ЛУЃЕ И КУЧИЊА

Европски пари за вдомување и благодат на македонските кучиња, македонски пари за вдомување и благодат на партиските миленичиња.

ЛУЃЕ И КУЧИЊА

1 Сосема бесмислена е расправата „Сакате луѓе, или сакате кучиња“. Исто како што сосема безвредна е изјавата „Што ќе ми се кучиња, кога си имам внучиња“, што ја даде струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, откако во неговиот град некој со пушка убил десетина улични кучиња. Не е прашањето – внучиња или кучиња? Не е прашањето луѓе или животни? Вистинското прашање е – закон или анархија? Ред или беззаконие?

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека ќе му каже на министерот за земјоделие Љупчо Николовски да спреми нов закон за миленици со барањата и предлозите на здруженијата за заштита на животни. Па текстот за промена на законот, баш според предлозите на здруженијата, е готов уште од март лани, ама уште не е стигнат во Собранието. И да е само до законот работата. До непочитување на законот е.

Ние закони имаме. Добри се, со европско знаменце се изгласани. Ама, кој да ги спроведува. Не е само до кучињата. До сè е. Имаме ли закон за забрана за пушење во затворени објекти? Имаме. Имаме ли закон за забрането паркирање на булевари на трета лента, во пешачки зони и во паркови? Имаме. Имаме ли закон за забрана за узурпација на јавен простор? Имаме. Имаме ли закон за заштита на културно наследство? Имаме.

И што ако имаме? И што ако ќе имаме и нов закон за миленици, кога и овој постоечкиот не се спроведува, па премиерот ќе бара помош од Брисел и за кучињата скитници. И за тоа го овластил министерот за земјоделие да бара пари од ИПАРД фондовите за некој државен проект, оти градоначалниците не се зафаќаат со проблемот на улични кучиња, иако тоа е нивна работа. А локалните власти нека се самоукинат. За што ги бираме градоначалниците и општинските совети? Само за да ги вработуваат своите партиски другарчиња со нашите пари?

И зошто само Брисел да се алармира? И од Вашингтон да се побара помош, не сме за џабе стратешки партнери со САД. Па и министерот за надворешни работи Бујар Османи да се вклучи во кампањата. Не е сè во претседавањето со ОБСЕ и „За луѓето се работи“. И за кучињата се работи. Особено кога градоначалниците како приоритетен проблем кој веднаш го решаваат е купувањето нова кола. Оти поважно е да си ги топлат газовите со греачи на седиштата, отколку тоа што кучињата им ги јадат гласачите. Градоначалникот на Струга викаше дека не го личи да се вози во стара кола, ама Струга ептен ја личи кога кучиња ги бркаат граѓаните, а како дополнителна туристичка атракција и наоружани цивили шетаат сабајле и пукаат по улици.

2 Којзнае колку милиони општински денари се дадени за отштета на граѓани каснати од кучиња. Колку за пример, Општина Велес во 2020 исплатила 44.000 евра отштета за каснати од куче. Поранешниот градоначалник на Велес Аце Коцески самиот се сомневаше во коруптивни врски во неговата Општина, кога само за шест месеци во 2021 биле исплатени 35.000 евра за отштета од каснати кучиња, ама не успеа да го најде синџирот. Наместо за санација за тротоари, парите завршија како оштета за каснатите велешани.

Примерот е само за Велес. А другите Општини? А Град Скопје? Води ли некој сметка колку пари се трошат за оштета од каснатини, како се одобруваат тие пари, кој зема пари за заловување и чување на кучињата, кој ги дава медицинските потврди на каснатите, кој ги вештачи, колку пари се собрани од казни од неодговорни сопственици на домашни миленици, ако воопшто некој е казнет, каде завршиле тие пари…

Брисел нека ни даде пари и за стационари, оти нашите пари ќе одат за корупција. Европски пари за вдомување и благодат на македонските кучиња, македонски пари за вдомување и благодат на партиските миленичиња.

3 И пак ќе речам, да е само до кучињата.

Решив да направам еден социјален експеримент. Ќе дигнам импровизиран најлон среде Плоштадот Македонија во Скопје. Во еден дел ќе продавам алишта. Во другиот дел ќе служам пијачки, а може и скара да распалам. Нормално дека пушењето ќе биде дозволено, затоа што станува збор за тераса затворена од сите страни. И колата ќе си ја паркирам веднаш до комерцијалното објектче. За дотур на стока ми е. Можам кога сакам да си се возам на пешачка зона, нема да ми трпи бизнисот поради таму некои неинвентивни пешаци. И музика ќе си пуштам. Нека ечи, нека се знае кој е главен. Таму барем немам комшии, ако никој не им мери децибили на најлонските тераси среде населби со илјадници станари, сигурно нема ни мене да ми мерат на Плоштад. Ај глеј си работа, не ми ги расипувај бизнисот.

Уште пушка ми фали да ги тепам кучињата што ми ги бркаат муштериите низ плоштадот, ама јас сум совесен граѓанин, ги почитувам законите. Нели, кај нас е „Сè по закон шефе“.

Мислите ли дека некој ќе дојде да ме тргне? Ќе ме казни? Можеби, некој пат. Ама чекај прво да се договорат под чија надлежност сум – на Град Скопје, или на Оопштина Центар. Па кога ќе ја утврдат надлежноста, ќе видиме дали имаат инспектори, на боледување ли се, грипот ли ги фатил, ако не, сигурно споиле новогодишни празници со зимски распуст. Па која инспекција да ми ја пратат? Можеби пазарна, оти маржата многу сум ја набил, а за пушењето не верувам, никого не казнуваат. Можеби ќе дојде инспектор за животна средина, оти и ѓубре многу ми се собира, а не ми се плаќа за специјален контејнер, или за оџакот од скарата, чади малку, ама па на скара мириса, нема ПМ честички да броиме. Може и градежна иснпекција ќе дојде, оти ќе ставам и некои столпчиња, да го личи ол инклузив објектчето… А бе, да не е раат човек. Во оваа држава да не можеш бизнис да потераш.  Ќе те сокапаат инспекции.

На полицајците ќе им дадам по некое кафе, сокче, да се напијат, да закрепнат, да се стоплат… Нема пријава, нема што да интервенираат, оти тие само по пријава интервенираат. После извесно време, може и ќе дојде некоја инспекција и ќе ти даде решение самиот да си се отстраниш. А ти викаш, не бе, вие дојдете да ме отстраните. А тие ти викаат – е чекај сега, немаме тендер за фирма што отстранува. Па ќе распишат тендер. Па ќе чекаат рок за жалби на тендерот. Па нов тендер. Па нов рок. А со тебе ќе преговараат: А бе, човек незаконски работиш, ај сам отстрани си се до овој петок. Ако не па, ај до другиот. Па после кога ќе ги пробијам сите рокови може и да ги замолам во Општина – ај нека помине сезоната за попусти, па после ќе затворам. И така, ќе си истераш бизнис до кај април, мај. Па може и избори ќе има, па нова власт ќе дојде. И додека власта се консолидира со нова кадровска политика, јас веќе компанија со традиција ќе бидам.

4 Е така функционира нашиот систем на основно ниво. Значи, не зборуваме за висока политка, за уставни измени, за корупција од грандиозни размери, за апелациони судии што чуваат пресуди по фиоки, па после за награда стануваат врховни судии. Не. Зборуваме за основни работи, за право на јавен простор, за право на проодни улици и тротоари, за право на регулиран паркинг, за право на дишење.  Ова е нашето секојдневие. Да ти се загорчува животот со работи кои може едноставно да функционираат, а не функционираат.

Тие што ги плаќаш да ти ги овозможат основните барања за нормална живејачка тоа не го прават. Не можам да поверувам дека се само неспособни. Повеќе би рекол дека е неспособност и неодговорност комбинирана со корупција. Што на крајот пак се сведува на – пари.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира