ЖИВОТОТ Е ПЕСНА

Американците решија да ни ги реновираат и спомениците од Втората светска војна. Изгледа дека тие имаат повеќе свест за значењето што антифашизмот го има за нашата држава отколку сите наши власти заедно.

ЖИВОТОТ Е ПЕСНА

1 Централната прослава на 11 Октомври, Денот на народното востание против фашизмот се одбележува уникатно. Неколку години, делегациите не положуваат цвеќе пред споменикот Македонка на Спомен-костурницата во Куманово каде лежат коските на над 300 борци, туку – зад споменикот. Претседатели, премиери, министри доаѓаат секоја година да им се поклонат на борците што во антифашистичкатата војна загинале за слободна Македонија, а не гледаат дека целиот споменичен комплекс се распаѓа. Па власта се досетила како да скрие дека е украден дел од бакарниот релјеф, нема една плоча со имињата на паднатите борци, а патеките и тревните и цветни површини што водат до споменикот се уништени. Затоа, многу нелогично, како што се пожалија од Сојузот на борци, делегациите доаѓаат одзади, а и целата претстава сосе говоранции и музика се одвива зад грбот на Македонка. Одзади колку-толку плочникот е во добра состојба, па уште и кога ќе му фрлиш згора една црвена патека, таман е за да се покрие срамот.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска најави дека Министерството за 2023 година подготвува „еден вид национална стратегија за реставрација, освежување и секаков вид поправки на спомениците од Народноослободителната борба и војната против фашизмот“.

Добога, зарем треба стратегија за одржување на споменици? Зошто едноставно, Општините не се грижат за спомениците што се на нивната територија? Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски не гледа во каква состојба е и споменикот и околината на комплексот. Зарем национална стратегија треба за косење трева, лепење плочки, садење цвеќиња и чуварска служба? Нели, Прилеп и Куманово се конкуренција каде пукнала првата пушка? Изгледа во Прилеп била, оти таму Могилата на непобедените е средена. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска од прозорецот на својот кабинет може да види дека постаментите од кои се украдени бистите на Никола Вапцаров и Коле Неделковски веќе две недели лежат урнати во Градскиот парк. И таа ја чека стратегијата на Бисера.

Распадната е и куќата во село Подвис, Кичевско, каде на првата ослободена територија партизаните организирале настава за децата од Копачијата на македонски јазик. Ова се случило на 23 септември 1943, речиси цела година пред АСНОМ. Останата е само спомен-плочата што е продупена со ловџиски куршум, што некој ја засолнил во визбата. Куќата е заведена како културно наследство во 1978 година.

Јас не знам држава која толку немарно се однесува кон своите споменици. Многу пострашно е тоа што и централната и локалните власти безгрижно оставија да се распаднат спомениците на антифашистичката борба, кои не се само ретки архитектонски и уметнички дела, туку и паметници за суштината на македонската државност извојувана од антифашистичките борци.

Додека ја чекаме стратегијата и координацијата на четири институции во 2023, Споменикот на слободата во Кочaни во знак на сеќавање на историските борби на македонскиот народ од Илинденското востание до народноослободителната борба, ќе се реставрира со грант од 254.300 долари од Амбасадорскиот фонд на САД. Откако со Амбасадорскиот фонд ни ги изреновираа античките и средновековните споменици, сега Американците решија да ни ги реновираат и спомениците од Втората светска војна. Изгледа дека тие имаат повеќе свест за значењето што антифашизмот го има за нашата држава отколку сите наши власти заедно. Особено во овој момент.

2 Какво време дојде со бугарското европско вето, додека со сјај во очите одиме кон ЕУ, сега секој празник ќе треба да се плашиме која песна ќе се пее, дали сите стихови ќе се отпејат и која е правилната верзија. Барем до 2030 година кога, како што вика премиерот, ќе ја дочекаме светлата европска перспектива. Тогаш нема да мораме ни да пееме, оти ионака животот ќе ни биде песна.

3 Европската визија го губи сјајот и на нејзино место повторно се појави национализмот, рече поранешниот грчки премиер Јорго Папандреу, чиј извештај за ЕУ перспективите на Западен Балкан го усвои Парламентарното Собрание на Советот на Европа во Стразбур. Во извештајот стои дека „сè поголем број луѓе, посебно помлади, мислат дека европската перспектива никогаш нема да се материјализира“.

Неговата сонародничка, поранешната министерка за надворешни работи Дора Бакојани, беше уште подиректна. „Времето за Западен Балкан истекува. ЕУ мора да дејствува веднаш“, рече Бакојани и доби аплауз во Советот на Европа.

Ќе беше чесно Папандреу и Бакојани да проговереа и за својата одговорност зошто Балканот 30 години се држи во бункер. Самите тие, како политичари, се виновни што 30 години на Македонија ѝ ја убиваа надежта во европерспективата со бесмислениот спор за името. Ја отворија европската врата на Бугарија за уште побесмислен спор за јазикот и националниот идентитет.

И сега, Папандреу се жали дека „европските изгледи слабеат, сè повеќе се забележува нова геополитизација на регионот со трети страни кои се борат за влијание и продлабочување на постоечките пукнатини“.

Па Грција ја отвори пукнатината. Бугарија сега само ја продлабочува.

И уште викаат: ЕУ мора да дејствува веднаш. А ЕУ дејствува на тој начин што бара вторпат да менуваш Устав, да прифатиш дека соседна земја може да ти каже како да се викаш, на кој јазик зборуваш и дали постоиш или не. Затоа што ти си надвор, а тие се внатре.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира