НОРМАЛНА ЛАГА    

И така, лагите стануваат вест на денот. Лажењето не е срамно, туку станува нормално.

НОРМАЛНА ЛАГА    

1 Што ќе биде денеска вест на денот?  Што имаме ново од замениците, дополнителните, техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ задолжени за кавга? Каква ли изјава ќе смислат од богатиот вмровски вокабулар за ужасното, најстрашното од црнилата што ја имаат зафатено Македонија, од чемерот и јадот кај Македонците, од животот што станал руина, за сите да се занимаваме со нив? Еден ден лага. Друг ден демантирање на лагата. И медиумите сето тоа ќе си го објават.

И затоа е нормално технички министер уште прв ден на работа да каже лага, сѐ додека има медиуми кои ќе ја пренесат лагата без да ги проверат фактите. Воопшто не е важно дали некоја госпоѓа, техничка ли е, дополнителна ли е, заменичка ли е, не знае ни да го прочита тоа што ѝ го напишале, или пак друга техничка министерка сама си смислила интервју во партиските канцеларии за да го пушти уште првиот ден во пропагандна функција. Воопшто не е важно ни дали знаат зошто се поставени на тие места 100 дена пред избори, или намерно се преправаат дека не знаат што им е работа. Најважно е вмровската пропагандна машинерија да објави сѐ што ќе смислат во Белата палата,  дилетантските медиуми без проверка да пренесат сѐ што кажале, а другите од страв да не бидат обележани да глумат балансираност. И така, гласот на тој што кажува лага станува најгласен. И така, лагите стануваат вест на денот. Лажењето не е срамно, туку станува нормално.

2 Три години по падот на режимот на Груевски, уште повеќе се гледа плодот на долгогодишната работа на ВМРО-ДПМНЕ за создавање пропагандна медиумска инфраструктура. Тоа беше нивната цел. И успеаја. Со  25 милиони евра наши пари истурени само на три телевизии преку бесмислени кампањи, со уништување и кражба на други медиуми, со шиканирањето и прислушувањето новинари, со создавањето мрежа на помали медиуми кои ќе си се цитираат меѓу себе…

Ама, проблемот е многу поголем отколку само уништеното и дилетантско новинарство. Нам ни е сменета состојбата на духот. За какви општествени вредности може да зборуваме сега, кога лажењето е станато нормално?

Па пратениците Антонијо Милошоски и Димитар Стеванаџија измислуваа и ширеа лажни вести, а ние очекуваме од овие дополнителните, техничките да не манипулираат. И за очекување е да  продолжат со хистерија, со кавги, со конфликти, со плашење народ…  Не се тие виновни. Виновни се тие што лагите им ги објавуваат. Синким секоја изјава е вредна за пренесување. Или секој фејсбук статус.

Сѐ додека и глупостите што ги трескаат им се земаат за сериозно, тие нема да престанат. Како на пример, кога на прес конференција ќе кажат дека „единствената меѓународна поддршка на Заев доаѓа од лажниот принц од кој што доби одликување пред две години“. А истиот ден Мицотакис му велел на Трамп дека се надева оти ќе го убедат Макрон на Самитот на ЕУ во Загреб да одобри почеток на преговори со Македонија. Еј, Мицотакис. Од Грција. Оној што беше против Преспанскиот договор. Премиерот на „нашиот јужен сосед“, како што јавниот сервис во времето на Груевски имаше наредба да не го споменува името Грција.

Или на пример, кога во честитката за Нова година ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе кажат дека „во 2019 граѓаните ја живееја најмрачната година во историјата на државата“. Кога паничат,  паничат дека 2019 била „година на порази“.

Годината кога македонското знаме се вееше меѓу знамињата на САД и на Велика Британија на Самитот на НАТО во Лондон беше „година на порази“. Ако е тоа пораз, тогаш на што ли ќе личи победата на ВМРО-ДПМНЕ?

3 Овие замениците, дополнителните, техничките лажат и кога ветуваат дека „ова ќе направеле, она ќе откриеле, ќе преземеле мерки…“ Покрај партиската задача да прават кавга по наредба од Будимпешта, тие имаат и задача што им ја дава законот – со нивниот врзан потпис да не дозволат лажење и крадење на изборите.

Да не се повтори она „ливче нека снема“. Или „како што знаеш имаме по 50 души у стан“. Или „битно човечињава за рака се држат, влегуваат и гласаат, патент на уста. Циркус Медрано“. Да не се „влечат Циганите за уши еден по еден“. Да нема „сега им обеќаме некои 25 пакети брашно“. Да не се дозволи „кај сите учителки завртете“. Никој да не се заканува „со триаголниче ќе гласаш, ќе те избркаме од работа“. Или „абер до нашиве таму кај шо може да искрснат неважечки“. Да не се расипуваат лифтовите на денот на избори. Да не мора сопствениците на телевизиите да бидат инвентивни „дури мислев и струјава да ја исклучам во телевизијава“. Никој да не може да се осмели „306-775 бројот да го ставиш вон употреба, од СДС лобираат, да го ставиш вон сила, да не можат да вртат“.

Треба ли кавгаџиките во Владата да се потсетуваат дека таму се поставени за да обезбедат да нема „ние во МВР, ВМРО, МВРО два штаба имаме… Еден партиски, еден за странците кај што ги носиме“. Еве, еден од предложените началници на министерот за внатрешни работи знае како тоа се правело. Гo чувме и него во прислушуван разговор како се мачи да најде гласачи за ВМРО-ДПМНЕ во Куманово: „И фирми, и стечајци и незадоволни, и стари, старо членство… и бандити и криминалци, све..“

Дополнителниве се ставени во Влада за да внимаваат и некој да не ги „земе сите умрени во 2012 што се по список, пуштил луѓе да гласаат во нивно име.“ Никој да не се заканува дека „ќе летне и он и жена му, треба да ги оставиме без ништо и тоа кафаната треба да му ја запалиме“. Никој од вработените во јавната администрација да не мора да донесе список со 30 гласачи за да не биде избркан од работа. Да нема „фрлање во ендек сосе жената сосе децата“.

Е за тоа се поставени техничките, дополнителните, заменските министри од ВМРО-ДПМНЕ. За да нема „пиштење вриштење“. Не се во Владата за да креираат политики. Ќе си водат политика кога ќе победат на 12 април. Ако луѓето веќе заборавиле како се гласаше во нивно време.

4 По 8 месеци од поднесувањето на обвинителниот акт, Кривичниот суд ги одобри обвиненијата против Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спире Ристовски за организирање на нападот на Собранието на 27 април 2017.

Ако на Советот за оценка на обвинителниот акт му требаа 8 месеци да го одобри, колку ли ќе му треба на Судот за да го заврши процесот? Уште колку поротници ќе се пензионираат, колку адвокати ќе се откажат, колкумина ќе побараат превод на албански јазик, колку пати судењето ќе се одлага повеќе од 90 дена, колку пати судењето ќе се враќа на почеток?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира