ЗЕЛЕНОТО НЕ Е ЗЕЛЕНО

Корупцијата убива? Е па, ете. Убива.

    ЗЕЛЕНОТО НЕ Е ЗЕЛЕНО

    1 Уште пред да ги пуштам децата да одат сами на школо, секој пат на улица по сто пати им повторував: ќе поминуваш само на пешачки премин и ќе чекаш да се запали зелено светло на семафорот.  Арно ама, кај нас ни зеленото светло не е зелено. Исто како што ни пешачкиот премин не е пешачки, тротоарот не е тротоар, десната лента од булеварите не е улица туку паркинг, а ни камерите не се камери оти не снимаат, а и кога снимаат снимките се бришат.

    Се плашам дека ќе се заборави и убиството на 22-годишната девојка, прегазена поминувајќи на пешачки на еден од најпрометните булевари во Скопје, како што се заборавија и десетина претходни слични трагедии. Сега ќе се изнаслушаме серија префрлања на вината од една на друга институција и серија оправдувања, сѐ додека аздисаниот 20-годишник кој ја прегази не излезе од затвор, па ќе се молиме да не нѐ отепа и нас.

    Убиецот возел без дозвола, со над 120 километри на час среде град, поминал на црвено, бил пијан, на 16 години со кола удрил друга жена, бил осуден за дилање дрога, ама не бил в затвор. Сигурно го ослободувале оти „греота е детето, греота се родителите“. Оти, девојкава што беше убиена на пешачки премин не е греота? И нејзините родители не се греота?

    Менталната матрица на бескрупулозните не ја регистрира болката на другите. А ние живееме во држава во која владеат баш бескрупулозните. Не само на улиците, туку насекаде во системот. И секој ден нѐ победуваат. Штом тие неказнето ни ја загрозуваат безбедноста и на пешачки премин, што да очекуваме понатаму за истерување правда на суд, на работа, или за добро образование, здравство, урбанизам, чист воздух и вода…

    Сите надежи за правда пропаднаа кога Собранието ја озакони неказнивоста за политичките функционери.

    Какви морални вредности имало 20-годишно момче, кога секоја грешка му поминувала неказнето? Па така станал убиец пуштен на улица како темпирана бомба.

    Неказнивоста се охрабрува. Колку полицајци-телохранители на политичари отепаа луѓе во сообраќајки и никогаш не се осудени? И ова убиство е резултат на серија корумпирани одлуки што го забрзуваат моралното пропаѓање на општеството.

    Корупцијата убива? Е па, ете. Убива.

    2 Ионака е земјава без морален компас, па ајде тогаш да ги укинеме и Етика и Логика во гимназиите и да ја закопаме и последната надеж дека децата во школо ќе учат како да станат здрави граѓани.

    Реформата на средното образование е уште во фаза на јавна расправа, ама имајќи го предвид мисловниот капацитет на пратениците ограничен од партијата, ништо чудно овој предлог и да помине.

    Министерката за образование, професорката Весна Јаневска вели дека „со укинување на предметите Етика и Логика нема да се спречи формирањето на критичка мисла кај децата, бидејќи критичка мисла многу повеќе се формира преку математика, хемија и други природни науки каде што има мисловен процес, а не учење како кај философија, социологија, етика и логика и други општествени науки“.

    Значи со математика, физика и хемија децата ќе научат како се прави нуклеарна бомба, ама нема да знаат дали е етички да се употреби.

    Има логика? Или нема?

    3 На свечената академија во Македонскиот народен театар по повод српскиот празник Свети Сава, во публиката во првиот ред седеа премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ Венко Филипче, а претседателот на Република Српска Милорад Додик во говорот им кажуваше дека масакрот врз муслиманското население во Сребреница не е геноцид, дека НАТО е злосторничка организација и дека Путин морал да ја нападне Украина за да го заштити рускиот народ.

    Ми текна дека грчката амбасадорка направи меѓународен скандал, кога стана и го напушти Собранието во истиот момент кога новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во заклетвата на инаугурацијата не ја спомена „Северна“. А премиерот и шефот на опозицијата го слушаа гостинот како им ја дестабилизира државата, му аплаудираа и си отседоа до крај да го слушаат и вицепремиерот Иван Стоилковиќ кој им го величаше српскиот претседател Александар Вучиќ како носител на мирот и стабилноста во регионот.

    Другиот ден премиерот Мицкоски, на прес-конференција, на новинарско прашање одговори дека не очекувал од Додик оти ќе го злоупотреби настанот за да праќа такви политички пораки.

    А што можеш да очекуваш од Додик, ставен на неколку црни листи на САД по неколку основи, од поткопување на суверенитетот на Босна и Херцеговина до корупција?

    По два дена од прославата, Венко Филипче рече дека пораките на Додик се опасни и загрижувачки и праша дали безбедносните служби знаеле кој доаѓа и што ќе зборува. Шефот на опозицијата реагираше откако Мицкоски кажа дека е изненаден. Два дена му требаа да се разбуди. Се штрекна од сопствениот аплауз.

    4 На новинарско прашање како државата ќе ги привлече ИТ експертите да работат во јавниот сектор, премиерот Мицкоски рече дека „Сѐ уште има патриоти што сакаат да работат за државата и по цена платата да им биде пониска од приватниот сектор“.

    Значи патриотите – информатичари се спремни да работат за мали пари. За разлика од партиските патриоти, на кои им се измислуваат работни места за да работат за големи пари. Со наши пари.

    Едни се мачат за државата. А други ја мачат државата.

    5 Што се случи со убиената мечка од фотосесијата на заменик-директорот на ЈП „Македонија пат“? Уште ли ја сецираат да видат дали некој ја пукал, или ја удрил со кола? Да не се чека ексхумација за патолошка форензика? Или ја чуваат во некој фрижидер за колбаси?

    Веројатно сме прва земја во светот во која власта се обидува да заташка убиство на мечка.

    АУДИО ПОДКАСТ

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира