ЈА ЧУ ДОЧИ

Во овие 30 години македонска транзиција забележуваме голем напредок во владеењето на правото. Од првичното „Македонија да се сторит орајт“ од 90-те години на минатиот век, до ововековното „Сѐ ќе биде океј“.

ЈА ЧУ ДОЧИ

1 Мора на обвинителите од Обвинителството за организиран криминал да им било многу досадно на плажа, штом по две утрински будења на државава со вести од италијански весник, решија и тие да се замешаат малку во својата работа, па објавија соопштение во врска со снимките што им се протечени од истрагата за „Рекет“. А Специјалната обвинителка Катица Јанева дури сега се фрапирала, па и таа од некоја плажа во Грција се јави дека е нејзин гласот на една од снимките, каде што се слуша како на осомничениот во „Империја“ Орце Камчев му вика: „Сѐ ќе биде океј“, ама ни објасни дека е нормално обвинител да контактира со осомничен „за да извлече што поголем број на информации“.

Стварно, што ли си викаат додека лежат на плажа и си читаат лесна литература – транскрипти од снимките на Орце Камчев? Од најљубезниот рекетиран бизнисмен, кој „само сака сите да бидат среќни и задоволни“, па во напливот на алтруизам го прашува Боки 13, дај уште колку треба да дадам и да не треба уште некому да дадам да се мотивира. Сигурно си викаат: „Ај од петнаесетти август ќе работиме“. Или: „Па, сѐ ли мора јас да сработам“. Или: „Им кажав јас, не можам сега, еднаш и јас во животот да одморам“.

И додека обвинителите и судовите се на колективен одмор, цела држава чека да се разбуди со вестите од десничарски италијански весник за да се вклучи во истрагата. Сите ставаме слушалки на уво и се претвораме во истражители, вештаци, експерти за препознавање гласови, форензичари… Ги спојуваме деловите од приказната. Цела држава се претвори во дебатен клуб. А сите ние во граѓанско обвинителство. Сите реагираат, само тие што се најповикани ни соопштија дека имаат сѐ, ама сега се мачкаат со кремчиња со фактор да не изгорат.

2 Од сите овие неповрзани снимки, што се појавуваат како тизери за некоја теленовела, само едно нешто ме фасцинира. Како на „женава“, како што Боки 13 ја вика Специјалната обвинителка што си го поздравува осомничениот, на која ѝ беа дадени илјадници нелегално прислушувани разговори, која ја ставија за шефица на обвинителство што беше специјално создадено ем да открие кој нелегално прислушувал, ем да открие криминал од индициите што ги имаше во тие разговори, можело да ѝ се случи да биде толку непретпазлива, па се изложила баш преку телефон? Зборува со осомничен, преку телефон на друг. И тоа со кого зборува!? Со човек кој снимајќи се себеси за да ја искомпромитира неа како обвинител, на посредникот што ја вклучува во муабетот му се одушевува: „Ја и ти сме брат такви хиени“.

Катица Јанева објасни дека како обвинител нејзе ѝ е работа да контактира со осомничените „за да извлече што поголем број на информации“, а за изјавата „Сѐ ќе биде океј“ рече дека „во тој момент имаше оправдана причина“.

Ја понела песната. Си ручала таа со пријател во кафеана, си разменувале искуства за шминки и правеле обични кафеански муабети, кога одеднаш среде песната „Ја чу дочи око пола ночи да легнем крај тебе“, на пријателот му текнало да му се јави на осомничен што е во куќен притвор, да го поздрави од „женава“ што му води истрага и да му каже дека ќе дојде покасно. И обвинителката, оти е професионалец – обвинителка цело време, и кога е во кафеана, и кога одмара, баш тогаш, расположена, осетила потреба да се уфрли во разговорот за да му каже на осомничениот да не се секира. Оти, сѐ ќе биде океј.

 3 Додека обвинителствата и судовите одмараат, одмара и власта. После 15 август ќе се секираат дека опозицијата работи на тоа упорно да ја врзе аферата „Рекет“ со СДСМ и да ја интернационализира до таму што ќе ја врзе со датумот за почеток на преговори со ЕУ. Додуша, ВМРО-ДПМНЕ и не мора да работи, оти други работат за нив. Во текот на 11 години направија ефикасен систем што работи за нив и кога не се на власт. А СДСМ во овие две години владеење не се потруди нешто многу ревносно да им го демонтира системот.

Затоа и воопшто не ме чуди дека снимките што ги снимал Орце Камчев додека давал мито да ја попречи истрагата против него се појавија во десничарски италијански весник, со содржина чија уредувачка политика ги пропагира политиките блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Напишана од некој Словенец – десничар кој е многу загрижен за состојбите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ има државен систем што работи за нив, има пријатели со кои дели исти вредности, има влијание да ја  интернационализира аферата „Рекет“. Ама тие врски не би им значеле ништо, ако не би го подмачкувале системот со парите што 11 години ги крадеа од нас.

Нелегалното финансирање на партијата и перењето пари беше предметот „Талир“ на Специјалното обвинителство. Ама кој пак сега да се сеќава и на тоа.

4 Има многу работи на кои би требало да се присетиме. Па, оваа приказна трае од февруари 2015 година. Се занимаваме со бомбите што ги објавуваше Заев, со Пржинските преговори, со „жолтите комбиња“, па со формирањето на СЈО, па со Катица Јанева на која не ѝ отвараа врата, па со Чарлиевите ангели, па со аболициите на Ѓорге Иванов, па со „нема правда нема мир“, па со Марко Зврлески, па со нападот на Собранието, па со „Империја“, па со „Рекет“, па со „Ла верита“… Сѐ до ова најновово „Сѐ ќе биде океј“. Ама, како што тука сме оперирани од паметење, уште сега можам да се кладам дека истите овие луѓе кои повеќе од четири години ги слушаме во снимки, ги гледаме на камери и ги следиме по судовите, веќе в година ова време, ако не и порано пак ќе бидат елитата, кремот, џет сетот и ред други помпезни зборови. И пак, апла ќе ни се смеат в лице, додека си ласкаат меѓу себе кој е поголема хиена.

Ќе останат евентуално неколку фрази, чие значење и потекло никој нема да го памети. Како што се на пример „Ало началниче“, “Да не е многу“, „Миле ми текна“ , „Боки Тредичи“…

Уф. За малку ќе го заборавев „Ние сме лудаци“.

5 Авторот во „Ла верита“ Ларис Гајсер вика дека ги објавил снимките оти сакал Македонија да стане „што поскоро член на нашата, иако несовршена ЕУ“. Осомничениот за милионски криминал Орце Камчев вика дека „само сака сите да се среќни и задоволни“. Специјалната обвинителка Катица Јанева вика дека „Сѐ ќе биде океј“.

Па значи, не треба да се секираме. Сето ова било за доброто на Македонија.

Во овие 30 години македонска транзиција забележуваме голем напредок во владеењето на правото. Од првичното „Македонија да се сторит орајт“ од 90-те години на минатиот век, до ововековното „Сѐ ќе биде океј“.

И што е најважно, никогаш во овие триесет години не ни било досадно, како што им е сега досадно на обвинителите и на власта.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира