ЏЕНТЛМЕНСКИ ДОГОВОР

А бе, „Миле ми текна!“ е работава.

ЏЕНТЛМЕНСКИ ДОГОВОР

1 Состојбата е редовна. Само, овојпат не е национална катастрофа затоа што ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Откако победија на изборите, цело време си наоѓаат начин како да си попуштат и да не ги исполнат тврдите патриотски ветувања што ги даваа додека беа во опозиција. Главната задача им е да нѐ убедат дека ги исполнуваат ветувањата баш со тоа што – не ги исполнуваат.

Ветуваа дека ќе ја укинат функцијата прв вицепремиер. Таа функција беше измислена за Артан Груби од ДУИ. Во Владата на Христијан Мицкоски прв вицепремиер е Изет Меџити од Коалицијата Вреди.

Премиерот Мицкоски тоа прециозно го објасни вака: „Според законот којшто е важечки, претседателот на Влада има заменици, а џентлменскиот договор во рамките на коалицијата е да има прв вицепремиер и тоа ќе биде Изет Меџити. Но, тоа е надвор од законот, законот вели дека премиерот има само заменици. Она што досега е работено на диво и незаконски нема да биде пракса во работењето на оваа влада“.

Значи СДСМ и ДУИ работеле на диво и незаконски, ама сега ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ќе работат законски, но бидејќи имаат џентлменски договор ќе продолжат да работат како што работеле СДСМ и ДУИ – незаконски.

Чинам дека само во универзумот на лојалните вмровски гласачи имаат смисла изјавите „оваа Влада ќе работи законски“ и „џентлменски се договоривме да не работиме законски“, ставени во иста реченица.

Башка муабет е што и функцијата прв вицепремиер не е баш незаконска. Не постои во законот, ама постои во Деловникот за работа на Владата. Законот е посилен од Деловникот. Ако Деловникот е незаконски, сменете го. Барем тој може лесно да се смени оти Владата сама си го донесува. Ама, ВМРО-ДПМНЕ не може да го смени затоа што не ѝ дава Вреди. И така, Мицкоски ќе го почитува џентлменскиот договор што СДСМ на Заев и на Ковачевски го имаше со ДУИ на Али Ахмети.

Всушност, суштината на целата оваа ментална и вербална гимнастика на премиерот е следна: Со џентлменски договор се договоривме да го кршиме законот.

2 Не поминаа ни два дена, и со соопштение од партијата Беса ни дообјаснија како тој џентлменски договор ќе функционира во пракса. Првиот вицепремиер Изет Меџити имал состанок со министрите што се од неговата Коалиција и најави дека во иднина ќе се координира со нив, со замениците -министри и со директорите што се поставени од Коалицијата Вреди.

Да се знае кому ќе одговараат министрите и директорите од Коалицијата Вреди. Со ДУИ беше поинаку. Министрите и директорите од ДУИ им одговараа само на Артан Груби и Али Ахмети. Баш им беше гајле за Димитар Ковачевски и Зоран Заев. А со Вреди, бидејќи е коалиција, ќе биде малку посложено. Изет Меџити ќе филтрира што ќе помине кај Христијан Мицкоски.

Не е исто. За разлика од Артан Груби, овој пат министрите на Вреди не играа фудбал на мали голчиња во Кабинетот на Меџити. Ама, да им дадеме шанса. Ова им е прва координација. Може ќе заиграат.

3 Навистина, ај да им дадеме шанса на новите министри. Да се покажат. Еве, првата шанса што ја имаат е да бидат транспарентни и да ни кажат колку пасоши имаат.

Редакцијата „360 степени“ откри дека министерката за енергетика Сања Божиновска од ВМРО-ДПМНЕ има бугарски пасош. Според јавно достапниот регистар на Трговскиот суд во Загреб, го користела како директорка на фирма во Хрватска. Таа негира дека има бугарско државјанство, но не одговорила дали претходно имала, затоа што редакцијата открила дека почнала постапка за отпис кон крајот на минатата година пред да стане членка на високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Сочувствувам со министерката Божиновска, оти и таа морала да се понижува и на бугарските власти да им докажува дека е Бугарка. Ама па, од друга страна лично не ми е баш пријатно сознанието дека партијата што ни се претставува како најмакедонска, избрала министер од држава која со години  води непријателски акции против мојата држава. Во принцип, бегам од луѓе кои на зборови се многу јаки патриоти, а фатиле кривина на првата пречка. Ај, глејте си работа. Сте си зеле бугарски пасоши, сте се снашле, не мора да ве знаеме, ќутете си и туркајте си. Не ни судете нам, што сме останале само со македонски пасош, не ни мерете колку си ја сакаме Македонија.

И навистина, не знам што повеќе сака Бугарија од нас за да го дигне ветото за ЕУ ако ние немаме проблем да имаме Бугари во Владата и Собранието.

Ете, министерката Божиновска на своја кожа го почувствувала лицемерието и дволичноста на Европската унија кога била приморана да си го проголта македонското достоинство за да стане успешна жена во ЕУ на полето на енергетиката. Исто како и стотина илјади Македонци, што чекајќи ја ЕУ да се реформира за да може да се проширува, решиле сами да заминат за ЕУ со бугарски пасош. Кој за преживување, кој за студирање, кој за бизнис, кој за туристичко патување, кој за криење криминал, кој за бегање од правдата.

Барем, министерот Арбен Фетаи од Вреди си кажа дека има белгиско државјанство и изјави дека декларирањето на двојно државјанство е етичко, а „кога се работи за високи државни функционери би требало да е норма“. Се гледа дека човекот доаѓа од понормална држава на ЕУ.

Генерално, не би требало да биде проблем ако политичари, пратеници, министри, директори на јавни претпријатија  имаат и други пасоши освен македонскиот. Бугарско, српско, чешко, хрватско, какво и да е државјанство… Но, проблем е кога тоа не ни го кажуваат.

Како даночни обврзници што им ги обезбедуваме платите, сакаме да знаеме дали тие што ги гласаме за да работат за наше добро имаат и резервна татковина.

4 Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, им пречеше кога власта сакајќи да го избегне „Северна Македонија“ викаше „нашата држава“. Сега, кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, откако  претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски го привлекоа вниманието на цел свет со проблематизирање на Преспанскиот договор, „нашата држава“ стана патриотска норма за именување на државата. Пред тоа никој, па ни Грција, не ни мереше кој колку пати ќе го изговори зборот Македонија.

Премиерот се заколна во „Северна Македонија“ оти, како што рече, „тоа мене лично ме потсетува на срамот што ми го нанесовте мене, на моето семејство и деца и неродени внуци“. Ама, ќе правел сѐ што може да ја исправи грешката, иако за жал „сега сум немоќен оти е дел од Уставот и законите“.

Како џентлменски тоа го изведе… Од нигде-никаде ископа решен проблем и пак го воскресна за повторно да ни се удри од наша глава. Па и Бугарија, која три години, по шест избори, Влада не може да состави, да офајди од тој проблем за уште подлабока рана да ни направи.

А бе, „Миле ми текна!“ е работава.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира