ЗАСЛУЖЕН ОДМОР

Личниот пример не се дава со пишување статуси на Фејсбук

ЗАСЛУЖЕН ОДМОР

1 Не можам да сфатам со каква леснотија си даваат оставка политичарите по светот. Па тие не се нормални. Германскиот пратеник од коалицијата на Меркел што зел пари од ВМРО-ДПМНЕ за да лобира за Груевски, си даде оставка уште вечерта, само што дознал дека му се влезени во трагата. Не дочека ни да му се појави името по весници. Две пратенички во Парламентот на Канада си дадоа оставки оти ги фатиле дека патувале во странство, додека во нивната земја биле на сила рестриктивни мерки за движење поради пандемијата.

Нема што тука да се дообјаснуваат, вака било, онака било, имало конфликт на интереси, немало, законски било, не било, имал право на одмор… Од партијата викаат – баш фино, тоа е добро за партијата, ги снемува од политиката и животот си тече понатаму.

Замислете, сега Ангела Меркел да излезе и да каже: „Не знам што било тоа со пратеникот, ама ако зел педесетина илјади евра од ВМРО-ДПМНЕ сигурно не му текнало туку-така да ги земе, морало да има некаква причина. А и сигурно си ги одработил“. Исто како нашиот Заев што го правдаше советникот Драги Рашковски дека не му текнало туку-така, додека бил генерален секретар на Владата, да си го купи софтверот направен по негова идеја за 81.000 евра, оти сигурно морало да има некоја причина зошто го купил. Башка што е и паметен, па има идеи.

Замислете, Ангела Меркел да си го постави пратеникот што лобирал за Груевски за советник во Кабинетот и да продолжи да се дообјаснува пред медиумите: „Па, нема белким да го оставиме човекот на улица. Мора лепче за дечињата да има, тоа било уште во 2016, веќе ги потрошил парите, скап е животот во Германија“.

А за оние во Канада, Кабинетот на премиерот ќе издаде соопштение дека „немаат намера да им бараат оставки оти посветено си ја вршат работата“. И „никому не му е забрането да излегува од земјата“. Исто како што Кабинетот на премиерот Заев го правдаше патувањето на вицепремиерот Љупчо Николовски во Дубаи.

2 Фали само уште ВМРО-ДПМНЕ да се појави со неколку соопштенија, две-три прес-конференции на Антонијо Милошоски и ноќни драматични фејсбук статуси на Христијан Мицкоски. За да ни укаже дека откритието на германскиот печат за пратеникот што ги трошел парите од нивната членарина е обид за дефокусирање на јавноста од предавничките политики на Зоран Заев, неспособноста на Филипче да купи вакцини, умрените од ковид-19, пописот, софтверот на Рашковски и уште илјада катастрофи што не можат ни да се замислат, а што натежнале врз главите на овој страдален и напатен народ.

3 Којзнае колку пари изнеле Груевски и компанија од земјата. Којзнае колку ли чинат консултантските услуги во Будимпешта.

Може и 80-те илјади за софтверот по идеја на Рашковски се ништо во однос на милионите кои ги трошеа Груевски и компанијата. Може и неговите плацеви што ги купуваа други во негово име беа „за џабалак“, а патот на Рашковски до Мексико е па ептен џабалак и затоа тоа не е никава сензација. Па и патувањето на вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски за Дубаи не е сензација, оти и тој има загарантирано право на одмор како другите граѓани. Со личен пример ја започна кампањата против корупција „за да се предизвика соодветна општествена промена за која нема дилеми дека е неопходна“.

Сѐ е по закон шефе. Кај нас важат законите што се напишани на хартија. А моралните закони не важат.

4 Муабетот не е ни до Дубаи, не е ни до Мексико. И до Халкидики да отидеа во ова време – невреме, исто ќе беше. Не е муабетот ни за парите, ни до тоа колку е скапо, или евтино. И најмалку е до тоа дека „секој има право на одмор“.

Едноставно е. Треба да се даде личен пример. Кога си на јавна функција, особено на висока позиција, политички е коректно да покажеш солидарност со граѓанките и граѓаните кога им е тешко. Не е баш коректно во ек на трет бран на пандемија, додека луѓе молат за преглед и слободен болнички кревет, се губат работни места, лекарите и сестрите се истоштени и физички и психички, свадби се одложуваат, на погреб не можеш да одиш да се збогуваш со покојниците и сите ние веќе не можеме да земеме душа, да си заминеш во странство оти – „секој има право на одмор“.

Како утре да го сфатиме сериозно вицепремиерот Николовски кога вели „нема компромис со здравјето на граѓаните“ и „нема компромис во битката со корупцијата“, ако во еден тежок момент сме се почувствувале изневерени и напуштени. Ова ти е слично како да имаш некој тежок болен во семејството, а друг изгубил работа и нема плата, а тебе баш ти е гајле и си тераш ќеф, оти „секој има право на одмор“.

Никому не е забрането да си тера ќеф и да си ја троши платата како сака.  Ама,  ако си на јавна функција, луѓето очекуваат во тебе да видат модел на однесување, особено во криза како што е оваа. Личниот пример не се дава со пишување статуси на Фејсбук колку тони путер со изминат рок фатила инспекцијата и колку кафеани се затворени поради непочитување на ковид мерките. Личниот пример се дава како се однесуваш. Дури и во своето приватно време.

На крајот на краиштата, човечки е и да згрешиш. И поарно ќе му беше на Љупчо да се извини и да каже „Згрешив“, отколку да ги остави партиските подлизурковци да го бранат. Тоа беше уште попоразително. А од Рашковски не ни очекувам да се извини.

5 Грда е сликата на петорица мажи кои позираат во празна сала на ракометен натпревар кои таму влегле само затоа што се партиски функционери и директори (и нивни блиски) – пратеник, градоначалник, директор на зоолошка, директор на затвор и брат на градоначалникот. Па после, отидоа во полиција и си платија казна – институциите функционираат. Толку ли не им текна да се солидаризираат со сите што не можат да влезат на натпревар цела година, што музичарите немаат ниеден концерт, што се откажуваат фестивали, културни манифестации? Толку ли партијата им дала моќ што им го зела умот, па самите си се пофалија на социјалните мрежи како позираат на празните трибини?

Што ли си мислат кога нивниот лидер Заев им најавува „пролетна офанзива за нов пресврт во политичкото делување на СДСМ и на Северна Македонија“? И дали го сфаќаат сериозно кога, како единствен кандидат за претседател на партијата им најавува и „промена на менталитетот на политичките партии“?

Не ми е јасно само како по она раскалашно однесување и безочно трошење што го гледавме кај вмровската елита, ни по пет години на СДСМ не им доаѓа памет дека на вакви работи се губат избори. Се сеќавате? Вмровските гласачи не се потресуваа многу на муабетите „Миле ми текна“, на милионите и процентите што се споменуваа во разговорите, шамарите, лудаците, ендеците, чоколадите и лебот. Дури и веруваа во приказните за жолтите комбиња сѐ додека не го слушнаа муабетот за мерцедесот, за телевизорчињата за децата, за масажерите на седиштата…

Чиј менталитет ќе менува Заев? Па јас сум уверен дека оние петорицана што сами се сликаа уште се убедени дека не направиле ништо страшно кога сами гледале ракомет во празна сала. Дури и си мислат дека ние што прашуваме и што се чудиме на нивниот безобразук сме фрустрирани, оти им завидуваме и немаме попаметна работа во животот. Не знаеме ни евтини хотели во Мексико на букинг.ком да си најдеме.

6 Заев најавува и дека партиската книшка не заштитува никого. За СДСМ – ќе видиме. Ама партиската книшка на ДУИ и тоа како заштитува. Таа ти дава поголема заштита дури и од заштитата што кралицата му ја дава на Џејмс Бонд.

Замислете, конечно го разрешија директорот на Струшката болница Мухамед Асани, што прегледуваше дома во нелегална гинеколошка ординација и што на родилка од Дебар со царски рез ѝ извадил и матка и јајник и еден бубрег.

Да не мислите дека така лесно ќе помине ДУИ преку оваа кадровска загуба? Сега ќе видите како неговото сменување ќе го трампа за уште две-три директорски места. А не би ме зачудило во некоја идна реконструкција на Влада, струшкиот доктор да го видиме и како директор на новиот клинички центар во изградба. Или заменик министер за здравство. Не дека не е стручен. Тој стручно ги извадил органите, ама сепак да не претеруваме – би било премногу безобразно дури и за ДУИ да го предложат за министер.

АУДИО ИЗЈАВА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира