ДАТУМ ЗА СЛАМКА

Значи, двајца само прават истражување, а цел сектор од четириестина луѓе ги пишува говорите на премиерот. Па мислам, стварно....

ДАТУМ ЗА СЛАМКА

1 Што е за радост ако Македонија не добие датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни? И зошто се радуваат тие што се радуваат? За инает на Заев ли се радуваат? Па уште и саракастично забележуваат дека ќе сме правеле колекција од препораки на Европската комисија.

Оваа 10-та препорака не е баш иста. Се издвојува од колекцијата. Оти Европската комисија побара без одлагање датум за преговори. И ја издвои земјава како „светол пример за сите земји во регионот и за моќта на привлечноста на Европската унија“.

И чуму радоста ако не добиеме датум за преговори во јуни, кога за тоа не е виновен Заев. Премиерот и неговата влада, сосе локалните власти се виновни  за многу работи што не функционираат во државата, ама за  евентуално одложување на датумот не се виновни.

На земјава очајно ѝ треба тој фамозен датум. Очајно ни треба за да почувствуваме дека сме на стабилна почва. Дека не го менувавме џабе името. Нели, само тоа беше пречка. Дури и кога имавме позитивни препораки од Комисијата, не добивавме датум оти имавме нерешен спор со Грција. Го решивме.

Забелешките во извештајот на ЕУ за сѐ што не чини во државата – стојат. Тие се тука, ние секојдневно живееме со тие проблеми. И ние тука тоа го знаеме многу подобро од бирократите што го пишуваат извештајот во Брисел. Ама, за да тргне работата и да почне да се решаваат и тие прашања, мора да ги почнеме преговорите. Секое чекање со вакво опкружување и со толку будали и кај нас и во соседството нема да донесе ништо добро. Недобивањето датум за преговори и повторното одложување до недоглед, не овој јуни, туку во октомври, не во октомври, туку вгодина на пролет, не овој петок, наредната среда, ќе биде пропаст за земјава. И не само за нас, туку и за целиот регион. И тоа нема да биде кабает на Заев.

2 Има разлика меѓу „заробена држава“ од извештаите на ЕУ од пред само две и пол години и „светол пример“ од најновиот извештај. Ама, светлиот пример е уште далеку од организирана држава.

Да сме имале капацитет сами да направиме стабилна држава, ние и досега ќе бевме излезени од калта. Вака, само што почнавме да излегуваме, ЕУ ќе ни помогне повторно да се закопаме во кал.

Власта е составена од една неспособна партија што се вика СДСМ. Коалиционен партнер им е ДУИ. Ем корумпирани, ем неспособни, ем агресивни оти уценуваат дека без нив може само војна да има. А опозицијата е злосторничко здружение што нема абер да се реформира. Живееме во апатија. Сите мислат само како да си заминат. При крај сме со нервите. А глумиме дека сме нормална држава. И се држиме за сламка да не паднеме во амбисот. Сламката се вика датум за преговори со ЕУ.  Ама, комплиментите дека сме светол пример не се доволно за да не паднеме во провалијата.

3 Не е тема дали Заев има помалку советници од Груевски. Оти системот секако дозволува премиерот да има неограничен број советници. Вистинска тема е дали премиерот е подготвен да направи промена во системот. Или да ги укине советничките места. Или да го ограничи нивниот број. Па советниците да бидат за советување. А не за вдомување.

Вака се троши многу енергија за измислување имиња на советничките места. Како на пример, „советник за креирање политики кои се од посебен интерес за граѓаните на град Скопје“. Или „советник за олеснување на процесот на пристапување на РСМ кон ЕУ, помагање во остварување на стратешките приоритети и определби на Владата во однос на евроатлантските инетеграции“.

Боже, боже…  Додека советникот се претстави, ќе му помине времето за советување. Визит-картичките треба на А4 формат да ги печатат. Сигурно им било потешко да најдат имиња на советничките места отколку имиња на партиски кадри со кои ќе ги пополнат тие места.

Премиерот има цел тим за односи со јавност, ама има и двајца надворешни советници за медиуми чија работа е „подготовка на брифови и документи за различни медиумски средби кои ги има премиерот, но и содржини (поенти, тези и слично) кои подоцна пи-ар секторот ги преточува во говори за премиерот“. Значи, двајца само прават истражување, а цел сектор од четириестина луѓе ги пишува говорите. Па мислам, стварно….

Како ли стига Заев да ги чуе сите совети? И да ги прочита сите извештаи. Да имаш  63 советници, од секого да добиваш белешки барем по една страна неделно и да се видиш со сите барем еднаш неделно… Притоа имаш министри, заменици, државни сектретари, владини служби… Плус држава треба да водиш, автопати да отвараш низ соседните земји, преговори со Мицкоски да водиш и да се надмудруваш со Али Ахмети, плус да ги молиш Меркел и Макрон за датумот…

Ама на толку набиена програма на премиерот, советниците може да почекаат. Ионака, најголемиот дел од нив советуваат за хонорар. За лепче, што би рекол Заев.

4 На сета мака со датумот за преговори, се јавуваат од ВМРО-ДПМНЕ и велат дека Заев е крив и дека ова е најлошата власт во историјата на Македонија. Кое ВМРО? Ова ВМРО што не сака да му го одземе пратеничкиот мандат на Груевски. Ова ВМРО во кое лидерот Мицкоски ја продава истата финта како за референдумот. Демек, пратениците „да постапат на начин на кој неселективно ќе ги почитуваат законите и Уставот и во случајот со пратеникот Груевски“. Јавно – да гласат по совест. А тајно, по команда од Будимпешта. И што одговарија пратениците? Дека СДСМ го спречува Груевски да се пријавува дека е оправдано отсутен од Собранието.

Е па, навистина Заев е крив ако нема датум за преговори.

АУДИО ВЕРЗИЈА – PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира