ЕУ БУГАРСКА

Ама зошто, по ѓаволите, вие таму во ЕУ воопшто прифативте отворање муабет за нашето постоење и за постоењето на нашиот македонски јазик?

ЕУ БУГАРСКА

1 И сега што? Треба да се радуваме дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен неколку пати ги изговори зборовите Македонци и македонски јазик во говорот пред пратениците, охрабрувајќи ги да го прифатат францускиот предлог за почеток на преговори со ЕУ?  Што има тука за радување, па уште и аплауз доби? Каква чест ти прави европска бирократка кога уверува дека постои македонски народ и македонски јазик среде македонско Собрание?

На фон дер Лајен само ѝ се падна задачата да дојде во Скопје за да ги правда новите европски вредности што Европската унија ги прифати од Бугарија, во 21 век да го негира правото на самоопределување.

Оној далечен декември 2005 кога добивме кандидатски статус за ЕУ вееше снег, а на плоштадот Македонија во Скопје имаше голема забава. По 17 години тормозење, „не овој јуни, ај следниот декември“, „не ова претседателство, ај следното“, „не овој извештај, ај следниот“, почетокот на преговори со ЕУ требаше да биде општонародна веселба по улиците. Наместо тоа, историскиов датум, еден од многуте на кои им сведочиме во нашиот живот, го дочекуваме со блокирани улици, бучава од вувузели во Собранието и полициски хеликоптери и борбени коли на готовс пред демонстранти.

Настрана нашите политичари, неспособни, корумпирани, неписмени, злобни, наивни, вакви, такви… Си ги знаеме, сами сме си виновни што си ги гласаме такви. Ама зошто, по ѓаволите, вие таму во ЕУ воопшто прифативте отворање муабет за нашето постоење и за постоењето на нашиот македонски јазик?

Што постигнавте помагајќи ѝ на Бугарија да ви ги смени правилата за приклучување кон ЕУ? Уште пошироко ѝ ја отворивте вратата на Русија зајакнувајќи ја Левица. Уште повеќе го зајакнавте националистичкото крило на ВМРО-ДПМНЕ. Ја дестабилизиравте ионака кревката владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ. Ги оживеавте силите што сакаат меѓуетнички конфликт. И длабоко ги разочаравте граѓанско-либералните кругови што искрено ви веруваа дека сè што ќе каже ЕУ, сè е ОК.

2 Па и самата Урсула фон дер Лајен кога беше министерка за одбрана на Германија, во септември 2018, десетина дена откако и нејзината тогашна шефица Ангела Меркел нè храбреше да излеземе на референдумот за промена на името што ќе ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО, викаше: „Сé ќе биде како што треба“. Е па, требало Македонија да ги прифати бугарските националистички барања само за да ги почне преговорите со ЕУ.

Тоа што е запишано на хартија, тоа останува. На хартијата, тој европски документ, стои изјавата од Бугарија дека „ништо во пристапниот процес не смее да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик“. А други 26 земји-членки тоа го прифатиле како „загриженост на Бугарија“. И ставиле европски печат.

Па како да не се лутиш? Како да не си гневен, кога самата ЕУ успеа не само да ги засили аргументите на евроскептиците, туку и кај најзападно ориентираните Македонци да предизвика антизападно расположение? Затоа што си ги спушти стандардите за почитување на основните цивилизациски вредности на нивото на најпроблематичната земја-членка, една корумпирана Бугарија, која не може да се соочи со своето мрачно минато од времето на фашизмот и ја користи моќта на другите 26 земји членки на ЕУ, во 21 век да си ги оствари империјалистичките соништа од 19 и 20 век. Една таква Бугарија што им наметна примитивни вредности ги шашардиса – три дена туц-муц се дообјаснуваат, се извинуваат, пиши-бриши прават.

3 Колку што е големо разочарувањето од ЕУ, уште поголемо е разочарувањето од однесувањето на нашите политички елити, од прогласувањето неазвисност па досега. Толку се неспособни, што ни парите од европските фондови што би следеле по евентуалното почнување на преговорите нема да знаат да ги искористат за општо добро, како што не знаат да ги користат ни досега.

Она носење маички „Јас сум Македонец“ среде македонски Парламент, патетично кинење ливчиња и палење запалки на собраниска говорница, свирење со вувузели пред премиерот Димитар Ковачевски, а поданичко молчење пред Урсула фон дер Лајен и покажување среден прст во Собранието како врв на херојската борба против „бугаризацијата“, во суштината е тепачка чии партиски фирми ќе се офајдат од европските фондови.

Толку за темата ЕУ, Бугарија и француски предлог. Кога веќе не можеме да расправаме за владеење на правото, судски реформи, борба против корупција… Оти, тоа ЕУ не ја интересира.

А баш некако не сум расположен да паѓам во патетика и да докажувам дали сум Македонец и од кога.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира