МАСОНОТ ОД МАВРОВКА

Од сето брзање за итни избори и антикризни мерки излезе дека најитно морало само да се дигне цената на струјата.

МАСОНОТ ОД МАВРОВКА

1 Луѓе, има драматичен пресврт во случајот „Мавровка“. Замислете, МВР имало докази кои се основа за сомневања кој е можниот сторител за дивоградбата што веќе два месеца се издига во центарот на Скопје. Ни општина Чаир, ама ни државата не може да најдат кој е инвеститор на градбата и на чиј плац се гради. Тоа „Мавровка“ божем е на Шар планина, па не можат да најдат кој гради. Дури и на Шара лани најдоа еден Хрват, па му го урнаа бачилото. За да го урнат поминале 27 километри, од кои 8 километри по тесен пат завеан со снег. А „Мавровка“ е на 500-600 метри оддалеченост од Владата и Собранието во главниот град на државата, на главна раскрсница веднаш спроти комплексот на судовите.

Прво, уште во март дојде еден со камионче и исече дрво пред кафеаната „Фонтана“ во Мавровка. На 1 мај, кафеаната се запали и изгоре до темел. Потоа, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу на 30 јуни велеше дека се реновира изгорено кафуле и дека инспекторите му рекле оти сѐ е во ред. После две недели, кафулето доби прв кат. И од тогаш, почна потрагата по непознатиот градител. Арно ама, инвеститорот остана таен, па Општината прво бараше самиот да се јави, па да го руши. Ко за белја, фирмата која Општина Чаир ја имаше избрано да урива дивоградби, баш на 25 јули ги потрошила сите пари, па Општината распиша нов тендер. Ама кога ќе тргне наопаку, тргнато е. Никој не се јавил на тендерот. Па Општината мора да распише втор тендер. А потрагата по инвеститорот и сопственикот уште не е завршена.

И сега, се јавуваат доброволци сами да рушеле, без пари. Како бе, така ќе рушите? Не е ова параспур држава. Тука има закон, постапки, процедура, рокови течат, жалбена постапка, одлуки, решенија… Така си мислите вие функционира правна држава. Не може да руши кој ќе стигне и кај ќе стигне, како што може да се гради, кој ќе стигне и кај ќе стигне.

Возбудлива е приказната за мистериозниот ѕидар во центарот на Скопје. Ова е приказна како за во роман. Ќе се вика „Масонот од Мавровка“. Оти ако ја ставиш на филм ќе звучи неверојатно. Евентуално за некоја серија, да чекаш секој ден дали Висар Ганиу ќе го најде градителот и дали ќе најде фирма за уривање. Па како пресврт ќе излезе дека фирмата што гради ќе се пријави на тендерот за уривање. Како што беше случајот со советникот во Општина Охрид од ДУИ Нефи Усеини, кој се пријави да ги урива своите дивоградби. А зошто да не?

Уште повозбудливо од сагата за наивниот градоначалник и исеченото дрво пред Мавровка е до каде ќе оди креативноста за глумење процедура. Сѐ да биде по закон, а да се изигра законот.

2 Среде кризата од пандемијата со КОВИД-19, во пресрет на економска криза, речиси цел месец по изборите ние немаме попаметна работа и уште дебатираме за Албанец премиер. Ама, да не биде каков било Албанец. Туку Албанец од ДУИ.

За да си убиеме досада, едно цело попладне се разви дискусија дека идеален кандидат кој ќе ги задоволи ем ДУИ, ем ВМРО-ДПМНЕ, а зошто не и СДСМ, би бил Лазе Еленовски, чија мајка е Албанка. Да не се глупираме со избор на ротирачки премиер, да биде една година Албанец, друга година Македонец, туку да си најдеме некој како Лазе кој сам себе ќе си се ротира секојдневно. Еден ден Албанец, друг ден Македонец. Еден ден ВМРО-ДПМНЕ, друг ден ДУИ. Па ако веќе го бираме премиерот со ДНК анализа, не мора да биде само Лазе. Само јас познавам три-четворица кандидати кои генетски ги исполнуваат условите за ротирачки премиер.  А и зошто само Македонец и Албанец? Нека биде еден ден машко, друг ден женско. Треба да се мисли и на еднаква родова застапеност кога веќе сме тргнале кон ЕУ. А другите што се споменати во Уставот? А ЛГБТИ заедницата што ќе каже?

Еве на пример, во саботите нека ротираат Власи, Срби, Роми, Бошњаци, Египќани… А неделата нека биде ден за слободен избор на премиерското национално чувство. Само ќе фали слободен ден за премиер – граѓанка или граѓанин. Оти Уставот тоа го дозволува. Иако, за волја на вистината не бара премиерот да биде и способен.

3 Сфаќате ли дека кризата допрва ни доаѓа? Дека банките ќе почнат пак да си ги наплаќаат ратите за кредит, дека извршителите се вратија на работа, дека рокот за трошење на домашните платежни картички и ваучерите за одмор истекува, дека се потрошија државните субвенции за минимална плата, дека УЈП од идниот месец нема да ги простува придонесите за плата…

Нели ни требаа брзи избори, да се знае кој е одговорен, да се знае кој ќе ја води државата, каде одиме, да имаме функционална влада… Од сето брзање за антикризни мерки излезе дека најитно морало само да се дигне цената на струјата. И да се оди на одмор. Па сега ќе чекаме 10 дена еден рок. Па дваесет дена друг рок. Сѐ по процедура.

Синким, ние Белгија сме па институциите толку се независни и стручни, па можеме да функционираме и цела година без Влада. Не само министрите, кај нас и директорите не знаат дали ќе останат директори, а државната администрација тера продолжен одмор уште од март.

Сфаќам јас дека и на Зоран Заев му треба одмор. Ама не сфаќам како можеше најсериозниот кандидат за премиер да не се појави никаде на Илинден. Оти, многу е голема државата па не можел да стигне од неколкуте локации каде што одмарал. Тоа на вмровски кандидат за премиер никогаш не би му се случило.

ВМРО-ДПМНЕ изгуби. Ама па, и СДСМ не победи. Од парламентарните избори во 2016 до овие избори освоија 110.000 гласови помалку. Според бахатоста што почнаа да ја покажуваат, таман се за да паднат од власт. За да не забегаат како вмровците во 2008. Туку, имаат среќа што на чело на ВМРО-ДПМНЕ е Христијан Мицкоски.

4 На уште несоставена Влада во СДСМ веќе ги фаќа нервоза. Наеднаш станаа многу чувствителни. Почнаа тоа да го покажуваат во кавга со медиумите. Па наместо да се грижат како нешто добро да сработат, поголема грижа им е како да се сопре веста за лошо сработеното.

Знаеме. Така почнува. Како во 2008. Прво со „Насловот не е добар, тенденциозен е!“. Па ќе ти прават рецензија на текстовите. Па после на прес-конференција ќе се скараат со некоја новинарка или новинар. Па следи „зошто оваа слика, зошто овој соговорник, зошто ова ви е најважно….?“ Па брзо ќе дојдат и тематски прес-конференции со нарачани прашања, на кои не можеш да дојдеш до микрофон. Сѐ до моментот на  „спружување на насловна“ нарачано од Центарот за комуникации, или како и да им се вика тоа телото задолжено за пропаганда.

Тој микс на малку пријателство со доза на ароганција во односот со медиумите не ни е нешто непознато. Сме пробале од таа каша, па затоа брзо го препознаваме вкусот.

5 Возот за Штип и Кочани не вози две недели оти единствената локомотива што одела на таа линија излетала од шините и уште не може да се поправи. Цел свет зборува за брзи пруги и намалување на емисија на штетни гасови, а ние две недели не можеме да поправиме една дизел локомотива купена уште во времето на Тито.

Е тоа е темпото со кое ние јуриме кон Европа. Незапирливо. Со брзината на Македонски железници, ефикасноста на Македонски пошти и сигурноста на Македонија пат. Трите државни претпријатија речиси две децении се со директори поставени од партијата која сега уценува со премиер Албанец.

Резервните делови за локомотивата можат да се најдат во некој музеј на технологија. Ама идеите за премиер избран исклучиво по национална припадност веќе се заборавени и во музеите на историја. Барем  во оној дел на Европа каде што тој премиер ни ветува дека ќе нѐ вози.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира