МИСТЕР ЕРИКСОН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:57:"Нараникучета,непипајкопчета

1 Ако Гоце Делчев светот го разбирал како поле за културен натпревар меѓу народите, ВМРО на Никола Груевски ја сфатило Македонија како поле за светски технолошки  натпревар на производители на прислушна опрема. Два система издробиле, не знаеме какви биле, во бомбите слушавме за израелска опрема, СЈО ни откри дека имало и британска опрема, а неделава дознавме дека имало и шведска. Сè што имало да се купи – купиле? Зошто? Е па, еве се виде зошто. За да може да се прислушуваат меѓу себе да не некој украл повеќе од договореното.

Ај што купиле, туку и сериозно ја обезбедиле опремата. Само двајца имаат пасворд. А главниот пасворд е кај производителот на опремата. Па сега Катица моли да дојде некој од Шведска да го отклучи системот. Бидејќи судските налози што СЈО го има за да истражува во УБК не се доволен пасворд.

„Ало Мистер Ериксон, кој ви беше пасвордот? Чавков не го дава“. А овој од таму вика: „Ај пробај со ‘отворимибелоленче’. Ако нејќе со тој, пробај ‘пуштимефатиме’. Што и тој нејќе? Ај сега пробај со ‘УБеКато’, ама со У, Б и К големо. Бидна?“

Што држава ќе беше ова, со пасворд во Шведска да è? Гарант не сме ја исплатиле последната рата па не ни го даваат пасвордот.

2 Анџак ќе доаѓа Мистер Ериксон да ѝ помага на Специјалната обвинителка Катица Јанева да спроведе судски налог, дај барем нека му помогне и на Јавниот обвинител Марко Зврлевски. За исти пари нека го декодира и мобилниот на самоубиениот сведок на СЈО Коста Крпач. Оти и неговиот телефон бил „ериксон“.

3 Ова ме потсети на еден виц кога УБК се викаше УДБА. Кога Русите, Американците и Бугарите испратиле вселенска експедиција. Русите го пратиле кучето Лајка, Американцето го пратиле кучето Џеки, а Бугарите го пратиле космонаутот Аспарух. Лајка добила задача да стисне копче и да јави во Москва дека ја завршила задачата. И Џеки имал задача да стисне копче и да се јави во Вашингтон. А Аспарух добил налог од Софија: „Нарани кучета, не пипај копчета“.

4 ЕУ и САД по стоти пат рекоа дека „на СЈО мора да му биде овозможено да спроведе целосна и независна истрага без одложувања или опструкции, а владините институции и политичките партии треба да соработуваат во овие процеси“. И по стоти пат потсетија дека  „утврдувањето на одговорноста за незаконското прислушување и наводите за злоупотреби од владата се клучен чекор за ставање крај на политичката криза“.

Може тие уште сто пати да предупредат и да ни кажат нешто што и ние го знаеме. Мене ме интересира што ќе направат ЕУ и САД ако власта и покрај нивните предупредувања продолжува да го крши договорот и да ги попречува истрагите на СЈО? На пример, што ќе направат? Ќе ја повлечат препораката за почеток на преговори за влез во ЕУ? Ќе ги стават обвинетите и осомничените функционери на црна листа? Ќе направат црна листа на поткупени судии, како што правеше американскиот амбасадор Лоренс Батлер на времето? Ќе им ги замрзнат ли сметките и  имотите на овие од власта во нивните земји? Ќе воведат санкции? Ќе нè бомбардираат ли? Ќе си ги повлечат ли амбасадорите од Скопје?

Или, на 12 декември ќе ги зголемат квотите за баратели на политички азил од Македонија?

5 Оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вика „Време е!“. За што е време? По 10 години владеење, време е ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт? За што е време? Да се расчисти со народните предавници, со непатриотите и со соработниците на странските служби? Време е да се расчисти со сите што не мислат исто како Фамилијата? Оти нивните Ќосиња веќе отворено се закануваат – „Ќе видите вие после 11 декември!“

За што е време? Груевски конечно да добие 63 пратеници. За да може никој да не го вознемирува Мистер Ериксон со истраги и неконтролирани судски налози.

Воопшто не се сомневам дека Груевски ќе обезбеди 63 пратеници ако победи на изборите. Ако не ги добие на избори, ќе си ги докупи во Собрание. Не за џабе направи една од најбогатите партии во Европа. Додека пола од гласачкото тело вика дека не ги интересира политика и дека сите се исти, Груевски веќе има план што ќе прави на 12 декември.

6 На митингот на ВМРО-ДПМНЕ во салата „Борис Трајковски“ минатата недела, приврзаниците на лидерот скандира „Никој ништо не ти може Никола!“ Демек, можеби крадел, ама народот му го дал тоа право. Истиот тој народ што вика „А бе, можеби крадат, ама има и за нас“.

Е па, има. И тоа многу имало во Министерството за образование. Во кое државниот ревизор открил дека во 2015 година, кога министер бил Абдулаќим Адеми од ДУИ и заменик министер Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ, вработувале без усул, ама и трошеле без усул. Спиеле во хотели од  5 ѕвездички без патни налози, вработените не доаѓале на работа, а земале плата,  трошеле гориво за приватни возила без да приложуваат сметки, јаделе на државна сметка по скапи ресторани без одобрение…

Во исто време додека во Министерството се расфрлале со нашите пари, средношколците протестираа во шатори под прозорците на Адеми и на Ристовски. Родителите се менуваа во ноќни стражи, наставниците се тресеа за нивните работни места оти со закани им беше забрането да штрајкуваат, ги казнуваа за екстерното, на некои деца што протестираа им го намалија поведението… А директорите вршеа притисоци врз колегите и ги заклучуваа учениците да не излезат на протест, оти беа благодарни дека партијата им дала малку поголема плата отколку на наставниците. Го штитеа министерот од учениците, за да може тој мирно да спие. Во пет ѕвездички.

И после – они биле лудаци. Не бе. Ние сме лудаци.

7 Дента кога поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески го постави личниот рекорд и стана осомничен во уште една истрага на СЈО, тој се појави на ТВ дебата со колешката од министерството за култура Елизабета Канческа – Милевска, која дебитираше како осомничена во нов случај на СЈО.

Миле рече дека ќе помага во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Пак ли ќе заглавува лифтови? Слушнавме во бомбите колку беше агилен: „Може да слезат од 15 спрат стариве? Не!“ Или: „Цела зграда ќе ја преместам, ќе ги затворам да не излегуваат тие од Бристол!“. Или: „Кај сите учителки завртете – кол центарот“. Пак ли ќе затвора дуќани? Како беше она: „Пиштење, вриштење че има“. Или ќе објаснува како се краде изборен материјал: „Тие се заврзани во едни црни вреќи, како што ми објаснуваат и имаат од оние пластичните, ако ти текнува, што се затегнуваат, пластични едни?“

И на крај, поентираше дека неговата партија ќе се борела против двојазичност. А бе Миле, заборави ли како лидерот ти наредуваше на телефон да вртиш кругови низ Скопје со новите автобуси на ЈСП? Тие автобуси се одамна двојазични. И не само автобусите.

Миле сигурно не заборавил. Ама се надева дека ние сме заборавиле.

8 Пред  дуелот на двајцата осомничени од СЈО, министерката Бети била и во Драчево. На партиските приврзаници им го кажа следново: “Нема да дозволиме да сето она што го видовме и верувам дека кај секој граѓанин од нивното однесување и од нивното владеење има и навистина еден згрозен чин на сето она што го направија во овој период“.

Ало, Мистер Ериксон! Анџак веќе доаѓаш, пробај дешифрирај ја и оваа порака на осомничената министерка Бети. Пробај со пасвордот „тендери“.

 

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира