КОМЕДИЈА НА АПСУРДОТ

Фаќањето сеир на ова што се случува со ВМРО-ДПМНЕ е подбив со сопствениот здрав разум и колективно памтење.

КОМЕДИЈА НА АПСУРДОТ

1 Отчетот за едногодишното владеење на градоначалникот на Ново Село Боро Стојчев е одложен. Од оправдани причини. Градоначалникот треба да одлежи шест месеци затвор поради шверц на цигари преку граница. Кога ќе се врати на функција околу Нова година, ќе може да приреди поинтересен „ивент“ од „роустингот“ на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Неговата приказна е навистина смешна, од жанрот акциона комедија на апсурдот. Доволно е само да направи реконструкција на настанот кога сосе жена и дете шверцувал цигари за Бугарија, а полицијата го брка со пукање.

Посмешен отчет – тешко дека некој градоначалник може да има. Ќе го отепа во поим Петрета Шилегов, кој реши сопствениот отчет да го организира како комедија на подбивот, тоа што Американците го викаат „роустинг“, кога гостите се подбиваат на сметка на домаќинот.

Убаво што на градоначалникот на Скопје му текнало да се смее на своја сметка. И баш фино што на „роустингот“ ја викнал и градоначалничката на Битола Наташа Петровска. За таа иронично да му се заблагодари оти Градот Скопје ѝ подарил на Битола крш автобуси што ќе загадуваат. Што сака да каже? Дека автобусите не се стари? Дека нема да го загадуваат градот? Што е тука смешно? Што е тука подбивно?

Што е смешно ако Градот асфалтира улица два месеца и после повторно ја прекопува оти ги утнале шахтите? Смешно ли е дека воздухот е загаден преку цела година, ама загадувањето најмногу се гледа во зима? Смешно ли е дека глутница кучиња скитници напаѓаат во строгиот центар на градот? Смешно ли е дека контејнерите се прелевеат од ѓубре? Смешно ли е дека тротоарите се зафатени со возила и тераси божем за пушење, претворени во дупли кафеани на јавен простор? Смешно ли е дека на Водно има шут? Смешно ли е што не може да се спроведе ниту една одлука на Градот?

Сфаќам дека сакале да направат необичен настан. Ама можеш да си кажуваш вицови на своја сметка ако нешто си постигнал. Ако си бил ефикасен. Или, ако навистина имаш добро оправдание за да не го решиш проблемот. А не во цела година мандат да се бавиш само со шминка и со симболични гестови како тргање на споменикот на Ќосето и враќање на буквите на Тито, а за нерешавање на животните проблеми да бараш оправдание. И да викаш дека оваа година граѓаните се среќни оти нема да се будат со страв дека преку ноќ е поставен нов споменик. Не бре Петре. Граѓаните се будат среде ноќ задушени од чад, а твоите инспектори не можат да откријат од каде доаѓа чадот.

Петре е жител на Скопје. Не е паднат од Марс. Тој точно знаеше каде доаѓа и кои се главните проблеми. И со кои луѓе во администрацијата ќе треба да работи. И ако мисли дека со подбив кон самиот себе ќе ги одоброволи граѓаните кои го гласале, тоа значи дека изгубил контакт со реалноста. Изгубил контакт со потребите на граѓаните. И изгубил контакт со својата одговорност.

И затоа, во овој случај „роустингот“ изгледа како фаќање сеир со граѓаните што го избрале. А подбивот со себе се чита како подбив со граѓаните.

2 Исто како што фаќањето сеир на ова што се случува со ВМРО-ДПМНЕ е подбив со сопствениот здрав разум и колективно памтење.

Тоа што Христијан Мицкоски го избркал Сашо Мијалков од партијата и што тоа повлече серија оставки на партиски функционери, не го амнестира ниту Мицкоски, ниту Мијалков, ниту другите од кабаетите што таа партија ја претворија во злосторничко здружение што ја грабна државата. Ниту ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски е прочистено, ниту Мијалков и ѓоа „прозападната“ екипа се херои. Оти, ако ја заборавиме нивната одговорност и само фаќаме сеир, истото ќе ни се повтори многу брзо.

Еве го. Се повторува. Пратеничката Даниела Рангелова, која си даде оставка од претседателка на Унијата на жени на партијата, во интервју на телевизија рече дека „политиката е едно, а животот е друго“. А за тоа што зборувала порано, не знае кај ѝ бил умот кога тоа го зборела.

Во животот си обична жена, а во политиката координираш напад на Општина каде што си советничка. Кога ќе ми текне само што пис јазик беше од парламентарната говорница…А сега вика дека не знае што зборела.

Продолжете да фаќате сеир. И спијте си на увото дека ВМРО-ДПМНЕ се распаѓа. Таа партија и ваква како што се распаѓа ги диктира темите во државата, а не пак кога Мицкоски ќе ја консолидира. А ќе ја консолидира. Додека фаќаме сеир. Во уште порадикално десна и побесрамна политичка опција. Е дури тогаш ќе гледаме „роустинг“.  Ќе се скинеме од  смеење.

3 Откако судот, на барање на СЈО, замрзна 69 објекти на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и седиштето изградено за 7 милиони евра, генералниот секретар на партијата Игор Јанушев рече дека од авион се гледа оти станува збор за политички прогон. И дека за овој политички прогон ќе ги известеле странските амбасадори.

Од истиот авион се гледа и колку имот имаат. И како го купиле тој имот. Од истиот авион се гледа и дека сиромашните членови на ВМРО-ДПМНЕ за најбогатата партија во Европа на секои 20 секунди уплаќале по 1.000 евра. Сигурно не прашувале „Да не е многу?“ кога дневно се донирале од 12.000 до 30.000 евра.

Слободно нека ги известат и странските амбасадори. Ќе ги најдат на некролозите што ги печатеа. Кога бившиот лидер Никола Груевски на 17 декември 2016, веднаш по изборите ги повика граѓаните да не седат во влечки, туку да излезат да го спасуваат од затвор.
СЛУШАЈ ТУКА: АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира