НЕ СМЕ НАДЛЕЖНИ

Да не го грешиме ние патот за Охрид?

НЕ СМЕ НАДЛЕЖНИ

1 Штом се собираат потписи за толку многу независни граѓански иницијативи за кандидати за советници во речиси сите поголеми општини, тоа е охрабрувачки за демократијата. Луѓето си се организираат. Сакаат да си ги заштитат куќите, дворовите, да си ги ослободат улиците, тротоарите, парковите… Тоа требаше да им го овозможат политичарите од партиите за кои гласале. Кога политичарите би си ја вршеле својата работа, а партиите би биле во служба на сите жители и на јавниот интерес, тогаш овие независни листи немаше да ги има. Ама, кај нас штом влезеш во власта, правиш како ќе ти каже партијата. Забораваш како ти изгледа улицата пред зграда.

Не очекувам овие независни листи да ја преземат власта во Општините. Не се ни сомневам дека партиите ќе се ујдисаат против нив, или ќе се обидат да ги купат. Ама сепак, очекувам да бидат глас различен од наредбата што доаѓа од партиската централа. Оти, на крајот на краиштата, тие луѓе си имаат своја работа, си тераат свои бизниси, си имаат хобија, познати имиња се, оставиле трага во своите професии и во средините во кои живеат и знаат што сакаат, па решиле да си потрошат дел од своето време за квалитетен живот во соседството. За да бидат дел од Советите во кои се одлучува за нивниот живот не мораат ни да играат на комитски вечери, ни да дежураат по штабови, ни да се умилкуваат по централни и општински комитети, ни да ги шетаат со автобуси за да аплаудираат по митинзи.

Партиите можат да смислат стотици слогани, да потрошат милиони евра за спотови и билборди, да соберат потиси и за контранезависни листи, да им чепкаат по биографиите на кандидатите и да ги тролаат по Фејсбук и да нарачуваат текстови по медиуми. Ама, сето тоа нема да ми го смени видикот од прозорецот на станот, нема да ми го ослободи тротоарот по кој децата ми одат на училиште, нема да ми донесе квалитетна вода за пиење и чист воздух, нема да ми го реши паркирањето, нема да го исчисти ѓубрето, нема да го спречи комшијата силеџиски да ми влезе со нова „инвестиција“ во терасата на која пијам кафе…

Едноставно е. Луѓето виделе дека од партиите фајде нема.

2 Во СДСМ самите беа шокирани кога во 2017 година го прегазија ВМРО-ДПМНЕ речиси во сите Општини. Со таа масовна победа, граѓанките и граѓаните кажаа што не сакаат. Не го сакаа ВМРО-ДПМНЕ со масовниот грабеж од Скопје 2014, со плацевите „за џабалак“ и со урбанистичкото дивеење. Е токму тие граѓанки и граѓани со чија помош СДСМ дојде на власт, а не само со партските следбеници што ги испопикаа и уште ги пикаат во администрацијата, сега ги прават независните листи. Зошто би им дале глас на тие што рекле дека нема да прават како претходните, а продолжиле да прават? Сега градоначалниците креваат рамења и викаат, што да правиме, не можеме да смениме. Е како бе, во 2017 година викавте дека можете?

Не е само до смена на урбанистичките планови. И не е само до законите за градење и за легализација на дивоградбите. До политичката волја е.

Четири години СДСМ и ДУИ не покажаа политичка волја да го сменат законот за финансирање на Општините. Па локалната власт за да преживее мора или да наплаќа комуналии, или да го продава земјиштето, или да ја моли централната власт и лидерот да им фрлаат по некое милионче за да не им се блокира сметката за плати на администрацијата.

Четири години не успеаја да донесат закон за комунална полиција. Ги трошиме скапо обучените  полицајци, во целосна снага, здрави, прави, арслани, да лепат казни за погрешно паркирање, наместо тие пари да си ги собира Општината. Толку ли не можевте да соберете 61 глас за таков закон?

А бе, што збориме за закони кои треба да ги гласаат во Собранието, кога локалните власти една обична забрана за дотур на стока во одреден ден од денот не можат да ја спроведат. Рампа пред пешачка зона која сите сме ја платиле не можат да ја сочуваат. Замислете во кој било град низ Европа да може кога сакаш да паркираш камиони, комбиња пред самопослуги, пред кафеани, да истовараш пива пред основно школо и пред градинка додека децата ти се моткаат зад комбето. Замислете која било пешачка зона во централно градско подрачје или кеј уреден за пешаци низ кој ти се возат коли, ќе испогазат не дај боже некое дете што се отпуштило од рака на возрасните, оти градоначалникот им дал дозвола затоа што биле директори на приватна компанија. Тука не можат да ги натераат кафеанџиите да користат специјални контејнери, па ја мешаат помијата со ѓубрето на станарите. Скапо им било на шизичките ресторани да ѝ плаќаат на општината, па газдите им се закануваат дека немало да ги гласаат.

Велосипедски патеки правеле, грмушки саделе, на тротоарите столпчиња ставале, асфалт на улиците менувале за прв пат по којзнае колку години. Па, уште тоа да не го прават. Тоа ти е како дома да не си чистиш, да не го фрлаш ѓубрето и да не менуваш светилка кога ќе прегори. Со шминка ќе нè залажуваат. Фино е тоа. И велосипедските патеки и клупите придонесуваат за подобар живот, ама во ниедна општина не видовме обид за квалитетна, темелна промена што ќе донесе хумано живеење. Уморни сме веќе од нивните „достигнувања“ дека си ја завршиле работата што им е во опис на работно место и за што примаат плата.

3 Разочарувањето е секогаш поголемо кога од некого нешто очекуваш. Од ВМРО-ДПМНЕ знаеме што може да се очекува. Знаеме кој го правеше урбанистичкиот хаос, кој ги менуваше урбанистичките планови во рани зори, кој ги носеше законите за продажба на државно земјиште, за легализација на дивоградби, кој со контрапротести даваше поддршка со шамари… Од нив нема разочарување. Сеедно е. Ама боли од овие што излажаа дека тоа ќе го сменат.

И на овие избори, според кандидативе што вмровците ги истакнаа и тие што рекоа дека ќе ги поддржат, најмногу што очекувам да остварат е да го бришат „северна“ од општинските табли и евентуално да го враќаат сонцето од Кутлеш на шахтите. Ама, од тоа не зависи квалитетното хумано домување.

Впрочем, што понудило ова раководството на ВМРО-ДПМНЕ по Груевски, освен некакви полунационалистички гестови и антипротивни ставови за сè – за попис, за пожари, за почеток на школска година, за дигитализација…? Па и една вакцинација против ковид-19, кај што требаше да покажат одговорност, тие ја минираат на секој чекор. Синким, само сдсмовци и Албанци умираат од пандемијата.

4 Еден Охрид, за среќа сè уште заштитен од УНЕСКО, го имаме, светско културно и национално богатство за гордост, а не може да се стигне до него.

Пред дестина дена ги искастриле гранките и грмушките околу патот кај Стража. Ѓубрето, нормално, тогаш не го беа собрале. Гранките уште стојат на патот. Ѓубрето, нормално, го има уште повеќе.

Кај што новиот пат не го доправаат, туку ни стариот не го поправаат. Да градеше светот патишта со ова темпо, како кај нас што се градат 50 километри од Кичево до Охрид, ќе останеше цивилизацијата неповрзана. Па секаде има планини, реки, мостови, тунели и ниви и ливади за откуп…

Ај за градењето – нејсе. Кинезите се виновни. И ВМРО-ДПМНЕ. И Груевски. Ама, зошто ѓубрето никој не го собира? Банкините зошто се обраснати со трева, па ионака опасниот пат станува уште потесен и поопасен?

Имаше еден директор, партиски беше поставен од СДСМ, ама барем го биваше, ја пофаќа работата, смени знаци, исчисти банкини, го собра ѓубрето од патиштата, видлива беше разликата, ама – го сменија. Оти тој директор требало да биде од ДУИ. Е сега, овој од ДУИ ич да не го критикуваме, да не нè обвинат дека сме шовинисти.

И еве, ќе бидеме политички коректни. Ај, ќе речеш, луѓето се гнасни. Фрлаат шишиња, марамчиња, пелени од колите.  Истураат и шут покрај патот, оставаат стар мебел, расипани фрижидери, сешто има кога ќе погледнеш лево – десно додека возиш накај Охрид и Струга.  Ама зошто никој не го собира ѓубрето? На секој чекор има ѓубре. Не само по паркинзите.

Патот поминува низ десетина општини. Ама, комуналните претпријатија од општините не се надлежни за ѓубрето. Околу Стража се приватни објекти. Ни тие не се надлежни. Вработените на патарините не се надлежни за собирање ѓубре. А Државни патишта надлежни ли се? Ако не се ни тие надлежни, кој е надлежен? Македонија пат, надлежно ли е?

За ненадлежност нема проблем. Знаеме кој сè е ненадлежен? Ама кој е надлежен?

Па добро бе, кога одат премиерот, министрите, претседателот на државата накај Охрид, може ли да ни кажат по кој пат одат? Да не одат по некој друг пат што ние не го знаеме? Да не го грешиме ние патот за Охрид?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира