1 Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски рече дека ниту еден обвинител до сега не ги има навредено судиите толку, колку што ги навредила Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. А што ги навредила Катица? Во едно интервју рекла дека се чуди какви луѓе се тие. И дали имаат морал?
Специјалното обвинителство и судиите се како опозиција и власт. Како да не треба да бидат на иста страна. На страната на правдата. Како едните да постојат за да бркаат криминалци. А другите да им го отежнуваат бркањето.
Како што Караџовски се чуди дека досега ниеден обвинител не ги навредил судиите толку како што ги навредила Катица, исто така за чудење е како тоа судот само за обвинителството на Катица ја почитува процедурата до даска, а за обвинителството на Зврлевски судиите и од кревет по гаќи мораа да одат во суд за да одредуваат притвори. Колку тоа ќе ја чини Македонија на Судот за човекови права во Стразбур, допрва ќе видиме. Ама, сигурно навредените судии нема да платат. Пак ние ќе платиме.
Те запирка фалела, те УСБ-то не се отварало, те копиите не чинеле, те оригиналите не чинеле, те сметка на фирма не можеле да најдат… И ние бараме правда. Како? Кога судиите се однесуваат како да се на страната на силата. А кај што има сила нема правдина.
2 Впрочем, зошто и Катица би била изненадена од однесувањето на судиите? Па ние тоа што се случува со предметите против функционери од власта го слушнавме. Сега само го гледаме на дело тоа што го слушнавме. Не знам само зошто мислевме дека нема да го прават тоа што во телефонските разговори најавуваа дека ќе го прават. Катица веројатно слушнала и повеќе од нас. Па можеби и затоа се запрашала – какви луѓе се тие? И дали имаат морал.
Тешко е со два збора да се даде дефиниција која што прецизно ќе отслика некоја општествена состојба, или состојба на умот. Како на пример Стокхолмски синдром. Или Фројдовска грешка. Или Сизифова работа. И Македонија на светот му даде дефиниција за партизирана и корумпирана правда – Сваровски судство.
Притоа, судиите сами си ја измислија дефиницијата. Не им ја измисли Катица за да има за што да ги навредува. Ги чувме самите како министерката за внатрешни работи ги штиклирала во тефтерчето. И како им ја проверувала партиската лојалност со градоначалниците. Тогаш не беа навредени, нели?
Чувме како како претседателката на Судскиот совет им ги диктирала имињата на кандидатите за судии на секретарката на премиерот. Тогаш не беа невредени,нели?
Па дури чувме и како се озборуваат која каде испушила. И тогаш не се навредија.
Е па затоа луѓето ја прифатија фразата Сваровски судство, речиси како поговорка. Оти изразот им е близок. Оти го чувствуваат во секојдневието. И оти во тие два збора е сублимирана суштината на 25 години транзиција во Македонија. И уште пострашно – сублимиран е квалитетот на живот. Каков живот е живот без правичен суд? Каков живот е живот без правда?
3 После ад хок телото и сапунската опера за избор на петтиот член, логичен развој на демократскиот процес пред избори е да има и ТВ дебати. И еве, има.
На телевизија дебатираат министерот за финансии од ВМРО-ДПМНЕ со дополнителниот заменик министер за финансии од СДСМ. И во ТВ емисија дебатираат министерот за внатрешни работи од СДСМ со дополнителниот заменик министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ.
Чекај сега, да разјасниме. Тие се членови на иста влада. Седат во исто министерство. Министер и заменик министер. Значи дека се тим. Значи водат иста политика.Оти имаат иста цел. И тие се слуги на народот. Државни функционери. Платени од јавни пари, не од партиски буџет.
И сега овие што одат заедно на работа, делат исти стручни служби, за нив работат исти државни службеници што сите ги плаќаме, возат службени коли со наш бензин, разговараат на телефони чии сметки пак ние ги плаќаме, наместо да си дебатираат на некој утрински колегиум и да ја завршат работата за која се договориле дека ќе ја завршат, си дебатираат како партиски противници на телевизија. Со наши пари.
И тоа се вика напредување на демократскиот процес.
Ова се тие моменти кога на тест ми е ставена смислата за хумор. Па се прашувам: Има ли помајтап држава во светот од Македонија?
4 Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Оливер Андонов, запаметен како министер ни за еден ден, порано бил професор на приватниот универзитет МИТ. Е сега, полицијата влегла во МИТ по налог на Основното јавно обвинителство, поради истраги за двојно книговодство и сомнежи за други незаконски работи.
Арно ама, сопственичката на МИТ обвини дека упадот во Универзитетот е по налог на поранешниот нејзин вработен Оливер Адонов, кој сега е висок функционер во МВР. И откри дека Андонов донел боледување со дијагноза „која не соодветствува за вклучување во наставно-научен процес“.
Но, тоа не е сè. Оливер Андонов за ТВ Телма изјавил дека „морал да извади боледување со таква дијагноза, за да се оттргне од сопственичката и од притисокот што му го правела“.
Значи, да појасниме. Оливер Андонов, во чија биографија стои дека бил министер за внатрешни работи, нашол лекар кој се согласил да му издаде лажно боледување врз основа на лажна дијагноза, само за да се спаси од директорката. И тој Оливер е битна фаца во полиција. И истиот тој Оливер сега би требало да го уапси лекарот што му дал лажна дијагноза заради боледување. А би можел и самиот да се уапси. Бидејќи и тоа се казнува.
Значи, ако сте се сомневале во демократскиот капацитет на Македонија и нејзините високи функционери, дебати како овие со дијагнозиве навистина го унапредуваат демократскиот процес.
5 ЕУ и САД пак се изненадени затоа што ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа Специјалното јавно обвинителство. И навредени оти пратениците на ДУИ баш тогаш кога требаше да се гласа во Собранието излегоа на мочање.
Овие странциве се прават глупави? Или стварно се изненадени? Па Груевски уште на 25 септември јасно си кажа дека нема да ги поддржи барањата на СЈО за измени на законите. Зошто не му веруваа?
Ај што Груевски пак ги изненадил, туку од што беа изненадени со соопштенија ги повикаа сите партии да го поддржат СЈО. Кои се тие сите партии? Се знае кој не го поддржал СЈО. Има листинг на гласањето во Собранието. Сите пратеници си имаат име и презиме. И се знае од која партија се.
Да не претераа малку САД и ЕУ со љубезноста?
СЛУШАЈ ТУКА – AUDIO PODCAST: