КИНЕСКИ КОПНЕЖ

Работава е, или ЕУ или смрт.

КИНЕСКИ КОПНЕЖ

1 Не знам како уште не е казнет наставникот што го пријавил деветтоодделенецот Дамјан Давков на натпревар по математика за средношколци. Наставникот што го препознал потенцијалот кај својот ученик и го поттикнал да се пријави на натпревар досега веќе требаше да биде суспендиран. На крај, ќе излезе и дека добро е што министерката за образование Мила Царовска одбила да му се даде парична награда на штипскиот основец Дамјан. Оти, во неговиот случај се откриени законски прекршувања на ниво на организиран криминал. Не е само наставникот виновен. И мајката е виновна што го охрабрила синот да се натпреварува, па откако победил уште и пишувала жалби. И наставниците што го организирале натпреварот се виновни што му дозволиле на детето да се натпреварува. И новинарите се виновни што наместо да се фокусираат на реформите во образованието сакаат да ловат само сензации. Тоа е цела низа поттикнувачи на делото. А најмногу е виновен самиот Дамјан, оти премногу знае математика и бил подобар и од  средношколците па – победил.

На детето му направија услуга. Тој ја научи животната лекција за успех во оваа држава. А таа е дека твојата држава не се ни пратениците, ни министрите, ни партиите што ги поставуваат, ни премиерите, ни неписмената и партизирана администрација. Твојата држава се родителите, пријателите и сите познати и непознати луѓе кои се радуваат на твојот успех. Оти „не е до парите од наградата“, како што вели мајката на Дамјан. До потврдата за успех е. До мотивацијата да се биде уште подобар. И до инспирацијата за другите да бидат уште подобри.

Зошто Дамјан би останал во држава која не се радува на неговиот успех? Ќе си најде друга држава која ќе му се радува. Зошто би се полнел со гнев уште од мал? Неговиот случај по милионити пат покажа дека институционално, оваа држава не ги сака успешните. Институциите се непријателски настроени кон нив. Системот го пречкртал тоа дете уште на првиот натпревар по успешност.

2 Не сакав да навлегувам во бизарноста на глупоста зошто Дамјан е одбиен да земе награда оти не е средношколец и зошто и второпласираниот, кој е средношколец не можел да ја земе наградата.  Ама, ме испровоцираа партиските апологети што почнаа да ја бранат министерката Мила Царовска и  Министерството дека го одбиле Дамјан за награда оти така било по закон.

Како на тој што го пишувал решението не му бил чуден случајот? Зошто и министерката пред да го потпише не помислила – чекај, дај да најдеме некое решение како да го поддржиме ова дете. Не е Мила баш некоја од тие на кои не им текнува. Или, не видела што потпишува. Ѝ рекле така е законски и – потпишала.

Еве, дури и да е така, министерката да била заведена, да не знаела што потпишува и да им верувала на бирократите. Баш ме интересира дали ќе биде казнет некој од администрацијата што не си го вклучил мозокот на работа. Во приватни фирми обично таквите ги казнуваат, па и остануваат без работа.

А што се однесува до правилото „Сѐ по закон шефе“, сигурен сум дека и кога ги прават големите тендери се држат толку строго до законот како што го применија на малиот Дамјан. И за вработувањата во државна администрација исто така.

3 Вакцините против ковид-19 ќе дојдат до крајот на овој месец. Ако не, тогаш следниот месец. Ако не во првиот квартал, тогаш во вториот квартал од годината.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека државата не потфрлила со набавката на вакцините. „Ние имаме еден од најподготвените системи“, изјави тој. Списоците за вакцинирање се направени, локациите за вакциналните пунктови се одредени, фрижидерите се вклучени во струја, а ние чекаме со подврзани ракави и голи надлактици да нѐ боцнат. Сѐ е подготвено за системот да профункционира. Фалат само уште вакцините.

Тоа што доцниме со почеток на вакцинирањето не е затоа што власта не сакала на нас да се тестираат вакцините, како што рече министерката Радмила Шеќеринска. Туку министерот Филипче ни прави ситуација за возбудата да расте. Што подолго ги чекаме вакцините, уште повеќе да ги посакуваме. Да копнееме по нив.

4 Што да мисли човек денеска за таа толку посакувана Европска унија, кога гледаш дека нивниот систем за’рѓа? Дека самите се задушија во сопствената бирократија, па и своите граѓани ги оставија без вакцини. И дека ковид кризата со сите оние затварања на граници, ограничувања на движењето, казните и контрола на секој чекор е таман за триумф на ксенофобијата, национализмот и теориите на заговор наспроти науката. Страв ми е да помислам какви ли сѐ регресивни и репресивни и сили ќе се изродат. И дека со ковидот, дома им умира и митот за Европа изградена на темели на солидарноста.

Затоа и не треба да ѝ се лутиме на Европската унија. Иако за нас разочарувањето од ЕУ е двојно. Оти два пати сме изневерени. Еднаш ни ветија дека без услови ќе почнат преговори за членство. Не го исполнија ветувањето. Потоа ни ветија дека дел од своите вакцини ќе одделат за нас. Не го исполнија ветувањето. Каков да ти биде односот со некој што ветува, а не го исполнува ветеното?

Настрана што, таа Европска унија која ни е модел за успех доживеа целосно дипломатско фијаско на Западниот Балкан. Србија им држи лекции за систем за имунизација и им пркоси со четири вида вакцини, Албанија барем има толку храброст гласно да се буни и негодува, а ние не смеме ни да си плачеме во себе да не случајно ни се налутат, па да се почувствуваат навредени. Што е за право, тука нема што многу да се жалиме. Си спиевме на уво дека Ковакс ќе ни ја заврши работата. А својата домашна не си ја напишавме.

Туку ќути, барем нема да ни се налутат ако земеме кинески вакцини. Така ни рече премиерот Заев, кој се консултирал со стратешките партнери и со Вашингтон. Ама, како не прашавме дали смееме и руски да земеме во истиот муабет. Работава е, или ЕУ или смрт.

5 И кога сме веќе кај нашите стратешки партнери, браќа, пријатели, добри соседи и какви ли се подлизурковски фрази употребуваме, да се потсетиме уште еднаш што е главната причина за разочарувањето од ЕУ. Однесувањето на Бугарија и немоќта на другите 26 земји-членки да се спротивстават на тоа однесување.

Ние веќе заборавивме и на ЕУ и на бугарското вето, кога туку така, од нигде никаде ќе им текне да нѐ потсетат. Му било 149 роденден на Гоце Делчев. Па Бојко Борисов рече дека се надева оти 150-тиот роденден ќе сме го славеле заедно.

Славете си го Гоце каде што сакате и како што сакате. На браќа и пријатели им се помага во неволја и во болест за да останат живи и здрави. А не со славење родендени на веќе умрени.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира