1 Му благодарам на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски што ме врати во младоста. Кога ја гледав прес-конференцијата на која ги соопштуваше резултатите од изборите си се вратив во 1994. Тогаш, кога претседателот на ДИК ги читаше бројките на добиените гласови и процентите, а новинарите си запишуваа во трефтерчињата и потоа трчаа да најдат фиксен телефон за кој прв ќе ги издиктира резултатите во редакција.
Замислете да му дадат на Дерковски да спроведува попис. Па кога ќе почне да ги чита сите бројки по општини, села, населени места, луѓе, говеда, овци, коли, камиони, семејства, иселени… Додека ги изреди сите, некои ќе умрат, други ќе се родат. И резултатите – неважечки.
А само недела дена пред изборите, Дерковски решил да ја смени апликацијата за електронска евиденција „за да го убрзаат процесот“. И од брзање, не стигнале да го тестираат ни серверот колку посети може да издржи. Па, кога ноќта по затворањето на гласачките места серверот падна, тие се посомневале дека бил нападнат однадвор. Ама во полиција пријавиле дури другиот ден, оти не може сега и со тоа да се занимаваат, имале многу работа. И нема да ја подигаат страницата на серверот, оти МВР им забранило да ги објавуваат резултатите од гласањето додека трае истрагата. Небаре хакерите оставиле траги на серверот, па истрагата ќе ги обезбедува доказите со истите инспектори што одеа да ги бришат снимките од камерите од кафеаната и од теретаната во кои одеше Мицкоски.
Во земја на дилетанти, кои многу често се и лакоми за пари, во која и летен дожд со малку повеќе фантазија има тендеција да се претвори во теорија на заговор, нормално е кога ќе падне официјалната страна на институцијата што ги брои гласовите веднаш да се фрли сомнеж за местење на изборите. Особено што и претседателот на ДИК не е баш некој наивен бирократ што строго пази на законитоста, оти го чувме во бомбите како прима наредби од Миле Јанакиески за местенки на изборите 2013. А и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, на кого му го пријавил нападот, е од неговата партија.
Компромитирана е институцијата. Но, компромитиран е и целиот демократски процес.
И нормално е кога нема официјални податоци од државна институција, секоја партија да си прогласи победа. Имавме среќа дека сите во исто време не излегоа да слават победа, па не се испотепаа меѓу себе.
И нормално е за сето ова никој да не одговара. Би било чудно некој да одговара. Впрочем, кој одговорал тука за нешто, а е заштитен од партијата што го поставила?
Башка, голема работа, паднал серверот. Не се расипал лифтот.
2 Резултатите од изборите покажаа дека немало некоја којзнае каква потреба за промена на досегашната власт.
Граѓанин кој е крајно незадоволен и разочаран излегува да гласа за промени. Кога има масовно незадоволство, тогаш и луѓето масовно излегуваат на избори. Излезе дека на многумина не им било многу важно да си го остварат своето граѓанско право да поддржат некого, или да казнат. Им било сеедно.
Ако и овојпат направи Влада, СДСМ ќе ја има последната шанса за вистински промени, да успее да изгради едно општество за сите, како што ветуваше Заев уште во 2016. Ама, едно општество за сите не значи само да се надмине етничката поделба. Најголемото незадоволство доаѓа од тоа што не се не обиде ја ја надмине главната поделба – на партиски привилегирани и други. Затоа можеби на многумина на 15 јули им било сеедно.
3 Не е толку страшна малата излезност на изборите, колку што ме вознемирува дека и во третата деценија на 21 век, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ одеа со кампања што велича вредности од 19 век.
Прославувајќи ја победата со калашникови, ДУИ инсистира на Албанец за премиер и тоа го продава како европска вредност. Зборат за заедништво и европска иднина, а за премиерот на државата најважна им е етничката припадност. Не кажаа само дали во Владата смее да има и Евреин, на пример, ако веќе мора да има Македонци.
Видовме ние какви се европските вредности на ДУИ. И диви платформи на Матка и диви плажи во Струга и дива пицерија во Охрид и најмалку 1.500 нивни сигурни гласачи и нивни семејства и пријатели на кои сите им ја плаќаме платата за да не доаѓаат на работа. Со такво беговско однесување кон рајата Али Ахмети ќе успее и од најголемите космополити, на кои баш им е гајле за етничкото потекло на комшијата што го бива да биде премиер, да направи националисти.
Христијан Мицкоски смисли како поразот на ВМРО-ДПМНЕ да го преформулира во победа над СДСМ. Тој ги вади гласовите на Беса од коалицијата „Можеме“, оти тие не се гласови на Македонци и не треба да се бројат. Тогаш зошто не ги извади и гласовите на Бошњаците, Власите, Ромите, Србите, Турците што се дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ? Или тие му се како „човечињата од Пустец“. Донесени да „се држат за рачиња и да си гласаат“ за тој да го носи крстот на македонштината. Против заедничкиот непријател – Албанците и СДСМ.
И Мицкоски и Ахмети зборуваат за заедничка иднина. Ама за секој случај да си се постават и едниот и другиот за победник, секој кај своите.
4 На овие избори партијата Левица со освоени 37.000 гласа доби две пратенички места. Во Собранието покрај ВМРО-ДПМНЕ како модерна европска десничарска партија, ќе имаме и лева десничарска партија.
Лидерот на Левица Димитар Апасиев го збори тоа што десницата сака да го чуе. Тоа што Мицкоски вели дека сто пати го има кажано и дека не сака сто пати да го повторува. А никогаш нема ништо кажано.
На Апасиев му претстои блескава политичка кариера. Тој ќе го кажува јавно тоа што Мицкоски го мисли, ама се плаши да го каже. Апасиев ќе биде радикалното крило на десната популистичка контрареволуција. Левица ќе му даде руски шмек на британскиот хумор на ВМРО-ДПМНЕ.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST