1 Со тоа што пратениците од владејачките партии не излегоа да ги сослушаат родителите на загинатите деца од пожарот во Кочани на нивниот протест во Скопје, уште повеќе ја зголемија недовербата кон институциите и уште повеќе ги засилија сомнежите за селективна правда.
Родителите допатуваа од Кочани и сакаа само да бидат ислушани. А пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, дури и тие што се од Кочани и од источниот дел на Македонија од каде што се мнозинството загинати во трагедијата, не излегоа ни сочувство да им изјават на оние чиишто се божем претставници во законодавната власт. Тие требаше да излезат први, а не одвај дочекаа пратениците на Левица и СДСМ да се соочат со гневот на родителите, за од комоцијата на собраниските кулоари да ликуваат: Леле, види што убаво ги исвиркаа.
Уште од првиот ден по трагедијата, власта се обидува да направи сѐ за прстот за вина да не биде вперен кон неа. Те „сега не е време за протести“, те „медиумите не треба вака да известуваат“, , те „воведена е забрана за летање дронови“… Премиерот Христијан Мицкоски уште на првата прес-конференција по несреќата се скара со новинарите кога го прашаа дали градоначалникот на Кочани ќе си даде оставка – тој го бранеше, за после два дена да го видиме и градоначалникот во притвор.
Од што се исплашија пратениците на власта? Се плашеа ли дека ќе бидат исвиркани? Па што ако? Тоа е гласот на народот што ги бира на избори. Зошто не сакаат да го чујат тој глас?
На тој протест што од Кочани се пресели во Скопје требаше пред родителите да излезат сите пратеници. Премногу е голема трагедијата што ја снајде цела држава за да се делат на власт и опозиција. Сите требаше да бидат надвор. Барем вода да им подадат. И сите требаше да се соочат со гневот на родителите чиишто деца на 16 март загинаа во дискотеката што по сите стандарди на институциите на државата не смеела да биде дискотека. Така ќе покажеа почит кон мајките, татковците, сестрите и браќата на жртвите кои се нивни гласачи. Па макар биле и исвиркани. Тоа многу помалку боли од смртта на 62 и повредите на 200 млади луѓе.
Така се брани интегритет на институцијата Собрание на државата. И така законодавната власт бара од извршната и судската власт да ги преземе сите мерки што ќе обезбедат ем непристрасна и сеопфатна истрага, ем обезбедување инструменти вакво масовно убиство од корупција никогаш повеќе да не се повтори. И така законодавната власт презема иницијатива да ги менува законите и на чело на институциите да избира луѓе кои ќе обезбедат дека ваква трагедија веќе нема да може да се повтори.
Така би било кога би имале пратеници со интегритет. Ама, ние во Собранието имаме третокласни медиокритети од партија што се ставени таму само за да дигаат рака по наредба и да блујат отров и омраза кон политичките противници. Ние, всушност, немаме Собрание од народни пратеници. Ние имаме претставници на поткупени државни службеници уценети да гласаат како партиска машинерија на кои баш им е гајле за јавниот интерес.
2 Па има ли поголем доказ за сервилноста кон партијата на власт од оној протест на вработените во Зоолошката градина во Скопје, кои не зеле плата два месеца, ама не сакаат никого да обвинат за тоа? Во Зоолошката градина се вработени околу 50 луѓе, платата ја земаат од Министерството за култура, ама претседателот на локалната синдикална организација вели дека тие не протестираат против никого, туку за да ги видиме дека стварно немаат земено плата од март.
„Не обвинуваме никого, луѓе, верувајте ни, ни министри, ни градоначалници, ни директори, бараме само плата да ни се даде“, изјави преседателот на синдикатот на собирот пред Зоолошката градина, за кој еден од негувателите рече дека „ова не е ни протест, ова е во време на пауза“, ама праќаат порака оти останале и без здравствено осигурување.
Сите знаеме како се вработуваат во државните институции. И тие знаат како се вработиле. Затоа и никого не обвинуваат. Ама па, ние ли, што плаќаме даноци и работиме за да ја обезбедиме и нивната плата, треба да се јадосуваме што тие не зеле плата? Па пострашно од тоа што не зеле плата од нашите пари е што тие не се спремни да го обвинат работодавачот, во случајов Министерството за култура, оти ги оставил без плата.
Ни приказната за кубурот што Македонецот ја чува за секој случај уште од времето на Османлиите веќе не важи. Кубурот е стопен во некој отпад за старо железо. Не е уплашен македонскиот граѓанин. Сервилен е. Па нели е партиско полтронство пуштено на најјако да пратиш порака дека и за Велигден и Први мај не ти дале плата, а никого да не обвиниш за тоа? Па уште и – не било протест. Пауза било.
Штом е така, ич нека не им даваат плата. Нека си излегуваат на пауза.
3 Ама, државна работа си е државна работа. Па макар и доцнела платата.
Агенцијата за администрација објави неколку огласи за вработување на повеќе позиции на државни службеници во Министерството за спорт. Едно од работните места е на позицијата „помлад референт за скенирање“.
Колку ли документи има за скенирање во Министерството за спорт, па мора за таа операција да се вработи посебен човек? Не може другите вработени да си скенираат тоа што им треба. Посебен човек ќе седи покрај скенерот и осум часа дневно ќе нема никаква обврска туку само ќе скенира документи. Има ли такви позиции во сите министерства? И, ме мачи уште едно прашање. Дали, бидејќи на огласот се бара „помлад референт за скенирање“, таму на државна плата веќе е пополнето местото за „постар референт за скенирање“?
Сериозна држава не смее да си дозволи во една државна институција да има вработен што ќе ги скенира документите, а да нема кој да ги спои скенираните документи со хефталка. Автоматски, следниот оглас ќе биде „помлад референт за хефтање“.
Допрва ни доаѓаат локални избори. Допрва ќе следуваат огласи за измислени работни места. Којзнае каква креативност во измислување позиции ќе покажат и општинските администрации. Од помлад лепач на плакати мора прво да станеш постар лепач на плакати. Така се напредува во државна служба.
AUDIO PODCAST