замајуваме со евроинтеграции.
Мицкоски си кажа дека сега си има други приоритети и со црвените линии на Венко за евроинтеграциите ќе се занимава после локалните избори. Рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја искористи како подлога Резолуцијата на СДСМ, ама по завршувањето на локалните избори ќе направат „вистинска“, или „таканаречена македонска резолуција што ќе ги штити македонските национални интереси, нешто што, за жал, за СДСМ видовме дека во минатото не постои“.
Не кажа што ѝ фали на Венковата резолуција. Изгледа дека од СДСМ заборавиле да го земат предвид богатото искуство со бугарските пасоши на министрите во Владата на Мицкоски, на пратениците во Собранието, на градоначалниците и општинските советници на ВМРО-ДПМНЕ, за Резолуцијата да биде ептен највистински македонска.
4 Веќе се во сила новите законски измени, со кои возење точак и тротинет со телефон и слушалки се казнува со 50 евра, а пешакот кој минува пешачки премин со телефон и слушалки со 40 евра. Од јануари 2026 возењето пијан или дрогиран и побрзо од дозволеното станува кривично дело. И најважно, се надевам нема да се одложи, конечно ќе проработат уличните камери и така ќе се казнува за сообраќајните прекршоци.
Се надевам и дека власта ќе го земе сериозно фактот што уште во тест период сообраќајните камери регистрирале по 100.000 сообраќајни прекршоци дневно, и тоа на само неколку локации каде што се снима. И дека во 2024 во сообраќајни несреќи загинале 142 луѓе.
Се сеќавам дека претходната вмровска власт масовно казнуваше за неврзување со појас, и беше истрајна во тоа. Паметам и дека во време на ВМРО-ДПМНЕ многу построго се спроведуваше и законот за забрана на пушењето.
Е па, еве ѝ шанса сега и на оваа вмровска власт радикално да ја смени сообраќајната култура – строго да казнува заради безбедност во сообраќајот. Ама, без исклучоци – казни и за џиповите со темни стакла кои возат безобѕирно како улиците и патиштата да се нивни, казни и за партиските другари.
Па, и оваа вмровска власт да ја запомниме по нешто добро ако успее да ја смени црната сообраќајна статистика.
AUDIO PODCAST