НЕ Е ПЕТОК

До тука е партијата, од тука натаму е државата

НЕ Е ПЕТОК

1 Ееееј, па и кај нас имаше напад на Собрание. Се сетивме на нашиот напад од 27 април 2017 додека бадниковата вечера одвреме-навреме ја прекинувавме со директен пренос од нападот на Капитол во Вашингтон. Да, бе. Па тоа и не беше толку одамна.

Сличноста меѓу 27 април 2017 во Скопје и 6 јануари 2021 во Вашингтон е во тоа дека организирана толпа го нападна законодавниот дом. И дека и во двата случаи власта го поттикна народот на насилство оти не сака да го признае изборниот пораз. Доналд Трамп им рече на поддржувачите пред Белата куќа да одат кон Капитол за да си ја вратат државата, а Никола Груевски на телевизија ги повика неговите да не седат дома во влечки. Кога приврзаниците ги послушаа и тргнаа во напад за да гинат за нив, Трамп си остана дома, си гледаше телевизија и си твиташе, а Груевски уште побезбеден, ситуацијата ја следеше од Виена.

До тука, со Америка сме исти. Ама, има разлика.

Разликата е во тоа што во Вашингтон, уште додека траеше нападот, највидните претставници на Републиканската партија се откажаа од Трамп. Дури и тие што му беа најлојални и што до крајот на мандатот му ги премолчуваа сите негови глупости. А во Скопје, највидните претставници на ВМРО-ДПМНЕ уште не се откажале од Никола Груевски иако тој се откажа од нив и избега. И немаат намера да го осудат нападот на Собранието. Напротив. Три и пол години по нападот, уште од петни жили се борат да докажат дека тоа било оправдано незадоволство на народот, дека луѓето што насилно влегоа во Собранието спремни да убиваат се патриоти, а партискиот врв ги велича како маченици.

Е тоа е клучната разлика меѓу САД и Македонија. Републиканците го осудија нападот на законодавниот дом затоа што е загрозена суштината на демократијата. Знаат дека ако денес насилството помине неказнето, утре и нив ќе ги снема. Нема да има каде да се вратат. Во демократија едноставно е незамисливо да се случи непризнавање на изборни резултати. ОК е, изгубивме на избори ама нема поради тоа што не сме на власт да ја пропаднеме државата. За разлика од кај кај нас, кога по 27 април 2017 не видовме ниту еден повлијателен претставник на ВМРО-ДПМНЕ да каже „Не во мое име“, кај републиканците видовме – „До тука е партијата, од тука натаму е државата“.

Разликата ќе ја видиме допрва и кога ќе почнат судските процеси за нападот на Капитол. Ај баш да видиме дали цела година ќе се пишуваат обвиненија, дали ќе ги снемува доказите, дали ќе се губат пресудите на пат од една до друга судска зграда, дали адвокатите ненадејно ќе се изземаат пред изрекувањето пресуда, дали ќе се пензионираат или разболуваат поротниците, дали обвинетите ќе одат во изолација поради контакт со позитивен на коронавирус, дали ќе одложуваат рочишта за превод на сите материјали, дали новинарите ќе мора да докажуваат дека биле новинари кога известувале од Капитол, или само така си шетале низ градот… И да видиме дали Бајден ќе се јавува да амнестираат некој од напаѓачите, ако треба да му помине некој закон во Конгресот.

2 Разликата е во тоа што Американците овој датум ќе си го го запишат во историјата. И ќе си го повторуваат како еден од најцрните датуми во развојот на американската демократија. А ние уште во 2018 заборавивме што ни се случи во 2017.  Затоа што не памтиме, затоа и ни се повторуваат лоши работи.

Заев, кој одвај извади жива глава, се појави на суд како сведок и најде оправдување за обвинетите за организирањето на нападот, оти мисли дека тие биле наивни и изманипулирани од Груевски.

Не може да има помирување со заборавање. Си има ред. Прво извинување, па одговорност, па дури после помирување. Ама, тоа што ќе се помириме не значи дека ќе заборавиме.

3 Петнаесет мажишта од ДУИ седнале во иста просторија и се сликале без маски да се пофалат дека му го слават роденденот на лидерот Али Ахмети во новите канцеларии на вицепремиерот Артан Груби. Истиот ден кога си ја објавија сликата, излезе податокот дека 12.500 граѓанки и граѓани на Тетово биле казнети на улица оти не носеле маски. Од кого да земат пример за носење маски? Ама, функционерите на ДУИ никогаш не одговарале пред законите на државата. Ним им е важно што ќе каже партискиот поглавица.

Чудно е како власта им го зема умот на политичарите. Моќта толку ги зашеметува што прават потези кои не би ги направиле кога би биле обични граѓани. Како ли им доаѓа самите да се објават како кршат закони? Фино си кажа премиерот Заев дека за Нова година три дена ќе седи дома во пижами. Не додржа срце јуначко. Отиде на планина и се сликаше без маска. И тоа со кого? Со министерот за здравство Венко Филипче, кој три пати дневно збори: Носете маски, држете дистанца, снима спотови и пушта мемиња на социјалните мрежи.

Е и тука е разликата меѓу САД и Македонија. Таму луѓето веруваат во демократски  институции. Плаќаат даноци, плаќаат казни ако згрешат и си бркаат работа. И ние си плаќаме даноци и казни. Ама кај нас, баш тие што се претставници на државните институции свесно го кршат законот, оти им се може. Не е до 20-те евра што ќе ги платат. Туку што никој не им бара политичка одговорност.

4 Уште една зграда од проектот „Скопје 2014“ доби намена – Министерство за неодење на работа.

Исто е како во „Монти Пајтон“. Тие имаа Министерство за глупаво одење. И факт е – глупаво одеа. Артан Груби доби Министерство за неодење на работа. И факт е – над 1.500 луѓе земаат плата за да не одат на работа. За некоја година и пензија ќе им следува.

5 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека ќе работи жестоко на терен да ги девалвира и да не ги признае резултатите од пописот. Како? Да не ја нападне зградата на Заводот за статистика? Како се девалвира бројка од изброени луѓе, стока, коли, хидроцентрали…. Еве, како инженер, нека ни објасни како се спроведува девалвација на изброени луѓе? Ако се десет, ќе бидат девет!? Ќе одзема машки, а ќе додава женски?

Зошто? Каква корист има ВМРО-ДПМНЕ од непризнавање на резултатите од пописот? Како тоа ќе му помогне да дојде на власт? Зошто некој би гласал за партија чија политика е да не признава резултати од попис? Затоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе ветува дека кога ќе дојде на власт ќе направи попис за кој ќе ги признае резултатите!?

Впрочем, Мицкоски е против сѐ, па зошто не би бил и против пописот. Опозиција за инает. Еве, да му речеш „Денес е петок!“, ќе ти рече „Нам не ни е петок. Ќе биде петок кога ВМРО ќе дојде на власт“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира