ЗАМИСЛИ ИДНИНА

Дали сакаш еднаш засекогаш да го затвориш прашањето за сопственото постоење? - Да? Или можеби, не.

ЗАМИСЛИ ИДНИНА

1 Европската унија ја започна кампањата за референдумот за името во Македонија со наслов „Можеш ли да замислиш иднина заедно?“. Кампањата е за нив. Оти тие се прашуваат дали можат да замислат иднина заедно со нас. Да беше кампањата правена за нас, прашањето требаше да биде: „Можеш ли да замислиш иднина?“. Попрецизно, можеш ли да замислиш иднина воопшто, со сите катастрофични сценарија кои ги негуваме и со нагонот за самоуништување што го јакнеме со векови?

Еј, Европска унија почна кампања да нѐ убедува дека ќе ни било поубаво во нивно друштво. Ќе ви дадеме уште 150 милиони евра за да ви го подобриме животот во местата во кои живеете. Амбасадорите на земјите членки на ЕУ ќе одат од град до град и ќе ги учат градоначалниците како да ги потрошат парите од ЕУ за подобар живот на нивните сограѓани. Ќе им викаат, ви направивме локални патишта, канализации, ви исчистивме канали, ви реновиравме градинки, ви реставриравме цркви, џамии, ви дадовме болнички кревети, амбулантни и пожаникарски коли… И ѓубрето ви го чистиме оти сте прости и мрзливи. Зарем уште треба да ве убедуваме дека ќе ви биде пофино во нашето семејство?

И САД упорно ни повторуваат дека 25 години ни се пријатели. До толку пријатели, што и како Република Македонија нѐ признаа. И упорно нѐ убедуваат дека и натаму ќе ни бидат пријатели. И дека ќе продолжат да нѐ поддржуваат и во иднина, како Република Северна Македонија. И тие ќе продолжат да ни го чистат ѓубрето. Ќе ни го оправаат судството, ќе ни даваат стипендии за младите, ќе ни го модернизираат земјоделието, ќе ни реновираат болници, ќе ни купуваат опрема за војската и за полицијата, ќе ни ги заштитуваат археолошките локалитети.

Здосадија со упорното повторување дека со Договорот со Грција македонскиот идентитет е неспорен и дека македонскиот јазик е признат. И плус, дека со членството во НАТО досега непријателски расположените соседи Грција и Бугарија ќе ни станат сојузници. Кои ќе имаат обврска да го штитат и нашиот суверенитет и интегритет.

Ама – не. Ние не сакаме во ЕУ и НАТО. Зошто? Затоа што Македонската филхармонија ќе се вика Филхармонија на Северна Македонија.

2И кога веќе Европската унија нѐ прашува: „Можеш ли да замислиш иднина заедно?“, ајде и ние уште еднаш да си ги поставиме прашањата што ни прават дилеми пред да одговориме на прашањето „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција?“.

Да почнеме со ред.

– Дали спорот за името со Грција беше глупав уште на самиот почеток? – Да.

– Дали пoради противењето на Грција одвај успеавме да станеме членка на Обединетите нации и тоа со привремено име Поранешна југословенска Република Македонија? – Да.

– Дали ни се допаѓа името ПЈРМакедонија?  – Не.

– Дали во 1995 година нашата држава прифати преговори со Грција под покровителство на ОН?  – Да.

– Дали преговорите сме ги прифатиле со ќеф? – Не.

– Дали преговорите биле за промена на името?  – Да.

– Дали од 1995 година до денеска за промена на името преговарале сите македонски влади, и вмровски и сдсмовски? – Да.

– Дали преговорите морале да завршат со промена на името? – Да.

– Дали ВМРО-ДПМНЕ сите години додека и нивните влади преговараа за името викаше дека каков и да се постигне договор со Грција, конечното решение ќе оди на референдум? – Да.

И еве, се постигнало некое решение за име Република Северна Македонија со македонски јазик и со македонска нација/државјанин на Северна Македонија.

– Дали ви се допаѓа името Северна Македонија? – Не.

– Дали ви се допаѓа тоа што јазикот насекаде ќе биде признат како македонски? – Да.

– Дали овој дел во кој живееме го зафаќа северниот дел од поширокото географско подрачје што се вика Македонија? – Да.

– Дали само на овој, северен дел од големата Македонија, македонскиот народ во Втората светска војна се изборил за сопствена држава? – Да.

– Дали само во оваа држава јазикот што го зборуваат Македонците се вика македонски? – Да.

– Дали можеме да почнеме преговори за влез во ЕУ без промена на името? – Не.

– Дали можеме да бидеме членка на НАТО без промена на името? – Не.

– Сакате ли во ЕУ? – Да. Или, можеби, не.

– Сакате ли во НАТО? – Да. Или, можеби, не.

– Дали можеме да влеземе во ЕУ и НАТО со името ПЈРМ? – Не.

– Дали можеме да влеземе во ЕУ и НАТО со името Република Македонија? – Не.

– Дали сакате да живеете во изолација? – Не.

– Дали сакате да живеете побогато? – Да.

– Дали сакате да живеете побезбедно? Еднаш засекогаш да се затвори онаа „Делете ја, парчете ја…“.  – Да.

– Дали сакате поделба на државата или разграничување помеѓу Македонци и Албанци? – Не.

– Дали сте спремни за војна со комшиите и пријателите? – Не. Или, можеби, да.

И ако на сите овие прашања лефтерно одговорите со „некои прашања не заслужуваат одговор“, еве ви уште неколку:

– Сакате ли тие што 11 години краделе да не одат во затвор? – Не. Или, можеби да?

– Сакате ли тие што 11 години ве крадеа и ве прислушуваа да продолжат да крадат и да прислушуваат? – Не. Или, можеби, да.

– Сакате ли принципот на неказнивост на владејачката елита да остане и во иднина, па секоја нова власт да може да краде и да не одговара за тоа? – Не.

– Ако не ви се допаѓа името Северна Македонија, кое име би ви се допаѓало да влеземе во ЕУ и НАТО?

– Ако не сакате НАТО да ви ја гарантира безбедноста, кој друг би сакале да ви ја гарантира?

– Ако не ви се допаѓаат ЕУ и НАТО, што ви се допаѓа? – Швајцарија.

– Кога викате дека сме можеле да бидеме како Швајцарија, без ЕУ и НАТО, знаете ли дека и Швајцарците ни го чистат ѓубрето оти сами сме неспособни да си го исчистиме? Да. За ѓубрето зборам, а не за милионите и милионите франци што секоја година влегуваат во Македонија како помош за неразвиени земји, од земјоделие и туризам, до јакнење на државни институции.

– Дали знаете дека во Швајцарија на референдум се одлучува и какви чадори ќе се носат ако утре врне? И тоа со консензус мора да биде прифатено?  – Не.

– Дали знаете дека Швајцарија е составена од 26 кантони и дека во државата се признати четири официјални јазици? – Не. Или, можеби, да, ама тоа не ни одговара.

3 Разбирам зошто ВМРО-ДПМНЕ поддржува бојкот на референдумот, иако им се полни устите со ЕУ и НАТО. Оти влезот во ЕУ и НАТО сигурно нема да ги спаси Груевски и злосторничкото здружение од затвор. Ама, не можам да ги разберам оние што повикуваат на бојкот за инает на Заев. Ова не се избори, па да се казнува СДСМ и да се награди ВМРО-ДПМНЕ. Бојкот за инает на ЕУ. За инает на САД. За инает на Грција. За инает на Анѓушев.  За инает на Али Ахмети. За инает на гасоводот на Водно. За инает на комарците.

Не, бре. За инает на себеси бојкотирате.

4 И уште едно прашање.

– Дали сакаш еднаш засекогаш да го затвориш прашањето за сопственото постоење? – Да? Или можеби, не.

Мислите ли дека ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе дојде повторно на власт, ќе може да испреговара нов договор со Грција, со помош на ЕУ и САД и повторно ќе го покрене механизмот на Обединети нации? Советот за безбедност на ОН ќе заседава пак за Македонија? До лани беа на власт. И не направија договор.

Што мислите, за што ќе биде тој договор ако повторно треба да се вклучи целата машинерија на ЕУ, НАТО, САД, Велика Британија, Германија… За името? Или за поделба на државата?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари