ТАКС ФРИ

Се налути на селото, си го исече таквото

ТАКС ФРИ

1 Да. Европа е блудница Вавилонска и секогаш си ги гледа личните интереси.  Да. Не сум среќен со условениот, или како и да го викате, датум за отпочнување преговори со ЕУ. Да.  Не сум среќен ни со Северна Македонија. Да. Фрустрирачко и навредливо е кога ќе ти кажат дека ако сакаш да те дружат и да имаш подобар живот ќе мора да смениш и име на државата. Да. И инает ме фаќа. Спорот кој го имавме со Грција е далеку од памет уште од самиот почеток. И ФИРОМ е идотска измислица со која станавме членка на ОН…

И сето тоа изгледа така, кога на проблемот што сакаш да го решиш му пристапуваш само со емоции, а не со разум.

Сега за условениот датум за преговори му се лутиме на францускиот претседател Макрон. Ѝ се лутиме на Холандија, која од осамостојувањето до денеска е најголем поединечен донатор на Македонија. Ѝ се лутиме на Данска. А паметам дека данскиот министер за надворешни работи Уфе Елеман Јенсен во 1993 година се скара со Грција за Македонија, до толку што Грците бојкотираа дански производи. А ние тука сакавме име на улица да му дадеме.

Така лутејќи им се,  да не испадне на крај според онаа народната: „Се налути на селото, си го исече таквото“.

Сме се ставиле во потчинета положба во однос на Грција. Демек до сега бевме рамноправни? Тие во ЕУ и НАТО, ние надвор. Па, лично познавам многумина од тие кои што сега се многу емотивни кон Северна Македонија и условениот датум, а за да им вратат  5 евра „такс фри“ сами си пишуваа ФИРОМ на Евзони. И сами си ги лепат лепенките ПГДМ на задната шофершајбна.

Да. Не е фер. Животот не е фер. Ама фер ли е уште да не знаеме кој нареди да се нападне Собранието на 27 април лани? Фер ли е криминалците што ги слушавме во бомбите и што ја заробија државата уште да не се осудени? Фер ли е уште да не се знае кој го нарачал прислушувањето? Фер ли е државната администрација и понатаму да биде расадник на партиски клиенти? Фер ли е Ѓорге Иванов да не сноси никаква одговорност за аболициите и за неговата улога во организираниот напад на Собранието?

Тоа се условите кои мора да се исполнат за во јуни 2019 година Македонија да ги почне преговорите за влез во ЕУ. Наброени по точки во водич:

  • Судски реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди за случаите за корупција и организиран криминал, вклучувајќи ги и тие на високо ниво
  • Реформи во разузнавачките и безбедносните служби
  • Реформи во јавната администрација
  • Плус Советот на ЕУ бара и расчистување на незаконските дела откриени преку прислушуваните разговори, а мора да биде утврдена и одговорноста за нападот во Собранието на 27 април лани.

Што се овие услови поразлични од тоа што ние како граѓани го сакаме?

2 Овие услови не се поразлични од тоа што ние како граѓани го замислуваме и очекуваме од држава во која сакаме да живееме. И следните 12 месеци до датумот за почеток на преговори. И понатаму. Ама, овие услови се многу поразлични од тоа што го сака старото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а богами и новото.

Овој условен датум за нив доаѓа како соочување со реалноста. Доаѓа време за затвор. И затоа толку врескаат. И затоа шират толку песимизам. Затоа викаат дека ЕУ ќе се распадне. И дека НАТО е терористичка организација. Па уште и вицкасти се па прашуваат: „Која земја прва ќе ја бомбардираме“. Те било условно, те не било условно. Затоа викаат дека ова е пораз. Дека датумот не е датум. Дека ќе не нема.

И уште повеќе ќе врескаат. И затоа Ѓорге Иванов ќе прави уште повеќе пречки на „расчистениот пат кон ЕУ“, како што рече Јоханес Хан.

Затоа што тие сфаќаат дека нема заборавање за нивните зулуми. Мислеа дека додека се занимаваме со името и ние и ЕУ ќе заборавиме на нив. А сега дојде време кога треба да падне одлука. Или затвор за нив, или затвор за Македонија.

Што ќе избереме?

3 Ама сега доаѓа време на одлука и за Заев. Нема многу време, а ни простор за пазарење со ВМРО-ДПМНЕ и со Ѓорге Иванов за проштавање на криминалите. И неговите од СДСМ мора конечно да се фатат за работа.

Тројца луѓе беа зафатени со името. Другите што правеа? Беа зафатени со закони за пушењето и водење сметка за интересите на кафеанџиите. И беа зафатени со собирање фискални од патарини за патни трошоци. И со одлуки што не можат да ги одржат во живот ниту една недела.

Помина цела година во правдање дека цела администрација била вмровска и дека оние од ДУИ ич не ги бивало. Може е така, ама не видов и дека од СДСМ нешто многу ги бива. Или барем дека ја зграпчиле шансата навистина да ја променат Македонија во земја достојна за ЕУ. Без услови од надвор.

Доста веќе со виртуелни планови „3-6-9“. На вицепремиерот Бујар Османи веќе не му важи ни „Планот 18“. Оти од Брисел ни ги скратија бројките. На сила е „План 12“. И нема оправдание за натамошно барање оправданија.

4 Оние што емотивно реагираат на условениот датум и промената на името на државата викаат: „Не ни треба ЕУ, сами да си ја оправиме државата“.

Фин е тој егоцентризам, небаре ние сме светската сила која само треба да реши да си го исчисти ѓубрето и да фати чекор со групата 7 најразвиени земји, плус Русија, и ЕУ и НАТО ќе играат како што ние сме решиле.

Од каде им е само идејата дека ние сами ќе сме си ја оправеле државата? Кога ние нешто сме направиле сами од 1941 до денеска? Поназад да не се враќаме. Ќе се зафатеа ли да нѐ решаваат да сме можеле сами? Во иста недела Америка три пати фати да расправа за Македонија на највисоко ниво. Германскиот министер за Европа Михаел Рот се караше со Французите за датумот, небаре Ангела Меркел е позагрижена за Македонија од Ѓорге Иванов.

Башка, суровата вистина е дека ни САД, ни Германија, ни Франција, ни Холандија, како впрочем ни Русија, ни Турција не решаваат за нас. Не решаваат ни за Грција. Решаваат за себе. Тие се пријатели на Македонија до онаа граница до која интересите на Македонија се вклопуваат во нивните интереси. И сега љубезно ни викаат: „Наш интерес е да сте во НАТО и ЕУ и гледајте тоа да го искористите“.

Синким од потписот на Ѓорге Иванов зависи влезот во НАТО. И од нашиот национален романтизам за името и од чувството на навреда оти ни поставиле услови за датум.

ЕУ и НАТО јасно порачаа: Завршете си ја домашната. Најдете кој го организираше нападот на Собранието. Сместете ги во затвор крадците и тие што прислушуваа пола држава. Ослободете го судството од партиска зависност. Пополнете ѝ го работното време на администрацијата да нема време да мисли само на партијата што ја поставила. И откако ја совладавте најголемата пречка за да се расчисти патот до ЕУ – спорот за името со Грција – фатете се за работа.

И така навредени и понижени тргнете на плажа. И кога ќе се враќате да не заборавите да си побарате поврат на „такс фри“ на Евзони. Имате време, барем до крај на септември, на формуларот гордо да си се напишете ФИРОМ.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари