1 Не е за чудење дека на Тодор Петров и на министерствата за локална самоуправа и за правда им текнало да поднесат иницијатива до Уставниот суд да се укине членот на законот со кој се ограничува мандатот на локалните власти на четири години. Ние тука веќе одамна не се чудиме на ништо. Особено не се за чудење иницијативите да се остане на власт по секоја цена. Па затоа сега ни изгледа сосема нормално кога на иста линија се и Тодор Петров и министрите на ДУИ. Оти, за остварување на заедничката цел да се остане на власт тие ги надминаа и верските разлики што изгледаа ненадминливи, кога лани во февруари баш луѓе на ДУИ го натепаа Петров поради крстот што сакаше да го дигне во Бутел.
Не ме плаши мене тоа што министрите на ДУИ и Тодор Петров поднеле иницијатива до Уставен суд, како да станува збор за судот на Северна Кореја. Ме плаши дека Судот може таа иницијатива и да ја усвои. А најмногу ме плаши дека оваа иницијатива е еден од завршните потези за убиство на институциите во Македонија.
По ова што следува? Пресуда на Уставниот суд со која и мандатот на претседателот на државата ќе биде неограничен? Ако може градоначалниците да владеат вечно оти ВМРО-ДПМНЕ не дава да се избере претседател на Собранието затоа што нема мнозинство за состав на Влада, зошто не би се продолжил и мандатот на Ѓорге Иванов додека не се создадат услови пак да му го даде мандатот на Никола Груевски?
2 А мандатот бил готов, и тоа сосе Тиранската платформа прифатена од ВМРО-ДПМНЕ, кон крајот на јануари кога, според Ѓорге Иванов, еден телефонски повик ја расипал коалицијата меѓу Никола Груевски и Али Ахмети.
Од каде знае Иванов дека телефонски повик го расипал договорот? Уште ли прислушуваат нелегално? Или Зврлевски обезбедил судски налози за прислушување на лидери на партии во периодот додека преговараат за Влада и после му ги дал информациите на шефот на државата: Кој се јавил? Рама? Столтенберг? Сорос? Трамп? Путин? Ердоган? Орбан?
На крајот на денот, не е важно кој се јавил. Важно е дека Груевски ја прифатил платформата од А до Ш, а Ѓоле во тоа не гледал опасност за Македонија. Па кога Груевски не успеа да состави влада оти нема мнозинство, сега Иванов измислува приказни и не го дава мандатот на тој што го има парламентарното мнозинство освоено на избори.
Нема тука приказни. Работата е едноставна. Претседателот на државата го крши Уставот. И продолжува неказнето да го крши. И нема тука што да се зборува и да се објаснува.
3 Исто како што неказнето си поминува и гинеколог што со години лажел жени дека се бремени. Ај што гинекологот лажел. Ај што колегите молчеле. Туку и Лекарската комора знаела и ништо не преземала. А човекот сменил неколку приватни болници и на крај завршил на државна клиника. Сите знаеле дека тој лажел, а жената е виновна дека му верувала.
Ги читав реакцииите по социјалните мрежи, во кои се релативизираше злосторството на лекарот. Се потсмеваа со пациентката која му верувала, а тој ѝ покажувал ехо снимки од плодот што го немала. Сфатив дека веќе не зборуваме за морална ерозија на системот. Ова е веќе психопатолошка состојба на духот на општеството во кое живееме. Живееме во држава во која пациентот е виновен оти му верува на лекарот, а не е виновен лекарот кој свесно го лаже пациентот.
Значи не е виновен претседателот на државата што свесно го крши Уставот, туку ние што му кажуваме дека го крши. Не се виновни политичарите што свесно нè краделе со години, туку ние што бараме да одат во затвор и да ни ги вратат парите што ни ги украле. Не се виновни тие што наредиле прислушување и нè слушале со години, туку ние што сме ги слушале разговорите.
Насилството, простотилакот и неказнивоста стануваат мерка на нашите животи.
4 И како капак на сета писхопатологија, ќе излезе Али Ахмети и ќе рече дека тој направил сè што може и дека сега решението е кај македонските партии. Како Али Ахмети да не е дел од проблемот. И како проблемот да не ги засега и гласачите Албанци и партиите на Албанците во Македонија.
Кој го создаде проблемот со Платформата? Кој е на власт 13 години? И зошто Али Ахмети мисли дека тоа што ќе го договорат двете македонски партии не ги засега и другите Македонци, Албанците и сите граѓани што живеат во Македонија?
Демек, еве јас сум тука, а вие договорете се, па само јавете ми се со кого да продолжам да бидам на власт. Значи, на Ахмети баш му е гајле кој ќе му биде партнер. Баш му е гајле дали ќе коалицира со корумпирани и кочничари на реформи. Нему не му е важно во каква влада ќе седи. Сè додека тој е во Владата.
Ама, баш поради таквиот негов став гласачите на ДУИ си кажаа што мислат. Да не заборавиме дека ДУИ е најголемиот губитник на изборите. Изгуби десет пратеници. И мораше по 13 години на власт да ја измисли платформата за да остане на власт. И така Ахмети заедно со Иванов работи за Груевски. А за Македонија баш им е гајле.
5 Во Македонија на претседателот што не го дава мандатот за влада, 76 отсто од вработените земаат плата пониска од просечната, која што е нешто повеќе од 350 евра. Според истражувањето на Институтот за економски истражувања Фајнанс тинк, во истата таа Македонија 28,4 отсто од граѓаните немаат доволно пари за храна и за сметки. А 41,6 отсто се социјално исклучени, оти немаат пари за книга, кафеана, театар, концерти, спортски натпревари, дружба…
Не збориме за луксузирање. Збориме за нешто што значи дека живееш, а не преживуваш.А во Македонија на претседателот што не го дава мандатот за влада, половина од населението преживува. Не живее.
6 В недела Гевгелија излегува на референдум против отварањето рудници за злато на 5 километри од градот. За референдум се спремаат и Валандово и Струмица и Кавадарци.
За уште колку концесии на рудници ќе дознаеме дека се дадени во време на „власта во заминување“?
Откако излегоа вестите дека ВМРО-ДПМНЕ ги повикувала своите членови да не излезат на гевгелискиот референдум за да пропадне, во партијата рекоа дека тие не агитирале против референдумот, но објаснија дека „не сме против инвестирање во рудници и инвестиции кои ги почитуваат највисоките еколошки и други стандарди и не го доведуваат во опасност животот на граѓаните“.
Е сега ми е веќе полесно. Партијата што ги дава концесиите за рудници на странци и нè нуди како евтина работна сила кај истите тие концесионери води сметка за животите на граѓаните.
А што ако рудникот се отвори и инвеститорот не ги почитува највисоките еколошки стандарди? Кој ќе го казни? Судот во Норвешка? Или во Швајцарија? Или судот во Македонија што не казнува доктори што ги лажат пациентите и политичари што си ги крадат граѓаните? Или истиот суд којшто верувам дека е во состојба да изгласа вечен мандат на градоначалниците и на претседателот? Само за да може ВМРО-ДПМНЕ да остане на власт.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST