1 Верувам дека Министерството за финансии цел месец не дава согласност за вработување на 26 негувателки за градинката во Кочани, а дало согласност во Македонска навигација (М-НАВ) да се вработат советници на директорите и мајстори за одржување на клима-уреди, затоа што проценило дека таа одлука е во најдобар интерес на граѓаните. Впрочем, сигурно е така, едноставно, мора да е така, затоа што и Владата потврди дека „најновите вработувања во М-НАВ се спроведуваат согласно строго дефинирани законски процедури и јасни критериуми за стручност, компетентност и професионален интегритет“.
Синдикатот на контролорите на летање се закани со штрајк на 10 јули со барање Владата да престане со партиски вработувања во ова богато акционерско друштво што е во сопственост на државата. Бараат наместо да се примаат луѓе на измислени работни места за високи плати, да се примат нови контролори на летање, инженери и метеоролози.
Нејсе. Нема место за паника. Бидејќи Владата е уверена во стручноста, компетентноста и професионализмот на новите вработени во М-НАВ, кога контролорите на летање ќе одмараат, нивната обврска ќе ја преземат новопримените советници и одржувачите на клима уредите. Во најдобар интерес на граѓаните ќе биде контролорите на летање да работат кога се возиме ние, обичните смртници, а кога ќе лета владиното авионче и кога владините делегации ќе изнајмуваат чартери за да потпишат уште некој историски стратешки договор, во Контролната кула да седнат советниците на директорите и климатизерџиите.
Па што? Наместо метеоролози, овие стручњаци за клима на пилотите што ќе слетуваат и полетуваат ќе им викаат да отворат прозор да проверат дали дува. А советниците, со експертизата за климатизерџиите ќе ги наведуваат пилотите кој правец да го фатат да не ја утнат пистата. Па оди вака: Ладно… ладно… топло…. топло…, пак ладно, ладно, топло, ладно, пак топло, добро е, топло, тоопло, тооооплооооооо…. ооооп. Браво.
Единствено што ќе треба да внимаваат е да не мешаат метри со стапки и километри на час со јазли. Но, пред сѐ ќе треба да знаат англиски јазик. Што може да биде сериозен предизвик за тие што се во партиските тефтерчиња за вработување, затоа што јазичното студио од Пловдив што издаваше ТОЕФЛ сертификати на кандидатите за функции веќе не работи. Јулија си летнала од Бугарија.
2 Како што премиерот Христијан Мицкоски ги нарече тепачи тепаните контролори на летање кои и во јануари 2024 протестираа против партиски вработувања во М-НАВ, така и прагот за потписи за кандидирање кандидати за учество на избори го спореди со праг на освоени гласови на избори за влез во германскиот Бундестаг.
Мицкоски вели: „Во Германија за да се влезе во Бундестагот треба 5 проценти, во други држави 3 или 4 проценти… носиме најдобри решенија за потребите на граѓаните, а не на поединци или на поедини невладини организации“.
Тоа што го зборува Мицкоски барем сега, во време на Гугл, е лесно проверливо. Башка што и луѓето во тие граѓански организации за кои дава оценка дали чинат, или не чинат, не се необразовани, ненајадени и ненашетани.
Не верувам дека Мицкоски не знае оти има разлика меѓу број на потписи за кандидатура на независни листи и број на освоени гласови на избори. Исто како што не верувам дека и на партиските школи на „Конрад Аденауер штифтунг“ го учеле дека врв на демократија и најдобар граѓански интерес е да им го попречиш на граѓаните правото да кандидираат свои претставници на изборите, со тоа што од позиција на претседател на владејачка партија ќе им кажеш што е нивниот интерес.
3 На крајот на краиштата, Уставниот суд веќе пресуди дека високите квоти за кандидирање независни кандидати не се во интерес на граѓаните. Дека со тоа се повредуваат темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото и нарушен е политичкиот плурализам.
Што ќе каже на ова претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, угледната и почитувана професорка на Катедрата за уставно право на Правниот факултет на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како членка на Уставната комисија на првиот состав на Собранието од 1990 до 1992 и како експертка за избори на ООН и потпретседателка на групата „Независни експерти за локална самоуправа“ при Советот на Европа во Стразбур?
Впрочем, и докторатот на претседателката одбранет на Правниот факултет во Љубљана во 1994, во времето кога тој факултет беше пионер во регионот во истражувањето на граѓанското општество, е токму на темата „Локална самоуправа – меѓу нормите и реалноста“.
Што ќе каже претседателката кога ќе го добие на потпис новиот Изборен законик, за кој нема сомнеж дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ сложно ќе го изгласаат? Пак ли ќе се вади на реалноста, како кога го предложи функционерот на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески за гувернер на Народна банка? Се плашам дека нормите од насловот на докторатот после 31 година веќе не важат, па пак ќе победи реалноста.
4 Премиерот Мицкоски, пред Локалните избори во 2021 кога беше лидер на опозицијата, изјавуваше дека за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив и праг од 1 процент и воопшто да нема праг во однос на поднесувањето потписи за независна листа за советници и градоначалници. Арно ама, на изборите таа есен независните кандидати добија советнички места во 33 од 80 општини и во Град Скопје, освоија 56.000 гласови со што излегоа како четврта политичка сила. Повеќе гласови имаа само СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Ова што сега сложно го прават ВМРО-ДМНЕ, СДСМ и ДУИ е само проширена и надградена верзија на тоа што веќе го направи СДСМ со блокирањето на граѓаните што не се во партија да учествуваат на избори.
Се сеќавате како Зоран Заев во 2016 се радуваше: „Со пенкало срушивме режим!“. Ќе го срушеше режимот, „мало морген“, ко што би се изразил тој, да не му помогнеа граѓанските организации и гласовите на непартиските граѓани. Па после и СДСМ почна да се однесува како режим. Сѐ правеа за да ги омаловажат независните, да ги обојат дека се вмровци, да ги исмеваат дека се „вмронеутрана“, „кај сте бе, неутралци“… Се виде колку им било до граѓаните кога на крај на мандатот во март 2024 СДСМ со Димитар Ковачевски, за инает и од одмазда, заедно со ВМРО-ДПМНЕ го сменија Изборниот законик и ја дигнаа квотата за пријавување независни кандидатски листи. И сега, дури и со новото раководство на Венко Филипче во кое седат луѓе што цел живот го поминале во промоција на граѓански активизам, откако Уставниот суд им го урна законот пак се ујдисаа со ВМРО-ДПМНЕ и пак се на ниет да изгласаат зголемени квоти.
Значи, стварно партиите се грижат за интересите на граѓаните. Тие не сакаат граѓаните да се мачат, да тераат политика, да имаат мислење, да се ангажираат надвор од работно време, да собираат потписи… Ако не си член на партија, не мора ни да гласаш.
Знаете што ќе биде идниот заеднички чекор на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ? Ќе донесат Изборен законик со кој на избори ќе можат да гласаат само тие што се во партија. Затоа што им е гајле само за своите гласачи. Ако си граѓанин надвор од партија, едноставно – не постоиш.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST