1 Ај сега да одиме на одмор, доста се зафркававме на ова топлово време. Договор за договор е постигнат. Како одат договорите во Македонија дури и во приватниот живот? Се гледаме утре во 9 саат? Важи, се гледаме. Сигурно се гледаме? Да, де сигурно, ама ај јави се да се пречуеме.
Така и четирите партии на чело со амбасадорите на САД и на ЕУ постигнаа договор. Да се пречујат на 31 август. И тоа, 31 август не е случајно избран термин. Околу 28 август има уште еден празник. Тоа значи уште еден продолжен викенд што не смее да се пропушти. За секирација за иднината на Македонија.
Додуша, со право многумина не веруваат дека на 31 август баш ќе се пречуеме. После цела година од последното договарање за договарање, после година и пол криза, обвинувања кој не сака да оди на избори, а кој не сака да оди во затвор, влегувања во Собрание, излегувања од Собрание, замрзнувања, одмрзнувања, две посети на Викторија Нуланд, сто изјави на Бејли, сто изјави на Хан и уште толку негови контраизјави на сопствените изјави, па три-четири посети на Јоханес Хајндл, па што кажале Германци, па што кажале Британци, па Холанѓани, па мачките на Ванхауте, па аболиција, па делумна пишман аболиција, па целосна пишман аболиција, и по десетина обоени фасади и споменици, протести и контрапротести и домашен притвор само за битолскиот градоначалник, дојдовме до овој успех. На 31 август пак ќе се собереме. За да се одземеме.
Го заборавив и највредниот податок што може да ги реши изборите. 450 милиони евра ново задолжување. Таман власта ќе има да ги обои фасадите. И да им останат пари за поткуп на гласачите.
2 Туку, кој ќе сноси одговорност ако и овој договор не успее? Глупаво прашање. Никој.
3 Да му дадеме шанса на договорот, оти овој пат е навистина прецизен. Единствен непрецизиран детаљ е дали тој Албанецот што треба да биде член на некое ад хок тело за некаква контрола на медиумите, треба да биде еден од четворицата предложени од партиите? Или, тие четворицата ќе треба да предложат Албанец како петти елемент, што со љубов ќе ги спои останатите четири партиски елементи. И не е прецизирано до кое колено наназад Албанецот треба да биде чист Албанец. Оти од ДНК-то на петтиот елемент ќе зависи успехот на договорот кој ќе создаде услови за кредибилни избори.
И уште една мала непознаница. Кај ќе го најдат експертот што ќе биде главен уредник на информативната програма на јавниот серсвис МРТВ? Да не го криеле некаде последните 25 години, па сега ќе го откријат на 100 дена пред избори?
А и да не успее договорот, ништо страшно. Ќе дојде Нуланд и трет пат. Во моментов толку е здодевно низ светот, во регионов, па и кај неа дома во САД, што нема попаметна работа па со Македонија ќе се занимава. ВМРО-ДПМНЕ баш на тоа смета.
4 Како ќе се спроведува договорот видовме одма. Прво Артан Груби се пофали дека ДУИ успеала да издејствува прв пат во историјата Македонија да има Албанец министер за внатрешни работи. Само што се договорија дека партиите ќе му дадат на СЈО максимална поддршка и ако треба ќе одат и против Уставниот суд, ВМРО-ДПМНЕ ја нападна Катица Јанева дека му се одмаздува на градоначалникот Талевски. Во исто време, Радмила Шеќеринска нè убедуваше дека договорот е одличен и дека СДСМ има заслуга за тоа. А од ДПА беа најискрени. Со најголем ентузијазам изјавија дека тие се потпишале, ама не веруваат во тоа што го потпишале.
Инаку, градоначалникот на Битола Владимир Талевски, за кого одвај ја намолија полицијата да го донесе на распит во СЈО, рече дека бил обвинет само врз основа на еден разговор. Што разговор беше тоа? Оној во кој министер за финансии и вицепремиер му кажува на министер за внатрешни работи дека градоначалник краде. И никој ништо не презема оти градоначалникот што краде е член на владејачка партија.
И после се чудиме како ќе успее договорот. Чувме или не чувме? Вистина ли е тоа што го чувме или не е? Краделе, или не краделе од нашите пари?
Сега, владејачката партија ќе ни раскажува приказни кој имал, а кој немал програма. Чекај малку. За програма ќе разговараме откако ќе видиме кој крадел, а кој не. На кого му е местото на гласачко ливче, а на кого во затвор. И тоа мора да се знае пред да се отпечатат гласачките ливчиња. Зарем тие што заокружуваат и по наредба, па дури и по програма, не ги интересира дали кандидатот што ќе го заокружат ги крадел нивните пари или не?
И нека не го дрват со тоа дека и Бранко крадел пред 20 години. И дури и да е така, не знам зошто таа кражба би ги оправдувала кражбите на овие што се сега на власт. Тоа е минато и веќе не може да се промени. На овие и на било кои следни избори ме интересира дали краделе овие што ќе одлучуваат за иднината на моите деца.
5 А индикатор дека Пржино агриментот ќе успее, а богами и изборите ќе бидат кредибл е случајот со невестата што пукала со автоматска пушка на својата свадба во битолско. А дека изборите ќе бидат плус ем фер, ем демократски, индикатор е тоа што невестата е секретарка на началникот на униформираната полиција во Битола. Се подразбира дека е ВМРО-вка штом остварила така успешна кариера.
Ај што пукаше. Туку и позираше со пушката, како чеченска невеста. Сериозна е работата. Таа е припадничка на безбедносни сили. Спремна е за мисија во Авганистан. Или, кај и да è, Ѓоле кај што треба да ја прати за да контрибуира во одбрана на светската безбедност.
Оваа невеста е секретарка само на началник. Во полиција и во војска се знае. Хиерархија мора да се почитува. Како што расте функцијата на секретарките, за свадби им следува што помоќно оружје. На пример, секретарка на министер за одбрана, ако е невеста, ќе треба со тенк да ја земат од дома и да ја однесат до матично. А на топот може и чеизот да го закачи. А секретарка на министер за внатрешни работи би било глупаво да биде невеста без хермелин, или барем еден воден топ, од оние што ни го подари Ердоган. Па, додека пејат „Черешна се од корен корнеше“, наместо мајката да турне ѓумче со вода за бериќет на младите, ќе може да ги освежи сватовите на оро со млаз од водениот топ.
Уште сте скептици дали ќе успее договорот? Фино си најави глумицата и директорка на Театар Комедија Јелена Жугиќ дека за противниците на власта треба да се извадат гумени куршуми. Уште ли мислите дека режим со вакви државни службеници на кои сила им дала партијата може да се урне со марширање по улици и со бескрајни договори во странски амбасади? Едните со чатал, а другите со автоматски пушки. Едните со боја, а другите со куршуми. Во притвор тие што кршеле стакла на излог и фарбале споменици, а тие со куршумите ќе ги апсат оние со бојата.
6 На алтернативниот Д Фестивал во Дојран, некој среде проекција го прекинал уметничкиот еротски класик „Царството на сетилата“ зашто во филмот има голотија и секс сцени. Инаку, филмот е од 1976 година и во времето на Тито, во минатиот век, играше и на кино, а и на телевизија го даваа.
Баш ме интересра дали кога го прекинале филмот пуштиле реклама за правење трето дете. Современиве моралисти и пуританци се згрозуваат од филм со еротски сцени од минатиот век. А не се згрозуваат од фактот дека во овој, 21 век, деца умираат по родилишта поради интерклинички бактерии.
СЛУШАЈ ТУКА – PODCAST