1 Ги следам и Владата и опозицијата како се сликаат покрај пругата Куманово – Бељаковце што се градеше 28 години и патиштата и лицитираат кој со колку проценти е заслужен за нивната изградба. Од СДСМ сега се сетија да излегуваат секој ден на телевизија. И тоа по теркот на ВМРО-ДПМНЕ. А кој им е крив што не запнаа и не ги завршија проектите додека беа на власт? Секогаш сум се прашувал зошто, на пример, нема работници на лето после четири часот попладне, кога денот е долг? И секогаш имало некое оправдување: Знаеш, не е тоа баш така.
Е па, не е баш така, ама еве излегува дека вмровците уште во опозиција дисциплинирано си следеле и по список си правеле план што сѐ ќе пуштат, што СДСМ и ДУИ не успеаа да довршат.
Баш ми е гајле кој колку направил. Важно е по тие патишта да се вози. Ние не треба да знаеме кој колку проценти изградил, кој градел, а кој доградил. Нас нѐ интересира колку пари тоа чинело и кој колку проценти украл, ако евентуално украл. Ако никој ништо не украл, тука нека заврши муабетот. Нема што да им честитаме за нешто за кое сме ги избрале и сме ги платиле да го сработат.
2 Уште една измислица на македонската демократија што ќе се изучува во учебници по право. Како епска бесмислица. И тоа кажана од никој друг, туку од претседателот на Собранието Африм Гаши. Дека „интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти“.
За интерпелациите на Африм Гаши и неколку министри Собранието гласаше и интерпелациите не поминаа. Ама, интерпелацијата за претседателката на комисијата за социјална политика Илире Даути беше изгласана со мнозинство гласови. Што автоматски значеше дека требаше да биде сменета, а не да се чека од неа да поднесува оставка. А во меѓувреме, Гаши да ни објаснува дека тоа што мнозинството гласало за нејзина смена „не носи правни последици“.
Па ако интерпелацијата нема правни последици, зошто тогаш воопшто се гласа? Пратениците можеле само да дебатираат, да ја пополнат дневната квота за демократија, колку да го истуркаат денот да си земат дневници. Притоа, не дебатирале во кафеана, запиени на софра, туку во Собрание. Каде што се носат закони. Како може воопшто нешто што се гласа во Собрание да нема правни последици? Пратениците можат да сменат Устав, името на државата го сменија, знаме сменија, ама не можат да сменат претседателка на една комисија. А притоа, изгласале да ја сменат.
По логиката на Гаши ниту законите што се гласаат во Собранието не носат правни последици. Како што тој не сноси правни последици ако ја поминува границата кон Косово без да покаже пасош сосе сите свадбари што го следат. И ако го викне личното обезбедување од полиција со пиштол да ѝ помогне на косовската претседателка да не ѝ го поминат рачниот багаж низ безбедносниот скенер на аеродромот.
Или пак, правните последици не важат кога станува збор за функционери од партиите на Албанците. Одма за етничка карта се фаќаат.
3 ВМРО-ДПМНЕ секој ден држи прес-конференции дека Артан Груби правел милионски криминал, а од СДСМ молчеле за ден повеќе на власт. Буквално, секој ден.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за интерпелација на пратеничката Даути. Ама после, кога нивниот коалиционен партнер Африм Гаши почна да толкува дека тоа што е изгласано нема правно дејство, си молчеа.
СДСМ си молчел за криминалите на Груби. ВМРО-ДПМНЕ си молчи за бесмислиците на Гаши. Коалиција за демократија не се растура туку-така.
4 Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос предложи да се одигра фудбалски натпревар меѓу тим на земјите-кандидатки и земјите-членки на ЕУ. На комисиска расправа во Европскиот парламент таа рече дека „треба да вклучиме мека моќ во хардкор процесот на проширување кој се содржи од поглавја, одредници и кластери“.
А бе, ако е до фудбал работатава, ќе играме и фудбал ако треба. Ние и оро пред амбасадите игравме за визи, па фудбал не ќе сме играле.
Туку, на што ќе личи тој натпревар? И каде ќе се игра за да биде на неутрален терен? Илон Маск ќе биде судија, а Трамп, Путин и Шји Џинпинг ќе бидат делегати. И што правиме ако победиме? Ќе нѐ примат ли тогаш? Оти, приклучувањето кон ЕУ се темели врз основа на заслуги. Да, да… Така е.
Како да не. Ќе преговараме за секој гол. И ќе чекаме 27 земји-членки да постигнат консензус дали голот важи.
Замислете, Христијан Мицкоски да даде гол. Леле, ќе треба тоа да се издржи. Од телевизија нема да се симне, има да се збори, ќе се прави детална анализа од сите агли на дадениот гол. Ќе треба да се преживее тој историски успех на македонската робустна диломатија.
Само што, се плашам дека дури и да даде гол, Бугарите нема да го признаат голот на Мицкоски. Ќе кажат „тази гол не е гол“ и ќе ни акнат уште едно вето.
Од декември 2005 година сме земја- кандидатка за членство во ЕУ. Кај и да е, ќе славиме јубилејни 20 години како успешно нѐ дриблаат.
5 Бурекчилница во Битола им нудела на купувачите да им го намести парето во мазникот што традиционално се врти за верскиот празник Василица. Се верува дека кому ќе му падне парето, ќе има среќа, ама современите текови на животот ги смениле обичаите, па некаде на тој што ќе му се падне парето и другите му даваат пари.
Битола е позната по пирамидални измами. Па така, по пропаднатите штедилници „ТАТ“ и „Лавци“ од крајот на минатиот и почетокот на овој век, сега има и пирамидален мазник. Народната песна вели дека „среќата со пари не се купува“, ама не е лошо да имаш ем среќа со паричка во лебот, ем парички во џебот.
Не станува збор за некој тежок криминал. За морал овојпат не отвараме муабет. Ама во суштина, покажува дека нашите луѓе не гледат ништо лошо во мамење, па макар тоа било и за банална причина како што е вртење мазник за верски настан. Затоа, не е ни чудо дека триесет години и државата и народот не ги краде само тој што не пробал да краде.
Ама, за тоа никој не ни е крив. Каков народ, таква држава.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST