СУПЕР ВЕСТИ

Нека извинат ѕвездите. Ние ќе уживаме во реформите.

СУПЕР ВЕСТИ

1 Супер вест за Македонците стаса неделава од Европската унија. Бугарија, која од 1 јануари ќе биде претседавач со Унијата, најави дека ќе се потруди 53.000 Македонци кои чекаат за бугарски пасоши, наместо за 2 години, пасошите да ги добијат за шест месеци. Ма, веста е повеќе од супер. Веста е фантастична. Тоа е многу подобра вест за Македонците отколку поддршката што Заев за само неколку секунди, му ја вети на Трамп за реформата на Обединетите нации за време на ракувањето во Њујорк.

За 53.000 Македонци за шест месеци нема да има проблем. Ќе влезат во ЕУ. Ќе им се придружат на 200.000 Македонци кои се веќе таму, исто така со бугарски пасош. А ние што останавме без бугарски пасоши ќе уживаме во реформите. Кои се спори, но достижни. Како и правдата. И ќе уживаме во животот за сите, дури и во Бутел. Како што неселективно ветува СДСМ.

2 Само не знам што ќе правиме со реформите, а богами и со животот, ако нѐ снајде нова ера. Со која Никола Груевски пак се заканува ако ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори.

Слоганот на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори е: „Новата ера почнува“. А кога заврши старата ера? Па, до 31 мај ВМРО-ДПМНЕ беше на власт во државата. А на локално ниво уште е на власт секаде, освен во Центар, Куманово и Струмица.

Новата ера на ВМРО-ДПМНЕ треба да ја замени ерата на ВМРО-ДПМНЕ. Со нова ера на Груевски, која треба да ја замени ерата на Груевски. И кој датум ќе се смета за меѓникот од старата кон новата ера? 15 октомври? Или 27 април? Или 31 мај, кога беше формирана Владата на Заев и „почна тортурата на СДСМ која веќе не се трпи“. Цели три месеци.

Во старата ера, Груевски и неговата клика добија обвиненија за тешки криминали. Во новата ера, се надевам, ќе одат в затвор.

3 Уште една супер вест за Македонците. Словачка донираше 1.500 чифта чизми за македонските полицајци.

Па не сме толку сиромашни. Особено што имаме чевларска индустрија што прави чизми за италијанската висока мода. Ако прави за Прада,  сигурно може да направи и за Рада. Па и за Оливер и за македонската војска и полиција.

Море, сиромашни сме. Ама во духот. Оти 26 години имаме независна држава, а уште не научивме приоритети да си поставиме. Сигурно нешто можело да почека подобри денови, за да можеш да им купиш чизми на полицајците и војниците. Или лекови за болните од ретки болести. Или да купиш амбулантни коли. Или пожарни. Да направиш канализација. Да исчистиш депонија. Да изградиш системи за наводнување. Да си ги исчистиш каналите. Да си го заштитиш културното богатство…

Ние немаме вода во една од најголемите општини во земјава, во Аеродром, на 2 километри од центарот на главниот град, се давиме во диви депонии и се задушуваме во отровен воздух, странците ни го чистат ѓубрето, ни ги реновираат школите, ни градат водоводи и канализации, ни купуваат амбулантни коли и противпожарни возила со кои одиме по невестата и ни подаруваат чизми за полицијата и лопати за војската…

Што збори тоа за нас? Не за власта. Туку за нас како граѓани. Кои упорно на избори гласаме за ваква власт.

4 Во Општина Аеродром, во која секое лето нема вода на повисоките катови, советниците изгласаа да прават референдум против бегалци. Им пречат бегалците што ги нема. Не им пречи што немаат вода.

Ако. Пак нека си ги гласаат.  Оти, градоначалникот од сегашната ера Ивица Коневски, во кампањата за локалните избори за новата ера оди со слоганот „Од ѓубре до ѕвездите“. Демек, ја кренал општината од ѓубре до ѕвездите. Општината ја кренал. Ама водата повисоко од петти кат не може да ја крене.

Нека извинат ѕвездите.

5 ВМРО-ДПМНЕ и натаму дебатира со ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Уште непријавен говорникот, тие се пријавуваат за реплики. И потоа си даваат контрареплики.

Секоја реплика и контрареплика почнува со „Почитувана колешке/колега“, и во текот на репликата таа фраза се повторува уште најмалку десетина пати.

Многу ме интересира дали тоа „Почитувана колешке/колега“ им е напишано во говорот што го читаат, или го импровизираат.

Сигурно го читаат. ВМРО-ДПМНЕ не остава ништо на случајот.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIOPODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира