КУКОВО ЛЕТО

Не се растура прогрес туку така за две-три директорски места.

КУКОВО ЛЕТО

1 Имаме двојна драма. Ова најавиве за ново парламентарно мнозинство станаа исто како датумот за почеток на преговори со ЕУ и ветото од Бугарија. Еве денес ќе биде, утре ќе биде, еве само што не бидна, ама следната недела ќе се знае…

Да се разбереме. Настрана големите приказни за евроатлантските перспективи и за мир во земјата и мир во светот, станува збор за преговори колку министерски и директорски места да им се дадат на новите владини коалициони партнери. И дали Али Ахмети во име на евроатлантската перспектива, која нели му е најважна, е спремен ДУИ да се откаже од некое место. Или ќе го уценува Заев, во име на евроатлантската перспектива, СДСМ да отстапи од своите места.

Всушност, „обединувањето на прогресот“ е обединување за министерските места. И тие релативно лесно ќе се поделат. Ама, драмата ќе мора да продолжи идната недела, околу преговорите за директорските места. Не се растура прогрес туку-така за два-тројца директори.

2 Новата градоначалничка на Скопје Данела Арсовска престана да ја глуми улогата на независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ само три дена откако ја презеде функцијата. Сè уште не сум сигурен дали идејата да не се појави на доделувањето на наградата „13 Ноември“ била нејзина, или на партијата што ја поддржа. Да била само нејзина, немаше да се појави ни на полагањето цвеќе на споменикот на ослободителите на Скопје. Објаснувањето за непојавувањето на доделувањето на наградите, дека настанот бил во организација на Петре Шилегов, е баш онака – вмровски, ем ќе тераме инает, ем ќе исплукаме сè, па дури и добитниците на наградата, ем ќе си го тераме стилот „сè почнува од нас“. Синким, Петре Шилегов ја измисли наградата.

Ништо не ја пере Данела што на почетокот на мандатот тргна по партиски памет. И тоа на најпротоколарен настан. Баш го избра вистинскиот момент – Денот на ослободување на Скопје од фашистичкиот окупатор.

И така, брзо заврши претставата „Прва жена на чело на Скопје после Вера Ацева“.Со непочитување на празникот на ослободувањето на Скопје, Данела Арсовска го навреди баш споменот на единствената претходна градоначалничка на Скопје, партизанката Вера Ацева.

3 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на последното интервју на Телма рече дека „право на избор е со Устав гарантирано дали некој ќе се вакцинира или нема да се вакцинира и така да се имунизира“ и дека „некој ќе реши дека нема да се имунизира со вакцина и да го прележи тој вирус и така да се имунизира“.

Тој рече и дека не го интересираат уставите на Грција, Германија и Австрија, каде што се ограничуваат правата на невакцинираните.

Не верувам дека кој било Устав дозволува да заразуваш други луѓе со заразни болести. И тоа со болест за која нема лек, а има вакцина. Оти и во нашиот Устав, во член 39, е запишано дека „Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“. Што значи дека правото на некој да се „имунизира“ со заразна болест е во спротивност со правото на друг да остане здрав. Правото на некој што решил со природна имунизација да го окупира медицинскиот кадар и блокира болници е во спротивност со правото на друг да има пристап до истиот медицински кадар и истите болници. Оти, здравствено осигурување плаќаат и тие што имаат право да се заразат, ама и тие што сакаат да бидат здрави.

Не знам како дојдовме до дереџе за ова да дебатираме со лидерот на најголемата опозициска партија. Како политичар, Мицкоски за сè има антипротивен став, па од чист популизам вика и дека секој има право да се зарази со заразна болест и да си умре ако му била таква среќата. Ама, зарем треба ова да му се објаснува на професорот Мицкоски, кој е технолошка интелигенција. Баш ме интересира што си мисли професорот Мицкоски за политичарот Мицкоски, додека го убедува дека секој има право да ги доведе во ризик не само својот живот, туку и животите на сите околу себе.

4 На бугарските претседателски и парламентарните избори, на гласачките места во Македонија гласале 650 избирачи. Од 130.000 македонски граѓани за кои Бугарите велат дека имаат бугарски пасош, на изборите гласале 0,5 проценти. Освен ако другите не отишле да гласаат во Петрич и на адресата на бандерата во Ќустендил, каде што Каракачанов им ги заверуваше живеалиштата во Агенцијата за Бугари во странство.

5 Министерот за транспорт Благој Бочварски објави дека до половина се завршени градежните работи на првата делница од автопатот Скопје – Блаце. Делницата е долга два километра.

Целиот автопат треба да биде долг 12 километри. Првите 2 километра требаше да бидат готови летово што измина. Министерот Бочварски вели дека ќе бидат готови следното лето. Со оглед на темпото како се градат патиштата низ државава, најверојатно другите 10 километри ќе бидат готови кога ќе биде завршен автопатот од Кичево до Охрид. На куково лето.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира